Сестрички

08.03.2016 16:10
Сестрички

сестрички

До ангелските гушички закопани во јунци и мисирки
девојчињата израснуваат во жени
без да дознаат зошто;
ако мајките хранат гуски
и ќерките со рамнодушни лица хранат гуски,
фустаните им мирисаат на црква
и на џиновски азалеи,
ни трошка не им е јасно
што ги чека;
работат од утро до мрак,
прават колачиња со ѓумбир,
садат сардели,
одгледуваат ретки видови,
ставаат трајна ондулација,
инспирирани од сестрите на Свети Јосиф од Корондолет,
од сестрите на сиромашните, што не ги познаваат,
од ангелчињата -
ќерки што мислат дека сè разбираат,
што си даруваат пудинг и кристализирани љубичици,
што одгледуваат тажни лебеди
и плашливи дамчести мазги,
за кои единствени мажјаци се биковите и лебедите,
а единствениот маж за кој знаат е Мажот што сè уште не го запознале,
што може да излезе од шумата секој миг,
со крвави раце чиниш зајдисонце,
и некако да ги спаси;
нивните животи се вознемирени
од звукот на комбето
што го вози некој кој никогаш не го барале и не го посакувале.


за што беше создадена ноќта

Може ли некоја ситна бабичка,
сама во соба со гулаб,
да научи да лета?

Може ли ситна бабичка,
дури и ако е свикната да го поправа
тракторот купен на старо,
да искасапи крупен човек во мијалникот
со ротирачки нож
од режачот на бетон
и да го спакува во осумнаесет пластични вреќи за ѓубре,
а да не остави крвави траги?

А може ли ситна бабичка
да ги следи козите по напуштениот аеродром,
зашто учи да црта,
и - ѝ се допаѓаат нивните очи и нивната ковчеста појава,
а да не предизвика сомнеж?

Може ли ќеркичка налик на калуѓерка, како мене
да биде оставена насамо
со човек испрскан со крв, како тебе?

И можеш ли да ми кажеш
за што беше создадена ноќта?


домати

Кога ќе се разбудам
покрај коматозната нога на нечиј туѓ љубовник
врз мојата рака,
оладен на перницата крај мене
како отфрлено хируршко шило -

кога ќе се разбудам
со цела низа придавки
што го опишуваат моето прекрасно лице -

кога ќе се разбудам
со несигурен трепет
што го вознемирува слаткиот воздух во Џорџија:
крај лустерот што почнува да паѓа,
и под балконот што се руши
дури бегам куцкајќи -

кога ќе се разбудам
покрај некој љубовник, или некој облечен како љубовник,
подробно опишувајќи го неговиот сон -

кога моите реченици,
наместо да летаат како ластовици
кон далечни земји,
лежат заплеткани небаре
во игра со ашици
под темната качулка
од меко перје со боја на слива од нејзиниот љубен -

небаре ќе бидам обљубена за првпат;
небаре ќе бидам здробена
како кеса прашливи бисквити
под сукало.

Ќе станам,
ќе земам едно парче чоколадо
од купот во дното од фрижидерот,
и ќе излезам во запустениот двор.

Нема да ја забележам
простирката за бришење чевли од скапоцени камења,
ниту пак малата кукумјавка,
ниту пак молбите
што ми штракотат в глава како зрна чист град.

Сè што ќе видам е бетон
и спокојни дремливи зебри
по чии риги фрлаат со домати.

Сè што ќе чујам е зоолошката градина
и звуците што идат оттаму:
животни во кафез што неприродно
гребат и јачат.


стока

Живеам во свет на бикови и жолто овошје.
Живеам во свет на крупни бикови врзани на синџир
чии стада тетерави крави ми се другарки,
нивните усни и опашки и вимиња
се лигави и топли.

Но мојата опседнатост со тебе -
како забрзана кола што тропа со ауспухот
низбрдо и е полна со дервиши-танчери
со лица како осамени мотели -
ги вознемирува.
Мојата опседнатост
што клекнува на педесет илјади свиени колена
и се моли за мене, како највисокиот калуѓер на светот -
ги вознемирува.

Тортата-раванија и едноокиот лебед,
камбаната што повикува на миса,
трактористот,
чудната електрична машина за пишување,
меките овошја и жолтите цвеќиња,
се вознемирени:
живеам во свет на крави збудалени од копнеж.
Мајка ми ни направи бара во која можеме да си отпочинеме.


сакам да избегам

Сакам да избегам во шумите;
да убивам ласици во житните силоси;
да живеам во шумите,
со моето деформирано лице откриено,
без име;
да останам во шумите
сè дури не почнам да им припаѓам -
а ако некој ме најде жива,
што може да се случи,
ќе ме застрела.
Мама ќе им каже дека сум лажливка и вооружена
и дека треба да ме застрелаат.

Еднаш слушнав за некоја мајка
што ја чувала ќерка си
под душемето: Мајко,
направи го тоа те молам. Мајко, направи го.

Кога не сум таа што сум,
туку се правам глупава,
ѝ се допаѓам.
И колку сум поглупава,
толку повеќе ѝ се допаѓам.
Пикни ме под душемето. Прекрши ми ги колената.
Ако и тогаш не ти се допаѓам,
застрелај ме, те молам.


Селима Хил е родена во Лондон 1945 година, но пораснала во селски средини во Англија и Велс. Студирала етика на универзитетот Кембриџ и постојано соработувала со уметници кои се занимавале со мултимедијални проекти, како и со Кралскиот балет, Националната опера и Би-Би-Си Бристол. Работела како предавач по поезија во Лондон, а предавала креативно пишување и во разни болници и затвори во Велика Британија. Има добиено голем број награди за својата поезија, меѓу кои позначајни се наградата на фондацијата „Арвон“ (1988), меѓународната награда за долга поема на весникот „Опсервер“ за поемата „Таложење на ситни љубезни дела“ (1997). Во повеќе наврати била во најтесниот избор за престижните национални поетски награди „Витбред“ и „Т.С. Елиот“, за конечно во 2001 за нејзината збирка „Зајко“ да ја добие наградата „Витбред“. Живее и работи во Дорсет.

Превод: Благородна Богеска
Извор: Имагинарни крави, СВП, 2006.
Слики: Мелиса Зекстер (везови врз фотографии)

ОкоБоли главаВицФото