Границите на имагинацијата

03.12.2015 16:09
Границите на имагинацијата

 

Што било некогаш

Никој не знае кој од почеток
знаел за тоа. Едвај некој
од оние што имаат нешто со тоа,
кои тоа го направија,
се сеќава на тоа.
Други, иако тоа не го доживеале,
не можат да го заборават.
Најмалку ги има оние
кои велат „Немам поим“.
Некои научници живеат од тоа.
Ќе се заврши на тоа
дека никој тоа не може да го сфати.
Наводно, постојат некои
кои за тоа веќе не можат ни да слушнат.
Тука и таму
понекој сето тоа едноставно го негира.
Мнозинството верува
дека поминало. Само понекогаш,
некому тивок глас ќе му шепне на уво
дека на тоа му нема крај.


Наука за имињата

Мојот пес, мојот кратер на месечината, моето езерце:
сè е крстено, земено во посед,
преплавено со лични и семејни имиња,
прекари и називи,
Тукум, на пример, Тасо или Кај кривото ќоше.
Дури и пустината, празна каква што си е,
се вика Така‒и‒така, Тегрег, Бургет Тујур,
Бетпак‒Дала. И морињата се преброени.
Мапите се исфлекани со мувји гомна.
Само комарците останаа неименувани
или можеби познавате некои што се викаат Адалберт
или Густав. Но затоа кометите, маглите и
галаксиите се именувани. О, ние сакаме да сме сигурни!
Како да знаеме што е Вавилон,
кога Вавилон го именуваме како Вавилон.
Како да не знаеме дека главнината на работите,
речиси сè значи, би постоело и без нас.


Границите на имагинацијата

Премногу е да очекуваш да разбереш
кој број е 9 на 17‒ти, па уште на 17‒ти,
да знаеш како му е на друг
кога го боли заб,
да мислиш на жртвите на земјотрес
кога сегасегасега си
кај твојата девојка во кревет
и ништо повеќе.
Сè додека имаш пари
ти си аналфабет за сиромаштијата,
и баш како прасе немаш поим
за тешките грижи
на милијардерите. Вечен домаќин
протеран во сопственото гнездо,
не умееш ништо кон тоа да додадеш.
Драго прво лице еднина,
ти, кралу без фантазија ‒
обиди се да замислиш
како си му вкусен на вирусот
кој живее во твоите гради,
како те гледа мачката
или некој бог.
Замисли, каменче,
како тонеш во вода
додека над тебе се затвора
огледалото на светот
мазно и без трага.
Но ти тоа не го можеш.


Едноставно, а тешко измисливо

Немам ништо против микропроцесорите,
но како би се снашле
без вода?
Што е сондата лансирана кон Јупитер
во споредба со мозокот на една мува?
И како само сè од себе даваат
лабораторискиве глувци спремни за клонирање.
Па сепак, многу подобро е да се ебе.
Како само тоа го прави морскиот лав: радосна
и ненадминлива елеганција.
Признајте,
драги нобеловци,
дека никогаш во животот
не би сте измислиле нешто такво.


Црн ден

Кога ќе зазори таков четврток
и најискусниот месар
си отсекова себеси прст.
Сите возови доцнат,
оти самоубијците
решиле да стават точка на својот живот.
Во Пентагон на централниот компјутер
веќе одамна му паднал системот
и сите обиди да се оживеат давениците
по базените се залудни.

Покрај сето тоа,
кај комшиите Мароцки
преврива уште и млекото,
кучето има проблеми со варењето
а тетка Олга,
неуништивата жена,
баш и не се осеќа сјајно.


Оптимистичка песничка

Се случува тук и таму
некој да вика напомош.
И веќе друг некој
бесплатно скока во вода.

Среде најжестокиот капитализам,
пожарникарите зад аголот доаѓаат со ротирачките
светла и го гаснат огнот, или ситнишот заѕвечкува
ненадејно во шеширот на питачот.

Претпладне улиците вријат
од луѓе што одат ваму-таму
без извлечени ножеви, со спокојни души,
во потрага по млеко и рдокви.

Како за време на најголем мир.

Каков прекрасен поглед.

Колажи: Federico Hurtado
Избор и превод: П. В.
 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото