Интензивен курс по агонија

02.04.2016 14:56
Интензивен курс по агонија

ФРАНКЕНШТАЈНСКИ МОЗОК

За подготовка на овој рецепт потребни се:
- 100 g владина пропаганда;
- 5 кафени лажици религиско влијание;
- 1 пакување лаги на медиумите;
- 2 супени лажици од малограѓанската
грижа за тоа што ќе кажат комшиите;

Сето ова се меша додека не
се добие една хомогена смеса.
Таа, потоа, се зачинува со припаѓање
на одредена група или групи по ваш избор:
кремци, дизелаши, хипстери, навивачи,
либерали, конзервативци, нео-нацисти итн.
Се остава да зацврсти и
потоа темелно се измива.

При подготовката треба да се внимава
виугите да не станат предлабоки.

Пожелно е да се сервира во млада глава.

Пријатно манипулирање!

 

МЕТРОПОЛИС

Нашиот татко
ни ги крши стаклените очи,
зашто не сака да гледаме.
Ние сме му од корист
само кога сме слепи.

Ние сме
негови робови
негови роботи,
негови слуги;

Негови кловнови,
негови џокери,
негови курви;

Ние сме негови марионети
и со невидливи конци нè
спушта во подземјето.

Таму ни ги прикажува своите
неми филмови синхронизирани
на нам непознати јазици.

Грамофонската игла ја става
исклучиво врз оштетувањата на плочите
за да ги слушаме само неколкуте
тонови кои постојатно се повторуваат.

Од горе ни праќа произволно
издупчена хартија за која тврди
дека се книги на Брајлова азбука.

И ние се чувствуваме прекрасно.

Во нашиот Метрополис
не постои Супермен.

УГОРЕ ПЕНДРЕЦИ, УДОЛЕ СОЛЗАВЕЦ

Треба да знаеме какви се затворите:
каде се чуварите,
каде се камерите,
каде се клучевите;

Какви се ќелиите, ѕидовите,
решетките, прозорците;

Треба да можеме да смислиме план за бегство
откога ќе нè уапсат поради граѓанска непослушност.

Толку имаме изгубено надеж во револуцијата
што претпоставуваме дека ќе нè затворат
уште пред да ја започнеме.

 

КУМОВА СЛАМА

Живеам во мојата татковина
и говорам на мојот мајчин јазик.

Набљудуван сум од Големиот Брат.

Чичко Сем е во соседниот кварт,
во колибата на чичко Том.

 

ПРИСПИВНА

Моментално сум во својот дом
во облик на изгубен Натчовек,
кој сака да го освои паркетот,
но поважна му е перницата.
Ме пече сончевиот знак.

Со новиот Apollo 50
направен од стронциум
слетувам на Марс и сум
негов прв колонизатор.

Се престорувам во хемичар
заробен во два триаголника
од страна на арапските инквизитори.

Шишиња, шишарки и шатори
се шетаат под копитата на јарецот
создавајќи го забранетиот број.

Го чувствувам знамето
на мојата Татковина
како ме загушува и
ми го одзема видот.

А сега сум заврзан со ланци
врз сонце со боја на ѕид,
и човек во униформа сака
да ми го расчеречи телото.

Кинејќи ја мојата кожа,
ме ослободува од реалноста,
и јас заспивам врз душекот
од пепелта на идеологиите.

Лека моќ!

ЕДНОСТАВНО КАКО СМРТ

Оваа ноќ,
луѓето ги фрлаа своите телевизори
низ прозорците.

Оваа ноќ,
луѓето ги каменуваа зградите на
државната администрација.

Оваа ноќ,
кучињата ги скинаа ланците
кои им ја одземаа слободата.

Оваа ноќ,
прегореа појачалата на музичарите,
се скршија моливите на писателите,
крвареа стапалата на танчaрите...

Оваа ноќ,
градот роди бес

. . .

Оваа ноќ
беше прекрасна ноќ за умирање.

Заспаниот уличар
се загуши од сопствената плунка.

Старата офицерска сабја
падна од ѕидот, прободувајќи го
стомакот на нејзиниот сопственик
кој лежеше на троседот под неа.

Бесниот полицаец до смрт го претепа
својот непријател од детството.

Очајната шивачка се затрча кон ѕидот,
со нож свртен кон нејзината лева града.

Сликарот ги запали сите свои платна,
а потоа и самиот се фрли во огнот.

Двајцата другари си пукаа
еден на друг во слепоочниците,
зашто ниеден од нив немаше
храброст самостојно да си пресуди.

Разочараниот средношколец скокна од
прозорецот на својата гимназија,
притоа останувајќи верен на
своите музички идоли,
кажувајќи го рефренот:
„Spring für mich, spring ins Licht, spring!“
1

Расплаканата професорка се предозира
кога дозна дека нејзиниот
најлош ученик ја силувал ќерка ѝ.

Немата девојка ги пресече вените
над гробот на својот љубен.
Таа не се согласуваше со условот:
„Додека смртта не ве раздели...“

. . .

А сè беше толку едноставно.
Па, смртта е едноставна.
Животот е она што е сложено.

________________________________

[1] Стихови од „Rammstein“, кои во превод од германски значат: „Скокни за мене, скокни во светлината, скокни!“



Исток Улчар е роден на 11.09.1996 година во Скопје. Ја објавил стихозбирката „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014 г.). Неговата поезија е застапена во неколку избори на дела од млади македонски и екс-југословенски автори. Учествувал на повеќе книжевни и слем-читања во Македонија и Србија. Негови песни се преведени на српски и на англиски јазик. „Интензивен курс по агонија“ (2016) е негова втора книга.

 

Извор: Интензивен курс по агонија, Темплум, Скопје, 2016.

Слики: Keiichi Tanaami

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото