Научните работници, економската наука и социјалното движење

08.03.2016 11:09
Научните работници, економската наука и социјалното движење

Социјалното движење од декември 1995 година, според својот опсег, беше движење без преседан, а пред сè заради своите цели. Ако голем дел од француската и меѓународната јавност го сметаше за значајно, тоа е зашто во социјалната борба воведе некои сосема нови цели. Лесно, како скица, тоа на општеството му донесе вистински проект, колективно афирмиран и способен да му се спротивстави на она што го наметнува доминантната политика, конзервативните револуционери кои се на власт во моментов во политичките институции и во институциите за создавање дискурси.

Прашувајќи се како научните работници можат да придонесат за една таква организација каква што е Генералното собрание на ОН, се уверив во неопходноста на нивното присуство откривајќи ја само културната и идеолошката димензија на оваа конзервативна револуција. Ако декемвриското движење наиде на општо одобрување, тоа е зашто дејствуваше како одбрана на социјалните достигнувања, не на една посебна општествена категорија – иако нејзиниот ударен дел беше составен од една посебна категорија, бидејќи беше посебно погодена – туку на едно цело општество, па дури низа општества: и достигнувањата се однесуваат на трудот, на јавното образование, на јавниот превоз, на сè што е јавно, а со самото тоа и на државата, институција која не е – наспроти она во што би сакале да нè убедат – задолжително застарена и регресивна.

Не е случајност што тоа движење се појави токму во Франција. Постојат историски причини за тоа. Но, она што би требало да ги погоди набљудувачите е фактот што тоа продолжува во облик на вител, во Франција, во различни и неочекувани облици – кој би очекувал движење на вработените на патиштата во тој облик? – и во Европа, исто така: во Шпанија во моментов; во Грција пред неколку години; во Германија, каде движењето беше инспирирано од француското движење и отворено се повикуваше на афинитетот со него; во Кореја – што е уште позначајно, заради симболични и практични причини. Тој вид вителна борба, како што ми изгледа, е во потрага по своето теоретско, а пред сè практично единство.

Француското движење може да се смета за авангарда на една светска борба против неолиберализмот и против новата конзервативна револуција, во која симболичката димензија е исклучително значајна. Мислам дека една од слабостите на сите прогресивни движења потекнува од фактот што тие го потценија значењето на таа димензија и дека сè уште немаат соодветно оружје со кое би се бореле против неа. Социјалните движења доцнат повеќе симболички револуции зад своите противници, кои користат советници за комуникација, советници за телевизија итн.

Конзервативната револуција се повикува на неолиберализмот, на тој начин давајќи си себеси научен привид и можност за дејствување како теорија. Една од теоретските и практичните грешки на многу теории – почнувајќи од марксистичката теорија – беше превидувањето на ефикасноста на теоријата.

Ние не смееме да ја повториме таа грешка. Имаме работа со противници кои се вооружуваат со теории, и ми изгледа дека треба да им се спротивставиме со интелектуално и културно оружје. Заради поделбата на трудот, некои се подобро вооружени од другите да ја водат таа битка, бидејќи тоа е нивно занимање. И одреден број од нив е подготвен да се фрли на работа. Каков може да биде нивниот придонес? Пред сè, одреден авторитет. Како беа нарекувани луѓето што ја поддржуваа владата во декември? Експерти, иако сите заедно не беа ни „е“ од економисти. На тој ефект на авторитетот треба да му се спротивстави ефектот на друг авторитет.

Меѓутоа, тоа не е сè. Силата на научниот авторитет, кој се демонстрира над социјалното движење и длабоко во свеста на работниците е многу голема. Таа доведува до еден облик на деморализација. И една од причините за нејзината сила е што носителите на авторитет се луѓе кои делуваат како меѓусебно да се сложуваат – главно, консензусот е знак на вистината. Исто така, така е бидејќи тој се темели на навидум најмоќните оружја со кои денес располага мислата, особено на математиката. Улогата на она што се нарекува доминантна идеологија денес, можеби ја игра одредената употреба на математиката (се разбира, тоа е претерување, но тоа е начин да се привлече внимание кон фактот дека рационализирањето – давањето причини за да се оправдаат нештата кои често немаат оправдување – денес најде многу моќно оружје во математичката економија). На таа идеологија, која како чист разум прикажува една просто конзервативна мисла, важно е да ѝ се спротивстават причини, аргументи, деманти, докази; значи, треба да се води една научна работа.

Една од силите на неолибералната мисла е тоа што таа се претставува како своевиден „голем ланец Битија“; како во старата теолошка метафора, во која на едниот крај го имаме Бог, а потоа преку низа алки одиме до најскромните реалности. Во неолибералната небулоза, наместо Бог, на самиот врв се наоѓа еден математичар, а на дното еден идеолог на Еспирит, кој не знае баш многу за економијата, но кој може да се преправа дека знае по нешто благодарение на површното познавање на техничкиот речник. Тој многу моќен ланец има ефект на авторитет. Постојат сомнежи, дури и меѓу активистите, кои делумно произлегуваат од суштински општествената сила на теоријата која им придава авторитет на зборовите на господинот Трише и господинот Титмаер, претседател на Бундесбанката, или овој или оној есеист. Тоа не е низа поврзани докази во ланец, туку ланец авторитети, кој оди од математичарите до банкарите, од банкарите до филозофите-новинари, и од есеистите до новинарите. Исто така, тоа е канал низ кој протекуваат пари и секакви економски и општествени предности, меѓународни повици, уважувања. Ние, социолозите, без упатување обвиненија, можеме да го преземеме разоткривањето на тие мрежи и да покажеме дека протокот идеи е подлога за протокот на моќта. Постојат луѓе кои менуваат идеолошки услуги за положба во власта. Би требало да се дадат примери, но доволно внимателно е да се прочита листата потписници на познатата „Петиција на експертите“.

Всушност, интересно е тоа што скриените врски помеѓу луѓето кои инаку работат одвоено – иако често ги гледаме како двајца по двајца се појавуваат во лажни дебати на телевизија – помеѓу фондациите, здруженијата, списанијата итн., овде многу јасно се откриваат.

Тие луѓе го водат колективното, како консензусот, еден фаталистички дискурс, кој се состои во претворање на економските тенденции во судбина. Меѓутоа, социјалните закони, економските закони итн., се извршуваат единствено ако ги пуштиме да дејствуваат. Ако конзервативците се следбеници на не-вмешувањето тоа е затоа што тие тенденцијални закони главно конзервираат, и за тоа им е потребно не-вмешувањето. Особено законите за финансиските пазари, за кои постојано ни зборуваат, се закони за конзервација, на кои им е потребно невмешување за да се исполнат.

Би требало да се развие, аргументира, а особено да се нијансира. Се извинувам заради помалку поедноставувачкиот тон на она што го кажав. Што се однесува до социјалното движење, тоа може да се задоволи со тоа што постои; и онака прави доволно „неволји“, од него нема да бараме уште и да создава оправдувања. А, интелектуалците кои му се приклучуваат на социјалното движење веднаш ги прашуваме: „А, што предложувате вие?“ Не смееме да упаднеме во замката на програмите. За тоа, и онака има доволно партии и апарати. Она што ние можеме да направиме не е една контра-програма, туку еден колективен научен механизам, интердисциплинарен и меѓународен, кој би ги поврзувал научните работници, активистите, претставниците на активистите итн., на тој начин што научните работници би имале точно определена улога: тие можат особено ефикасно, бидејќи тоа е нивната работа, да учествуваат во работните групи и групите за рефлексија, заедно со луѓето кои се во движењето.

Уште на почетокот, тоа вклучува одреден број улоги: научните работници не се другари, односно заложници и кауции, паравани и статисти кои потпишуваат петиции и од кои можете да се ослободите откако ќе ги искористите; тие не се ни ждановски „апаратчиња“ кои доаѓаат во социјалното движење да ја вршат навидум интелектуалната власт која не можат да ја вршат во интелектуалниот живот; тие не се експерти кои доаѓаат да одржуваат предавања – дури ни антиекспертски експерти; тие не се ни пророци кои ќе одговорат на сите прашања за социјалното движење, за неговата иднина. Научните работници се луѓе кои можат да помогнат да се дефинира функцијата на инстанците каква што е оваа, или да потсетат дека личностите кои се тука не се присутни во улога на портпароли, туку во улога на граѓани кои доаѓаат на едно место за дискусии и истражувања, со идеи и аргументи, оставајќи ги настрана „политичарскиот“ јазик, платформите и „апаратските“ навики. Тоа не е секогаш лесно. Меѓу „апаратските“ навики кои се закануваат да се вратат, тука се создавањето комисии, често однапред подготвени за „спојување“, итн. Социологијата учи како функционираат групите и како да се служиме со законите според кои функционираат тие, за да се обидеме да ги осуетиме.

Потребно е да се измислат нови облици комуникација помеѓу научните работници и активистите, односно нова поделба на трудот меѓу нив. Една од мисиите која можат да ја исполнат научните работници, можеби подобро од кој било друг, е борбата против медиумското бомбардирање. По цел ден слушаме готови реченици. Веќе не можеме да го вклучиме радиото, а да не слушнеме дека се зборува за „планетарното село“, за „мондијализацијата“ итн. Тоа се зборови кои делуваат неважно, но низ кои поминува една цела филозофија, еден цел поглед на светот, кое со себе повлекува фатализам и потчинетост. Можно е да му се спротивставиме на тоа бомбардирање критикувајќи ги зборовите, помагајќи им на не-професионалците да се снадбат со специфично оружје за отпор, за да се изборат против ефектите на авторитетите, против влијанието на телевизијата, која игра апсолутно капитална улога. Денес веќе не можеме да ги водиме социјалните борби ако не располагаме со програми за специфична борба со телевизијата и против неа. Посочувам на книгата на Патрик Шампањ, Faire l’opinion („Да се создаде мислење“), која би требало да биде своевиден прирачник за политичкиот борец. Во таа борба, конфликтот помеѓу медиумските интелектуалци е важен. Што се однесува до мене, тие не ми создаваат несоница и никогаш не мислам на нив кога пишувам, но тие имаат исклучително важна улога од политички аспект, и би било пожелно еден дел од научните работници да се согласи да посвети дел од своето време и својата енергија, активистички, осуетувајќи го нивното дејствување.

Втората цел е да се измислат нови облици симболички акции. Кога станува збор за тоа, мислам дека социјалните движења доцнат, освен неколку историски исклучоци. Во својата книга, Патрик Шампањ покажува дека одредени крупни мобилизации можат да добијат помало место во весниците и на телевизија, отколку некои ситни манифестации, кои, меѓутоа, се изведени така што ќе ги интересираат новинарите. Се разбира, не се работи за борба против новинарите, и тие им се подредени на стегите на прекаризацијата, со сите ефекти на цензурата кои таа ги повлекува со себе во сите занимања поврзани со културното производство. Но, од суштинска важност е да се знае дека огромен дел од она што можеме да го кажеме или направиме ќе биде филтриран, односно често поништен, со она што ќе го кажат новинарите во врска со тоа. Во тоа спаѓа и она што ќе го направиме овде. Еве дена забелешка која тие нема да ја повторат во своите извештаи.

За крај, ќе кажам дека еден од проблемите е да се биде рефлексивен – тоа е крупен збор, но не е употребен без причина. Целта не ни е само да измислиме одговори, туку да измислиме нов облик организација на протестната работа и организирањето протести, активистичката работа. Она за што ние, научните работници, би можеле да сонуваме е дел од нашите истражувања да биде користен од страна на социјалните движења наместо да се изгуби, како што денес тоа често е случај, пренасочен и деформиран од страна на новинарите или непријателски насочените толкувачи, итн. Ние сакаме, во рамки на групите каква што е „Raisons d’agir“, да измислиме нови облици изразувања кои би овозможиле на активистите да им се соопштат најнапредните достигнувања од истражувањата. Меѓутоа, исто така тоа претпоставува промена на речникот и духовното устројство кај научните работници.

Да се вратам на социјалното движење; мислам, како што реков пред малку, дека имаме работа со вителни движења – можев да ги споменам штрајковите на студентите и професорите во Белгија, штрајковите во Италија, итн. – борбите против неолибералниот империјализам, борбите кои најчесто не знаат една за друга (и кои не можат да добијат облици кои не се секогаш симпатични, како што се некои облици на интегризмот.) Значи, треба да се обедини барем меѓународната информација и да се пушти во оптек. Треба одново да се осмисли интернационализмот, кој беше пренасочен и изобличен од страна на советскиот империјализам, односно да се измислат облици теоретска мисла и облици практично дејствување, способни да се постават на нивото на кое треба да се води битката. Ако е точно дека повеќето доминантни економски сили дејствуваат на светско, транснационално ниво, точно е и дека постои еден празен простор, простор на транснационални борби. Теоретски празен, затоа што не е осмислен, тој простор практично не е заземен во недостаток на една вистинска меѓународна организација на сили способни да ја осуетат, барем на европско ниво, новата конзервативна револуција.

Париз, ноември 1996 година

Слики: Banksy Street Art

Извор: http://www.slobodnifilozofski.com/ 

Слични содржини

Општество / Став / Теорија / Историја
Општество / Свет
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Технологија / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото