Промоција на книгата „Интензивен курс по агонија“ од Исток Улчар

07.04.2016 19:35
Промоција на книгата „Интензивен курс по агонија“ од Исток Улчар

На 8 април во 20:00 часот во кафе-книжарницата Децата од нашата улица ќе се одржи промоција на поетската збирка „Интензивен курс по агонија“ од Исток Улчар, објавена во издание на Темплум.

Песни од книгата ќе читаат Борислав Јарчевски и Евгенија Јанакиеска.

По читањето, музика ќе пушта Христина Шекерова.

* * *

ПРИСПИВНА

Моментално сум во својот дом
во облик на изгубен Натчовек,
кој сака да го освои паркетот,
но поважна му е перницата.
Ме пече сончевиот знак.

Со новиот Apollo 50
направен од стронциум
слетувам на Марс и сум
негов прв колонизатор.

Се престорувам во хемичар
заробен во два триаголника
од страна на арапските инквизитори.

Шишиња, шишарки и шатори
се шетаат под копитата на јарецот
создавајќи го забранетиот број.

Го чувствувам знамето
на мојата Татковина
како ме загушува и
ми го одзема видот.

А сега сум заврзан со ланци
врз сонце со боја на ѕид,
и човек во униформа сака
да ми го расчеречи телото.

Кинејќи ја мојата кожа,
ме ослободува од реалноста,
и јас заспивам врз душекот
од пепелта на идеологиите.

Лека моќ!

* * *

Исток Улчар е роден на 11.09.1996 година во Скопје. Ја објавил стихозбирката „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014 г.). Неговата поезија е застапена во неколку избори на дела од млади македонски и екс-југословенски автори. Учествувал на повеќе книжевни и слем-читања во Македонија и Србија. Негови песни се преведени на српски и на англиски јазик. „Интензивен курс по агонија“ (2016) е негова втора книга.