Македонија има повеќе гласачи од жители, а ќе има уште повеќе?!

13.05.2016 09:29
Македонија има повеќе гласачи од жители, а ќе има уште повеќе?!

Македонија има 1.958.844 полнолетни жители и 505.422 малолетни државјани или вкупно, 2.464.266 државјани, утврди завчера Државната изборна комисија, усвојувајќи го едногласно Извештајот од Министерството за внатрешни работи, добиен на нејзино барање. Ваквиот податок од МВР, Комисијата го побарала за првпат и тој покажува дека бројот на луѓе со право на глас е зголемен.

Она што се наметна како дилема во ДИК е како е можно, од околу 2 милиона жители, колку што се регистрирани на последниот попис во 2002 година, да има 1.958.844 државјани со право на глас.

- На јавен увид ние доставивме Избирачки список со бројка од 1.804.456 избирачи. Ако оваа бројка се одземе од бројот на полнолетни граѓани добиени од регистарот на МВР, тогаш доаѓаме до податокот дека имаме 154.398 државјани кои не се запишани во Избирачкиот список. Најверојатно не поседуваат валидна лична карта или патна исправа - посочи Бедредин Ибраими.

Според Субхи Јакупи, бројот на гласачи во наредниот период ќе расте, бидејќи сигурно дел од државјаните што не се запишани во Избирачкиот список, ќе добијат патна исправа или лична карта. Тој нагласи дека треба да се раздвојат податоците од списокот и од последниот попис на населението.

- Кога странски делегации прашуваат како е можно да има толку многу гласачи, одговорот е дека едни се податоците во пописот на населението, а сосема нешто друго се податоците за бројот на државјани - рече Јакупи.

Оваа разлика во бројките ја објаснува поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски. Според него, начинот на кој се брои вкупното население во рамки на пописот и начинот на кој се регистрираат државјаните на Македонија во МВР, е сосема различен.

- При попис, се брои населението во земјава, без оние што се во странство, значи само оние што во моментов живеат во Република Македонија. За оние што се во странство, во вкупен број население влегуваат само оние што се отсутни од Македонија до една година. Значи, ако вие сте надвор од Македонија повеќе од една година, тогаш не се броите со пописот. Какви промени има од 2002 година до сега, никој не може да знае, бидејќи нов попис не е направен. Во меѓупописниот период се прават процени на населението и во принцип, годишно, населението по природен пат се зголемува за околу 3.000 жители - објаснува Герасимовски.

Според него, бројката што ја објавува МВР, се однесува на бројот на издадени државјанства и таа нема врска со бројот на моментални жители.

- Некој може да има државјанство само врз основа на тоа што се чувствува како етнички Македонец, а има многу такви во дијаспората. Бројката од 600.000 иселени од Македонија, која ја објави Светска банка, не влегува во пописот, односно во вкупното население. Пописот, односно вкупното население и бројот на државјани се две различни работи и оттука се тие разлики во бројките - посочува Герасимовски.

Што се однесува до дијаспората, пак, до ДИК се пристигнати 6.686 пријави за гласање на државјани, со напомена дека не значи и дека станува збор за толку пријавени лица, бидејќи можно е некој повеќепати да се пријавил. За проверка е постапено по 3.190 пријави, но има рок од уште три дена за обработка. Според измените во Изборниот законик, дијаспората сега ќе биде една изборна единица, а усвоен е и цензус за избор на пратеници. Имено, за да се избере еден пратеник од дијаспората, потребно е тој да има 6.400 гласови за една листа. За втор пратеник 12.800, а за трет, дури 19.200 гласови за една листа.

ДИК треба на 19 мај да го заклучи Избирачкиот список. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, завчера во интервју за австрискиот весник „Дер стандард“ посочи дека изборите може да се одржат само кога Избирачкиот список ќе биде целосно исчистен, а претседателот на ДИК ќе каже дека се исполнети условите. Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, неодамна изјави дека нема да го потпише списокот ако има и само еден спорен гласач.

Лилјана Поповска: Оставка на ДИК зашто не ја заврши работата

Разврската на кризата во оваа фаза треба да почне со оставка на Државната изборна комисија, зашто не ја заврши работата, смета претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска. Според неа, ДИК е непосредниот виновник што не можат да се одржат фер и демократски избори на 5 јуни.

- Прочистувањето почна транспарентно и сите видовме дека Избирачкиот список е полн со починати, иселени, непостоечки лица. Самиот ДИК првин со консензус заклучи дека има над 300.000 сомнителни што треба да се проверат, а сега тврди дека Избирачкиот список е прочистен. Како можеме да веруваме во тоа, кога знаеме дека ни пријавата од ДОМ за поголем број грешки во списокот, ДИК не ја стави на теренска проверка, ниту, пак, ни одговори? А во таа пријава стои и името на нашиот моментален премиер, Емил Димитриев, пронајден на друга адреса од онаа на која живее во Пробиштип. Патем, истиот тој има дадено трета адреса во анкетниот лист! И како сега да им веруваме на институциите, раководени од овие луѓе, дека ќе обезбедат фер и демократски избори? - праша Поповска на завчерашната дебата за политичката ситуација во Македонија, организирана од невладината организација „Цивил“.

Извор: Слободен печат
Слики: Angela Deane