Шарената револуција го навестува напредокот

22.04.2016 01:13
Шарената револуција го навестува напредокот

Не можам да верувам дека постојат луѓе кои немаат свесност за тоа што ги опкружува. Не, не е до образованието, зашто еден декан на Медицински, на пример, кој треба да е врв на хуманоста, како спасувач на животи, молчи исто пред настаните во јавноста, како и обичниот граѓанин насила донесен на протести.

Или врвен писател, актер, филозоф, наспроти земјоделец. Затоа мислам дека интелектуалците не се тие најважните и единствените што треба да излезат и да кажат нешто. Станува збор за феномен на подаништво и понизност кон авторитети, што нема допирни точки со образованието, барем не со нашево, македонсково. Поданици не носат напредок за општеството, туку за себе лично, зашто погледнете на што личат и здравството (образованието), и земјоделството, заради послушност.

Поданици одржуваат систем на „бара“ во која егзистира живот, но во тиња, хиерархија во кал. Матно, темно и удобно место на живеење, без струења на води и без бранови, каде секој е сокриен од секого. Подаништвото и понизноста кон кој било авторитет нема никаква допирна точка со почит. Почитта се создава, гради, кали и стекнува.

Морам да признаам дека делува грозоморно, кога на еден академик му се тресат гаќите од еден неписмен силеџија како Мијалков, односно е пикнат во негови гаќи. Ете, тоа е нашата македонска аномалија, која ќе мораме преку новите образовни процеси и промени да ја искоренуваме. Критичката мисла не е анархија, туку напредок. Шарената револуција го навестува сето ова. Таа јасно ни укажува дека различните и слободно разлеани бои се сепак една хармонична целина од различни пориви и мисли, како совршено уметничко дело. Тоа се боите со кои критичкиот ум секогаш ќе се брани од морничавиот мрак на едноумието – власта. Тоа се боите кои јасно велат – не сакаме наметнати и лажни авторитети, туку слободна земја во која ќе градиме взаемна почит.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото