Се потпираме на „Дедо Мраз“ за подобро решение

11.01.2016 12:43
Се потпираме на „Дедо Мраз“ за подобро решение

„Тајноста – најдоброто засолниште на неспособните – треба да биде на најниското ниво во едно демократско општество, бидејќи една јавност информирана за сé претставува основа на самовладеењето. Тие што се избрани или одредени на високи владини позиции, треба да прифатат дека владата во една демократска земја не може да е помудра од народот.“

Внатрешниот комитет за владините активности (САД)
Извештај од 1960 година

 

За крајно политизираните земји важи една горка вистина: кога политиката паѓа во криза, кризата ги опфаќа сите сфери на животот, што го подразбира и секојдневието на луѓето. Овојпат во Македонија, тешките последици директно ги погодуваат и медиумите.

Конечно, политиката беше принудена да прифати дека медиумската сфера е во мизерна состојба и има потреба од реформи. Тоа што уште не успева да го прифати е количеството на потребните реформи; дали ќе бидат тие суштински, почнувајќи од коренот на целиот демократски систем, или ќе бидат „естетски“ реформи, колку да изгледаат „убави“ на прв поглед, но да не се изменат многу во содржина од тоа што се во моментов.

Судбината на медиумите е ставена на трпеза и (од тие малку информации што ѝ се даваат на јавноста), дебатата треба да биде за тоа „кој“ ќе го земе најголемото парче. Ова, всушност, е впечатокот што се создава кај толпата од парчињата информации што ги добиваат, бидејќи ништо официјално за тоа што се дискутира внатре не излегува надвор од четирите ѕидови на објектот каде што се крои нивната судбина.

Штом се става еден микрофон пред нив, сите ја активираат нивната сценска улога за да глумат дека, наводно, се за решение на проблемот и за независност на медиумите. Логички, пак, нивните дела го кажуваат спротивното. Фактот што отворено се игнорираат разумните предлози од меѓународниот посредник Питер Ванхауте, буди сомнежи дека ништо добро не се очекува од дебатата за медиумите. Одбивањето на неговиот предлог од страна на политичките партии, само по себе создава сомнежи дека тој не е толку добро осмилен предлог од „меѓународните“, кога нашите партии во него не успеваат да најдат идеи за една нова методологија за нивното влијание врз медиумите. Сè додека не се најдат методите, дебатата ќе продолжи.

Разочарувањето на јавноста од нивните државни претставници е големо (се докажа и со резултатите на неколку анкети), особено откако политичката состојба на земјата доби и меѓународно внимание и по големиот број опомени од нивна страна. Во ваква ситуација, нормално е предлозите на „странците“ да се гледаат како „спас“. Бидејќи претставниците на медиумите и новинарите не се вклучени воопшто во разговорите, таму внатре, а Ванхауте е човекот со најмалку интерес за да учествува во „поделба на питата на медиумите“, затоа, логично, неговиот предлог (без да се навлезе во содржина), дефинитивно треба да биде најсоодветниот.

Од одолговлекувањето на дебатата имаат корист сите партии, бидејќи продолжуваат со нивното влијание врз медиумските програми во овој предизборен период, каде што секоја секунда емитување им е важна. Овие луѓе ја знаат многу добро моќта на медиумот и затоа сакаат да го „владеат“. Формите на вршење на политичката пропаганда во медиумите стануваат сè поевидентни, а јавноста станува сè попаметна за да ги разбере. Тие го губат трпението.

Сопствениците, финансиерите, вработените, уредувачката политика се сите работи што во еден медиум може да се сменат. Тоа што не се менува е таргетот, значи јавноста. Медиумите дејствуваат и опстојуваат благодарение на јавноста и една добро информирана јавност е основа на демократијата.

2015 година ја затвораме со нерешени проблеми и со дилеми за иднината на медиумите, но очекуваме „подарокот на Дедо Мраз“ за 2016 година да биде едно праведно решение. Пред сè, праведно за јавноста, затоа што нејзе ѝ се најдолжни, потоа и за медиумите засегнати од разните промени.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слика: JoAnn Wheeler

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото