За вестите, сапуниците и реалните шоуа

17.05.2016 01:44
За вестите, сапуниците и реалните шоуа

Трите доминанти телевизиски жанрови на мнозинството домашни медиуми, вести, сапуници/серии и реални шоуа, не се три видови програми кои функционираат одделно и имаат целосно одвоени публики. Нивните методи се прелеваат, а овие жанрови влијаат напоредно и заемно во когнитивно-бихејвиоралното програмирање на публиката. Цел на таквото програмирање е креирање на погодни гласачи, потрошувачи и сонувачи.

Вестите (про)даваат информации, а произведуваат гласачи.

Сериите (про)даваат емоции и афекти, а произведуваат потрошувачи (покрај директните реклами, потрошувачот го креираат: идеологиите и животните стилови на главните ликови, како говорат, како изгледаат, како се однесуваат, што посакуваат, и сл.).

Реалните шоуа (про)даваат восхит, лажно учество и симулација на само-реализација, а произведуваат комерцијално посакувани типови на сонувачи.

Оформувањето на „сонувачите“ и „потрошувачите“ се пред или под-фази во производството на гласачите. Нарациите на сериите и матриците на ликовите, се пресликуваат во нарациите и ликовите во вестите. Добрите дечки се јасно дефинирани, исто како и лошите момчиња и момичиња. Релациите помеѓу дефинираните типови ликови исто така се пресликуваат помеѓу вестите и сериите: чесност, нечесност, љубов, љубомора, страв...Како гласаш во реалните шоуа те прет-програмира како да гласаш и на избори, што да вреднуваш, што да отфрлаш и одбиваш, а што да подржиш.

Оваа жанровска комбинација во големи секојдневни дози е електронско-когнитивна машина која ја запоседнува вашата свест и ве заробува во својот затворен свет на слики, чувства и мисли, убедувајќи ве дека нема никаква алтернатива за неа…

Информираноста и свесноста за тоа како функционира овој систем, е прв чекор кон враќањето на вашата човечка слобода во мислата и чувствата, како да го живеете животот и како да се самореализирате.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Марио Санчез Невадо