Да ти се зг(р)ади

15.12.2015 12:09
Да ти се зг(р)ади

Со надеж дека камен-темелник нема да има, членовите на Студентскиот пленум наведоа многу причини зошто не треба да се градат двете згради во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Свесни дека ниедна од нив не гарантира дека, како што велат, „ова лудило овде ќе застане“, тие побараа поддршка од сите студенти и слободоумни граѓани во борбата да го зачуваат тоа што им припаѓа - Универзитетот. Значи, тој што сака може и на УКИМ да научи дека здружените брутални сили на власта не ја признаваат силата на аргументите, туку само силата како аргумент. Студентите веќе имаат и лично искуство: со слободарскиот марш не ги згазија само насилните обиди да им воведат државен испит, туку отворија надеж кај граѓаните дека и лудилото на аздисаните владетели има крај.

Се разбира, чистењето на универзитетскиот терен за непречен влез на мафијата е почнато одамна. Со сеча на корените на автономијата, со партизација и раздор помеѓу студентите и нивните здруженија, со претворање на професорите во трупци или во дрвени адвокати на власта итн. Но, тоа што морало дрвјата во универзитетскиот парк да ги сечат во два по полноќ, не е само потврда дека двете згради се градат во мафијашки стил (барокот е само фасада), туку е и знак на слабост. Студентите се во право: само жив ѕид може да ги спречи.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби