Германски шумар тврди: дрвјата живеат во заедници

07.03.2016 15:53
Германски шумски ренџер утврдил дека и дрвјата имаат социјални мрежи

Во длабоката тишина на шумата во зима се слуша само звукот од стапки врз килимот од лисја. Питер Волибен го наоѓа она што го бара: парот високи буки. „Дрвава се пријатели“ – вели тој, кривејќи го вратот за да може да ги види безлисните крошни, црни наспроти сивото небо. „Гледате како дебелите гранки се шират, оставајќи си простор едни на други? Тоа го прават за да не ја блокираат светлината за своите пријатели.“

Пред да дојде до една постара бука за да покаже дека дрвата, како што стареат, добиваат брчки како и луѓето, тој додава: „Понекогаш паровите како двеве буки се толку силно меѓусебно поврзани во корените, што кога едно дрво умира, и другото исто така умира.“

Г-дин Волибен (51) е долгогодишен шумар кој, со исправената става и темно зелената униформа делумно наликува на една од шумските буки за кои се грижи. Покрај тоа, во последно време тој е популарен писател во Германија, земја во која шумата има необично голема улога во културната свест и е поврзана со бајковитите предели, филозофијата на 20-иот век, нацистичката идеологија и раѓањето на движењето за модерна животната средина.

По објавувањето на книгата на г-дин Волибен во мај 2015, изненадувачкиот хит со наслов „Животот на дрвата: што чувствуваат, како комуницираат - разоткривање на тајниот свет“, шумите во Германија повторно се во центарот на вниманието. Откако минатата година првпат беше на врвот на топ-листата на бестселери, г-дин Волибен поминува повеќе време со медиумите и јавноста, а помалку внимание посветува на разновидноста на шумата, користејќи го сопствениот успех за нова популаризација на каузата на дрвата. Тој вели дека современото општество има тенденција на дрвата да гледа како на „органски роботи“ создадени за производство на кислород и дрвна граѓа.

Претставувајќи ги научните истражувања и сопствените согледувања во екстремно антропоморфниот свет во кој живееме, г-дин Волибен ги усреќи читателите и публиката и на една ТВ емисија, со информации одамна познати за биолозите: дрвјата во шумата се и социјални битија. Тие можат да бројат, да учат, и да се сеќаваат. Можат да им пружат нега на болните соседи, да се предупредуваат едни со други во случај на опасност со испраќање електрични сигнали преку габична мрежа позната како „Wood Wide Web“. А, од непознати причини, ги чуваат старите трупци на одамна исечените пријатели, одржувајќи ги живи со векови, хранејќи ги преку нивните корени со шеќерен раствор.


„Со својата книга тој засекогаш го промени начинот на кој ја гледам шумата“ – изјави Маркус Ланц, популарен водител. „Секогаш кога чекорам низ убава шума, размислувам за тоа.“

Иако се навистина импресионирани од способноста на г-дин Волибен да го привлече вниманието на јавноста, некои германски биолози се сомневаат во соодветноста на неговата употреба на одредени зборови, како на пример „разговор“, наместо постандардниот збор „комуникација“, за да се опише она што се случува меѓу дрвата во шумата.

Но, г-дин Волибен, кој ги повикува читателите да замислат што едно дрво може да почувствува кога неговата кора плаче ( „Оф!“), вели дека токму во тоа е поентата. „Јас користам едноставен човечки јазик“ – објаснува тој. „Научниот јазик ги отстранува сите емоции, а луѓето веќе не го разбираат. Кога велам ’Дрвјата ги дојат своите деца’, сите веднаш знаат што сакам да кажам.“

Сè уште број 1 на листата на бестселери на „Шпигел“ за документаристика, Тајниот живот има продажба од 320.000 примероци; преводи се планирани во 19 земји (Издавачката куќа Greystone Books ќе објави англиска верзија во септември). „Книгава е меѓу најуспешните годинава“ – изјави Денис Чек, германски литературен критичар кој ги пофали смирениот раскажувачки стил и способноста на авторот во читателите да разбуди интензивна, речиси детска љубопитност за природата.

Популарноста на „Таинствениот живот на дрвјата“, додава г-дин Чек, кажува нешто за Германија, но многу повеќе за модерниот живот. Луѓето кои поголем дел од своето време го поминуваат пред компјутер сакаат да читаат за природата. „Германците се познати по тоа што имаат посебен однос со шумата, но тоа е еден вид клише“ – вели г-дин Чек. „Да, наши се Јованче и Марика; ако бракот е во криза Германците се склони да заминат на долго шумско патување. Но, не мислам дека ние ги сакаме своите шуми повеќе од Швеѓаните и Норвежаните или Финците.“


Господинот Волибен го има посебниот однос и љубов кон шумата од раното детство. Растејќи во 1960-тите и 70-тите години во Бон, тогаш главен западногермански град, тој одгледувал пајаци и желки, и сакал да си игра надвор повеќе од тројцата браќа и сестри. Во средно училиште, некој професор, од генерацијата на млади левоориентирани професори на учениците им изложил мошне мрачна слика за еколошката иднина на светот; тогаш Волибен одлучил дека негова мисија ќе биде да помогне сликата да се подобри.

