Мексико: пушењето марихуана е темелно човеково право

11.12.2015 03:50
Мексико: пушењето марихуана е темелно човеково право

Со четири гласа за и еден против, мексиканскиот Врховен суд во среда оцени дека поседувањето и користењето марихуана претставува темелно човеково право. Одлуката донесена врз основа на жалбата во специфичниот случај поврзан со четворица активисти на законодавците им отвора широк пат кон легализацијата на канабисот, пишува Вашингтон Пост.

„Тоа е навистина монументален случај“, вели Хана Хецер од Drug Policy Alliance, група која бара реформа за политиката за марихуана. „Спорот е воден со аргументи за човековите права, што е необично, а станува збор за Мексико, епицентар кој трпи некои од најлошите последици од војната против дрогата“.

Постапката ја покренале четворица членови на мексиканската група која се залага за „одговорна и толерантна употреба на марихуана“ (Mexicans United for Responsible and Tolerant Consumption), чијшто акроним на шпанси гласи SMART (анг. паметен). Групата е формирана со основна цел да го промени статусот кво и законите во Мексико, а нејзините членови од 2013 година поднесуваат барања правото на одгледување, поседување и користење марихуана да се признае со закон.

Право на самоопределување

SMART посегна по концептот за „право на слободен развој на особеноста на поединецот“ кое е загарантирано во мексиканскиот устав. Во суштина, ова подразбира нешто како право на самоопределување. На пример, државата не може да му забрани на граѓанинот брза или лоша храна, дури и ако тоа го загрозува неговото здравје. Додека не им штетите на другите, имате право на своја автономија, појаснува Вашингтон Пост.

Поради природата на мексиканското судство, одлуката е веднаш применлива само во случајот на активистите кои го побарале своето темелно право, а за да стане правосилна на државно ниво, мора да се донесе уште во најмалку четири индивидуални случаи. Во Мексико на наведениот начин се усвоени и други закони, меѓу кои најистакнат е оној за легализација на истополов брак годинава.

Вашингтон Пост пишува дека станува збор за можеби првата декларација дека користењето марихуана претставува темелно човеково право и претпоставува дека таа би можела силно да одекне ширум Латинска Америка, каде владее големо расположение за легализација на дрогите, вклучувајќи го и кокаинот.

Извор: Washington Post