ИСИС ја поздрави одлуката на Уставниот суд

25.02.2016 18:15
ИСИС ја поздрави одлуката на Уставниот суд

Скопје, 25 февруари 2016

Одлуката на Уставниот суд со која се остава можност за помилување на лица виновни за изборен криминал беше поздравена од повеќе истакнати борци на ИСИС.

„Ги поздравуваме нашите браќа од Македонија и им порачуваме да истраат на патот на својата борба. Очекуваме дека во иднина Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојановски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски ќе донесат уште многу вакви храбри одлуки. Нема неправда, нема мир!“, пишува, Воут Ал Касап, припадник на ИСИС, во поздравното писмо до судиите.

Одлуката на петте споменати судии од Уставниот суд ја поздравија и членови на Кју Клукс Кланот, кои изразија желба за отворање на свој камп во некоја од слободните индустриски зони во Македонија.

И во ИСИС, како и во Кју Клукс Клан, сметаат дека Македонија е вистински инвестициски рај, барем што се однесува до дејностите со кои се занимаваат овие две организации. Како институција која најмногу придонесува за ваквата поволна бизнис-клима тие го издвоија токму Уставниот суд.

Писмо со честитки испрати и Ким Јонг Ун, кој им понуди на судиите трансфер во некој од севернокорејските судови.

Според информациите до кои дојде редакцијата на Пара вести, петте македонски судии не ја исклучуваат можноста за трансфер, но тој би се реализирал дури по неколку години, бидејќи во моментов, како што велат, во земјава ги очекува многу работа.

Слики: ШкАрт