Студирал шумарство, а во 1987 година почнал да работи за државната шумарска администрација во Рајнската област. Подоцна, како млад шумар задолжен за 3.000 акри шумска површина во регионот Ајфел, околу еден час оддалечен од Келн, сечел стари дрвја и ги прскал трупците со инсектициди. Но, не се чувствувал добро во врска со тоа: „Си мислев, што правам јас? Сето ова што го правам не е добро.“

Читајќи за однесувањето на дрвјата, тема за која научил многу во шумарското училиште, тој дознава дека во природата дрвјата помалку функционираат како поединци, а повеќе како суштества на заедницата. Работејќи заедно во мрежи и споделувајќи ресурси, тие ја зголемуваат својата отпорност.

Со вештачкото садење и распоредување на дрвја во плантажните шуми кои го сочинуваат поголемиот дел од шумите на Германија, се осигурува дека дрвјата добиваат повеќе сончева светлина и побрзо растат. Но, биолозите велат дека создавањето премногу простор меѓу дрвјата може да ги прекине нивните мрежи, и ја попречува појавата на некои од нивните природни механизми за отпорност.


Заинтригиран, г-дин Волибен почнал да ги истражува алтернативните пристапи во шумарство. По посетата на неколку приватни шуми во Швајцарија и Германија, тој бил импресиониран. „Тие имаа навистина дебели, стари дрвја“ – вели тој. „Тие на шумата ѝ посветуваат големо внимание и и ја третираат со многу љубов; дрвјата што таму растат ги сметаат за скапоценост. Овие луѓе велат дека вредноста на две исечени дрва е аналогна на вредноста на еден автомобил. Но, за повеќето луѓе две дрва денес вредат како една пица - толку е безмилосно уништувањето на шумите.“

Во 2002 година, во шумата Ајфел, г-дин Волибен издвоил дел во кој луѓето би можеле да ги закопуваат своите кремирани починати под дрвја стари 200 години, и на нив да ги впишат нивните имиња. Проектот бил финансиски успешен. Но, г-дин Волибен вели дека неговите шефови покажувале незадоволство во однос на необичните активности. Тој сакал да оди и подалеку со идеите, на пример, масивните машини за сечење кои ѝ штетат на шумската почва да ги замени со коњи, но за тоа не можел да добие дозвола.

По една деценија борба со претпоставените, одлучил да се повлече. „Прво се консултирав со семејството“ – вели г-дин Волибен, кој е оженет и има две деца. Иако тоа значи откажување одсигурноста што ја имав како вработен германски државен службеник, сепак си помислив: „Не, јас не можам да го правам ова во остатокот од мојот живот.“

Семејството планирало да се пресели во Шведска, но испаднало дека Волибен победил во борбата со општинските сопственици на шумата.

Така, пред 10 години општината ја искористила шансата. Го прекиналe договорот со државната шумарска администрација, и директно го ангажирале г-дин Волибен. Тој донел коњи, ги елиминирал инсектицидите и почнал да експериментира пуштајќи ја шумата да расте диво. Во рок од две години, шумата од состојба на загуба, почнува да профитира, делумно со отстранување на скапите машини и хемикалии.

И покрај успесите, во 2009 г-дин Волибен почнал да има панични напади. „Продолжив да размислувам: „Ах! Имаш само уште 20 години, а треба да се постигнат уште многу работи!“ Тогаш почнал со терапија, се лекувал од исцрпеност и депресија. Терапијата му помогнала. „Научив да бидам среќен со она што го направив досега“ – вели тој. „Кога работите во шума, треба да размислувате во однос на 200 или 300 години. Научив да прифаќам дека не можам да направам сè. Никој не може.“ 

Тој сакал да ја напише книгата за да им покаже и на оние кои не веруваат, колку дрвјата се прекрасни.

„За еден шумар, ова дрво може да биде грдо, поради тоа што е криво, што значи дека за него не можат да се добијат многу пари“ – вели тој. „Додека шетав низ шумата, навистина ме изненади кога слушнав дека луѓето го нарекуваат ова дрво убаво. Тие велеа: „Ни нашите животи не одат секогаш во права линија.“ И тогаш почнав да ги гледам работите со нови очи.“


Извор: www.nytimes.com

ОкоБоли главаВицФото