Штамата на Енхалон

01.12.2015 11:39
Штамата на Енхалон

 

Приказната за цајканот клен и раскрсницата со расипан семафор

 

Еднаш, порано по Стругава нон-стоп можеше да се сретнит еден чоек. Го викаа Номче. Пустиот кога и да го сретневме не знаеше ни кој месец сме од шо беше нон-стоп „клен“ напраен. Истиот тој праеше триста будали во еден ден во зависност од филмот шо му се нудеше. Најчесто изиграваше цајкан на она раскрсницана шо е ко че влезиш во Струга од кај бензискана. Земаше едно свирче и само фучеше по то колите. За некое чудо никој ништо не му викаше, ама никој не го ни примејчаше да биме искрени.

Еднаш, не знам кој ден беше, си појдов ја кај Свотон мој сред бел ден – демек кафе да се напија и на крај ја напрајвме големата и кафето стана еквивалентно на десетина пива. Си тргнав накај дома и случајно поминвам од кај раскрсницата и ко че го вида Номче пафтат со рацете лево-десно, се дует и свирит со то свирчето. Коли идет од сите страни. Седнав покрај раскрсницата и се загледав во него, му ги пратам движењава и се труда со сите мој координаторски способности да најдам некоја шема, некаков код – шо ја знам. Седев така едно пет минути и по долги напрегања свајча уствари дека чоеков не пафтат со рацете за без везе, тук дека стварно во то шо го прајт диктират совршени правила на игра. Овде можам да си ја кажа омилената изрека: Арно ама шо дека! Коливе возет и никој не го фермат на пусти Номче. Ја импулсивен по принудна природа, станав и појдов кај него среде раскрсница. Почнав и ја да мафта по коливе, да се дера дека чоекот е во право и дека ако сите го следет – веројатноста да се настрадат е многу помала. Џабе! Никој не ме фермат ни мене и исто ко да не постоја си поминвет коливе која како че ѝ текнит.

Се разбудив вечерта дома в кревет. Глава – тапан. Одвај се сејчава како сум стигнал до дома. Се напив некој ап и пак легнав. Сабајлето трнав пак накај Свотон мој – овај пат за стварно кафето да си го испијам и поминав од раскрсницата. Номче го немаше, колите фучеја и поминвеја како че им текнит како и обично. Семафорот нормално не работеше, како и шо беше од ко знам за мене. Појдов кај Свотот и приказната на мојот живот си продолжи понатаму.

Пустиот семафор уште не работат, ако е единствен во Струга. Номче умре – го најдоа во неговиот празен стан на „Ристо Крле“, спружен врз картоните на паркетот. Убав чоек си беше – по малце несмасен. Денски цепеше дрва – нојче пијаше сѐ. Сега седам и си мислам „Ех да беше жив! Работите че беја поинаку. За најсигурно знам дека една че беше поразлична, а то е дека: да беше меѓу живите можда немаше да се десет сообрајчајките шо се десија од ко умре. Ама то е... сè мислата ме терат на то дека на Струга ѝ требит нов хроничен пијаница – и така скапо е денес да стајш семафор.“

 

Ристо Крле и баба му

Седевме летото покрај Дрим. Се капевме. Јас, Воланд кој личит како Јован Крстител татко да му е и Н. - чоек на кого некој работи едноставно му се случвет. Се капиме така и се бафтаме во водата. На горната страна на кејот висит споменикон на Крле. Започнуваме џежок муабет за него, па дури и смисливме и филмско сценарио за „Парите се отепувачка“.

- Ееее, брат, драмава е за баба напишана? – викат наеднаш Н. а ние му се пулиме и го меркаме чудно.
- Како бе за баба ти? - му вела ја.
- Така бе брат, овај Крле, уствари бил некаде и требело нејзе пари за лекој да и донесит, ама овај ги поебал парите и таа умрела.
- Ти бе салам си! - му викат Воланд и на кратко му ја раскажвиме вистинската приказна, онаа дека се враjчат синот, а мајката и таткото не го препознавет и го убиваат во сон, ради парите... Му кажвиме дека е земена според вистинска приказна од Албанија, ко работел тој таму.
- Немат врска! – викат тој - Ја ко ви велам. Така е како шо ви кажвам, зато се викат така - ради парите. Парите се отепувачка! Прашај ја на баба - ми велит - ти убо стојш со нејзе, че ти кажит.

После муабетот се замисливме. Или е Н. луд скорз на скроз, или Ристо мамел. Едно че да е. Како и да е добивме супер идеја. До споменикот да напишиме:

Парите се отепувачка, жените такујџере!

 

Државен удар

Вчера бев на блуз во Балет. Че се истепав со онај на врата на крај, ама то немат сега врска. Ко си одвев ми текна ко ме осомничија за државен удар.

Беше лани зимата ако се сејчавам убо. Си одвев кузнит од каде и поминвев покрај владата ни наша. Е сега ако ви теквит, покрај владана, имат закопани во земја округли сијалици. Ги имат многу - низ цел ред. Си поминвам ја така кун 3 саатот после полнојч (или шо викат Амди Бајрам од 12 часот 3 часа поминување) и ми идет на памет да се наведнам и да ја чепнам секоја втора сијалица. Е сега, мене бре ко че ми дојт на памет нешто, не се прашвит дал била влада или не. Одам и чепкам на секоја втора сијалица (шо значит на секој втор чекор се наведвам до земја). Ги исчепкав така до крај и си тргнав да префрла улица ко слушам:

- Дечко, стој и не мрдај!

Се вртам назад и гледам еден цајкан и обезбедување трчат кон мене. Е мајката си вика. Шо е сега работата?

- Што правеше пред малку, те гледавме на камера, а? - ми викат, а мене бело маче не ми се гледат пред очи. Почва да се смејам.
– Кажувај што правеше!? - ми викат.

Му објаснив дека ја чепкав секоја втора сијалица колку што можев и не можев, и го гледам чудно ми се пулит, и тој, и цајканот. Наеднуш почвет да се смеет.

- Од каде си дечко?
- Од Струга - му вика.
- Епа Стружанец да знајш ако се десит нешто со владава, че бидиш осомничен за државен удар, те имаме на камера. - ми велит, а ја прскам од смеење и се клатам.

- А дан имаш упаљач? - му вика, и ваѓам цигара.

Ми даде упаљач, јас него цигара и се поздравивме.

Така Јас Wezdensky бев осомничен за државен удар. Ништо не се деси битно после то, освен то шо ја од тогаш знаев во кризен случај како да најдам упаљач.

 

Чехов и педалинката

На Гога

 

Е шо ми напрај пусти Чехов летово. Заради него ми одбија брак. Сакав да украда педалинка, заедно со Г. и да се пуштиме од езеро дирктно во Дримон, а дур се спуштаме да ја побарам за жена. И шо бидна? Ништо. Ѝ студеше на Г. и останавме во педалинката.

После се мислев. Знајте вие дека ко че се залеташ со педалинка – ветарон дуват ко чукнат да е... башка то лето! Студ е то, не е забеанција бре! И така ништо од планот мој. И друго да ви кажа: Не е лесно да се напишит расказ за Надежна Петровна како везден се спуштат со санка и како ѝ се слушат фамозното ТЕ САКАМ, ама не е ни лесно да убедиш некого дека расказот пасоват и на вода.

Ама то е. Си ја имам ја Г., а нејзе Чехов можит и не ѝ требит, таа е ко че сакат едноставен чоек, па сигурно доволно ѝ е то шо ја се труда да адаптира раскази од жолти книги...

 

Извор: Штамата на Енхалон, Темплум, Скопје, 2009.
Слики: Гефен Рафаели

Слични содржини

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото