Медиумот е пораката - моќта на јавната поезија

21.03.2016 18:24
Медиумот е пораката - моќта на јавната поезија

Тој е нарекуван вандал, уличен уметник, пост-ситуационист, панк уметник и текстовна верзија на Банкси. Шкотскиот поет Роберт Монтгомери свесно си направи „непријатен простор“ за себе меѓу уметничките категории – и целосно ужива во тоа. Неговата работа ја сместува поезијата пред љубопитните погледи на луѓето во визуелни формати: од рекламни билборди покриени со песни, до зборови во пламен или осветлени со рециклирана сончева светлина, и сето тоа позиционирано на различни јавни места, вклучувајќи го кејот во Сасекс и аеродромот во Берлин. Сега тој работи на кампањата „Плати со поема“, преку која муштериите можат да добијат кафе во замена за поезија во кафулињата низ целиот свет. Монтгомери ќе ги собере песните за да создаде инсталација на тајна локација.

На жителите на Лондон им се добро познати неговите впечатливи бели букви на црна позадина, од песните кои ги инсталирал на билбордите низ градот, за време на анти-ирачките воени протести. Фрустрацијата околу војната која продолжува и покрај милионите силни протести е она што го поттикнало „да илезе ноќе сам“, за да го направи својот прв билборд со една песна која започнува со следните стихови: „Кога спиеме, /авионите / носат спомени / на ужасите / на кои сме им ја дале /нашата премолчена согласност... “


Текстовите имаат тенденција да бидат лирски, мечтателни и речиси оптимистички. „Сметам дека е потребно да сносите одредена одговорност кога критикувате работи за кои сметате дека се лоши, а јас исто така чувствувам и морална обврска да пропагирам надеж“ – вели тој. Новата глобална криза го поттикнала неговата работа да ја фокусира на климатските промени и да соработува со Коалицијата за клима. „Мислам дека еколошката криза со која се соочуваме е главната историска криза на нашето време и на нашите генерации ќе им се суди за тоа.“

Преку ваквиот начин на претставување на поезијата, директно соочувајќи нè со неа, Монтгомери се надева дека ќе ја донесе во јавниот дискурс. „Јас сум заинтересиран за идејата на Ролан Барт дека митологија е во суштина еден вид говор, и дека тој говор ја дефинира културата. Поезија може да ги дефинира доминантните јазици кои ги имаме во културата - и сега тие јазици ги рекламираат и медиумите.“


И покрај тоа што неговата уметност се прикажува на физички начини, тој исто така застапува и еден друг феномен: зголемувањето на бројот на „Инстаграм поети“ кој, до одреден степен, го меша пишаниот збор со внимателно изработени визуелни презентации. „Интернетот е прекрасен медиум за поезија“ - вели тој. „Мислам дека тоа не беше идеја на неговите творци, но како и да е, важно е дека предизвика одличен ефект.“ Тој го слави фактот дека самостојното издаваштво има суштинско значење во интернет просторот, и дека поетите стекнуваат публика која ѝ дава живост на нивната работа, пред да добијат шанса да ја објават.

Се чини дека неговаста работа се развила во рамки на инспиративните цитати за неговите обожавтели, кои неговите песни често ги постираат на нивните фотографии, ги принтаат на облека, пишуваат на ѕидови ... и тела. „Значајно е да се добие институционално признание, но кога некој ќе истетовира ваша поезија, тоа е личен комплимент. Во моето студио собирам дел од примерите со тетоважи. На крајот на краиштата, според мене, целта на уметноста е да оствари комуниција меѓу нашите најдлабоки чувства и непознатите лица.“

Делата на Монтгомери поставени на Лондонските билборди, предизвикале и судири со законот. Тој бил сместен во полициско комбе откако ја поставил неговата песна за Вилијам Блејк на билборд во Бетнал Грин. „Отворив дискусија за литература и еден од полицајците беше навистина заинтересиран. Претпоставувам дека тоа беше среќно искуство. Мислам дека на повеќето луѓе не би им пречело да имаат можност да прочитаат песна додека се движат по улица, наместо уште една реклама за диетална Кока-Кола.“

 Извор: www.theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото