Капитализмот и клептократијата

15.06.2016 10:58
Капитализмот и клептократијата

На почетокот на сите економски односи, ако им веруваме на класиците, се самоволието и лековерноста. Русо во знаменитата воведна реченица на второто дело Дискусии за потеклото и основите на нееднаквоста меѓу луѓето од 1755 година, го дава потребното објаснување: „Првиот на кој, откако заградил некое земјиште, му паднало на ум да каже – „ова е мое!“ и нашол лековерни луѓе кои му поверувале, всушност е основач на граѓанското општество“. Според тоа, она што го нарекуваме „економски живот“ почнало така што некој успеал да постави уверлива ограда и што заградениот терен со авторитативен говорен чин се поставил себеси, господарот на оградата, на располагање: Ceci est à moi. Првиот претприемач е оној кој прв го земал – првиот граѓанин и првиот крадец. Него неизбежно го следел и првиот јавен нотар. Такво нешто каква што е обработката на тлото која го дава вишокот на вредноста е пред-економската „делотворна дејност“ (Tathandlung) која не се состои од ништо друго освен суровиот гест на присвојувањето. Без согласноста на „лековерните“ кои веруваат во исправноста на првото присвојување, правото на поседување не би се одржало долго. Она што почнува како заземање, се запечатува со внесувањето во катастарските книги. Најпрвин самоволие, а потоа благослов со легално признание. Според тоа, тајната на граѓанското општество се крие во дополнителното посветување иницијатива која во себе носи насилство. Кога станува збор за почетниот грабеж што подоцна ќе се претвори во правен титулар, најважно е да се биде прв. Оној што стигнал доцна, него ќе го казни животот. Оној што живее на погрешната страна од оградата, тој останува сиромашен. На сиромашните светот им изгледа како место на кое раката на другиот земала сè, уште пред тие и да стигнат на бојното поле.

Митот на Русо за раѓањето на граѓанското општество од окупацијата на земјата оставило силно влијание на читателите на политичката модерна. Маркс бил толку импресиониран од изворното поставување на оградата што се обидел целата рана историја на „капитализмот“ да ја сведе на таканаречената првобитна акумулација, на злосторничкото самоволие на неколку големи британски земјопоседници на кои, како што мислел, им паднало на ум да заградат огромни површини земја и таму да пуштат огромни стада капитал со крзно, за да пасат – а, тоа природно подразбирало дека претходно ги избркале претходните поседници или корисниците на таа земја. Кога подоцна Маркс, својата теорија за економијата водена од капиталот ја развил во Критиката на политичката економија, тоа го направил врз основа на претчувство, инспирирано од Русо, дека целата економија се темели на претпоставката на пред-економското самоволие – токму на онаа иницијатива за насилно оградување од кое, по многу меѓучекори, произлегол актуелниот сопственички поредок на граѓанското општество. Првите иницијативи beati possidentes се еднакви со изворното злосторство – тие не се ништо помалку од повторување на првобитниот грев на полето на сопственичките односи. Човекот доживеал пад кога ја прифатил приватната сопственост издвоена од заедничката. Тој пад продолжува во секој следен економски чин.

Таквиот начин на гледање на нештата се наоѓа во основата на модерниот хабитус со недостаток на респект за важечкото право (хабитус карактеристичен за марксизмот, но не само за него), особено за најграѓанското меѓу правата, правото на неповредливост на сопственоста. Секој што верува дека е кадарен да го презре „постоечкото“ како резултат на едно почетно неправо, автоматски ќе престане да го почитува правото. Бидејќи сопственоста, така набљудувана, може да се сведе на изворен „грабеж“ од дифузното заедничко богатство, тогаш сегашните сопственици треба да сметаат дека еден ден во сферата на политиката на ред ќе дојде корегирањето на така настанатите односи. Тој ден ќе дојде кога „лековерните“ ќе престанат да бидат тоа. Тогаш, тие ќе се сетат на „злосторството“ кое е сторено со поставувањето на првата ограда. Исполнети со просветен револуционерен елан, ќе тргнат да ги рушат постоечките огради. Потоа, политиката ќе мора да гарантира надомест за штетата за она што му е одземено на мнозинството со првата распределба: генерално ќе биде вратено она што го присвоиле првите приватни одземачи. Во основата на секој револуционерен недостаток на респект се наоѓа убедувањето дека најпосле нема никакво значење тоа што сегашните „легитимни“ сопственици не се оние истите од вчера. Од недостатокот на респект до развластувањето има само еден чекор. Сите авангарди објавуваат дека е неопхопдно одново да се изврши прераспределбата во светот.

Со ваква позадина лесно е да се разбере зошто сите „критички“ економии по Русо морало да бидат само општи теории за грабежот. Онаму каде што на власт има крадци, дури и тие веќе одамна да станале управувачи, таму реалистичната економска наука не може да биде друго освен поука за клептократијата на имотните. Теоретски гледано, таа поука ќе објасни како богатите отсекогаш се и оние кои владејат: оној што зграбил земја во почетното земање, тој и во подоцнежното преземање на моќта ќе биде меѓу првите. Од политичка перспектива, новата наука за „раката што зема“ објаснува зошто реално егзистирачката олигархија може да преовлада само со враќањето на почетното земање. Така, на сцена стапила најмоќната политичко-економска мисла на 19 век, онаа која, благодарение на советскиот експеримент од 1917 до 1990, учествувала во дефинирањето на претходниот век: таа мисла ја артикулира квази-хомеопатската идеја дека во случајот на изворниот грабеж од страна на неколкумина од помош може да биде само морално оправданиот повратен грабеж од страна на многумина.

Критиката на аристократската и граѓанската клептократија, која ја зачнала почетната теза на Русо исполнета со насетување, ја презело радикалното крило на Француската револуција; ја презело со огорчено воодушевување од кое изникнала погубната поврзаност на идеализмот и ресантиманот. Уште кај раните социјалисти expressis verbis значело: сопственоста е грабеж. Младиот Маркс во почетокот бил многу наклонет кон анархистот Пјер Жозеф Прудон, кој ја сковал оваа зглогласна фраза и барал, во написот за сопственоста од 1840 година, укинување на стариот поредок и основање производствени сојузи во кои нема да има управа. Познато е дека Маркс, неколку години подоцна, кога ѝ го завртел грбот на прудонистичката инспирација, го изнел барањето природата на проблемот на сопственоста и eo ipso феноменот на грабежот, да се испита со подлабоко навлегување во нејзините темели. Маркс и подоцна во класичниот тоналитет со недостаток респект ја изнесувал паролата „експропријација на експропријаторите“, но тоа тогаш веќе не се сведувало на исправување на неправдата која е направена во праисториско време. И покрај тоа, тој марксистички постулат, потпрен на мудро конфузната теорија на вредноста, цели кон укинување на ограбувачките односи кои секојдневно се обновуваат во системот на капиталот. Наводно, тие односи одредуваат дека „вредноста“ на сите индустриски производи постојано неправедно се распределува: за работниците само егзистенцијалниот минимум, а за сопствениците на капиталот вишокот на вредноста. Од теоријата на Маркс за вишокот на вредноста произлегла плодната теза формулирана на полето на критиката на сопственоста. Кога таа ќе осветли сè, тогаш согледуваме дека буржоазијата, иако де факто е производствена класа, всушност во основата е клептократски колектив чиј modus vivendi заслужува презир, и уште повеќе затоа што официјално се повикува на општата еднаквост и слободата – меѓу другото и на слободата за склучување договори при стапување во производствени односи. Она што се утврдува во правната форма на слободно склучениот договор за разменските односи меѓу претприемачите и работниците не е ништо друго туку уште еден случај на она што Прудон го нарекол „угнетувачка сопственост“. Оттука, патот води директно до оние грабежи на вишокот вредност кој наводно постои секаде каде што постои добивка на страната на капиталот. Плаќањето на надницата е земање со изговор за давање; надницата е грабеж прекриен со слободната, правно регулирана размена. Само благодарение на ваквото морализирачко стилизирање на темелните економски односи зборот „капитализам“ можел да стане израз со кој во политиката се напаѓа некој и израз кој систематски се разбира како погрден. Тој денес повторно циркулира на таков начин. Капитализмот се разбира како продолжение на феудалната експлоатација на робовите и кметовите со средствата на модерната, односно буржоаската експлоатација на оние кои добиваат надница.

Тоа е она што се кажува со тезата дека „капиталистичкиот“ економски поредок се придвижува од базалниот антагонизам на капиталот и трудот – теза која во својата сугестивна основа се темели на погрешно претставените реални односи: имено, двигателот на модерниот начин на стопанисување не треба да се бара во играта во која (индустрискиот) капитал и трудот се спротивставени. И покрај тоа, тој се крие во антагонистичкиот однос на доверителите и должниците. Модерната логика ја придвижува грижата како да се врати кредитот – и во поглед на таа грижа капиталот и трудот се наоѓаат на истата страна. Сепак, во овие денови на финансиска криза булеварскиот печат пишува: кредитот е душата на секое претпријатие, платите треба да се исплаќаат со позајмени пари – а, само во случај на успех, и од заработката. Профитниот нагон е епифеномен на должењето, а фаустовскиот немир на постојано живиот претприемач не е ништо друго туку психички рефлекс заради каматниот стрес. Но, трикот дека „капиталот“ е само псевдоним за незаситната ограбувачка енергија живее се до Брехтовата sottise (будалаштина) дека грабежот на банките не е ништо во споредба со основањето на банките. Тука гледаме уште нешто: во анализите на класичната левица се вели дека оној кој е на власт секогаш краде и дека нема маска која ќе го прикрие тоа и дека не е важно колку претприемачите се трудат да им излезат во пресрет на оние кои работат за нив. Кога станува збор за „граѓанската држава“, според ова толкување, таа не може да биде ништо повеќе туку синдикат за одбрана на добро познатите „владејачки интереси“.

Нема некаква цел сега да се набројуваат разни заблуди и погрешни разбирања кои, на линијата од Русо преку Маркс до Ленин, им се својствени на авантуристичките конструкции околу начелото на сопственоста. Последниот покажал што се случува кога формулата „експропријација за експропријаторите“ ќе се пренесе од сферата на секташките трактати во сферата на теророт на државната партија. Нему треба да му се заблагодариме за ненадминливото согледување дека судбината на капитализмот, како и неговиот противник, социјализмот, неминовно зависи од начинот на које е обликувана модерната држава.

И, навистина, мора да погледнеме каква е денешната држава ако нè интересира до каде стигнала во својата умешност „раката што зема“. За точно да ги разбереме размерите на денешната невидена надуеност на државата, потребно е да се потсетиме на историското сродство помеѓу раниот либерализам и зачетоците на анархизмот. Двете движења ги инспирирала претерано лажливата вера дека влегуваме во ерата на слабите држави. Либерализмот тежнеел кон минимална држава која со своите граѓани ќе управува речиси незабележително и ќе ги остави на мира да ги работат своите работи, а анархизмот на дневен ред го ставил дури и барањето за целосно изумирање на државата. Во двата постулати очекувањето било живо, типично за 19 век и неговото мислење кое е слепо за системот, дека во блиско време ќе му дојде крајот на грабежот. Едните верувале дека тоа ќе се случи по пат на задоцнетото развластување на оние кои се непродуктивни и само ги извлекуваат парите од другите, односно развластување на племстовото и свештенството; другите верувале дека грабежот може да се запре со разложување (Auflösung) на познатите општествени класи на мали кругови во кои нема да има отуѓување и самите ќе го консумираат она што ќе го произведат.

Искуството од дваесеттиот век покажа дека логиката на системот оди и против анархизмот и против либерализмот. Оној што денес го интересира што навистина прави „раката што зема“, најпрвин би требало да ја погледне најголемата одземачка моќ на модерниот свет, денес остварената држава на даноците, која сè повеќе и повеќе станува должничка држава. Предусловите за да го разбереме тоа де факто се наоѓаат претежно во либералните традиции. Во нив, на вознемирувачки начин грижливо се нотира дека модерната држава за стотина години полека се преобликувала во големо чудовиште кое голта и троши пари.

Тоа преобликување најпрвин се случува со баснословното проширување на зоните на оданочување, при што не е од најмало значење воведувањето прогресивен данок на приход – данок кој впрочем не е помалку функционален еквивалент на социјалистичката конфискација, со една значајна предност што постапката може да се повторува од година во година, барем во случајот на оние кои цедењето од минатата година не ги уништило. За да сфатиме на вистински начин дека денес добростоечките класи се толерантни кон даноците, можеби би требало да се присетиме дека кралицата Викторија, кога првпат го зголемила данокот на приход во Англија на 3,3 проценти, размислувала дали со тоа не е премината границата на дрскоста. Во меѓувреме, одамна се навикнавме на состојбата во која една мала група успешни полнат повеќе од половина од националниот буџет.

Заедно со шарената листа на создавање и извлекување, кои главно се однесуваат на потрошувачката, се јавува еден феноменален исход: целосно изградените даночни држави земаат половина од вкупниот економски успех од своите продуктивни слоеви за фискусот, а оние кои се погодени од тоа не прибегнуваат кон најплаузибилната реакција, антифискалната граѓанска војна. Тоа е последица од политичката дресура во модерното општество заради која секој министер за финансии во апсолутизам би можел да пукне од завист.

Кога станува збор за опишаните односи, лесно е да се види зошто е погрешно поставено прашањето дали „капитализмот“ има иднина. Ние денес не живееме „во капитализам“, како што постојано одново сугерира колку немисловната толку и хистерична реторика во последно време. Ние живееме во поредок на нештата кој cum grano salis би можел да се дефинира како полу-социјализам, анимиран од страна на масовните медиуми, кој се темели на економија со приватна сопственост и во кој даночната држава само граба. Срамниот официјален назив за тоа гласи „социјална пазарна економија“. Кога станува збор за активностите на „раката што зема“, од кога ја монополиризала во националниот и регионалниот фискус, таа главно е во служба на задачите на заедниците. Им се посветува на сизифовските работи кои извираат од барањата за „социјална правда“. Сите тие се темелат на согледувањето дека оној што сака многу да зема, мора и многу да дава. Така од себичното и директно искористување во феудалното доба, во модерното доба се создаде речиси несебичната, правно зауздана државна клептократија. Модерниот министер кој се заколнал дека ќе го почитува уставот е Робин Худ. Земањето со чиста совест, кое ја карактеризира „раката на јавноста“, односно јавните државни служби, се оправдува, како идеал-типски така и прагматички, со непризнаена корисност во поглед на социјалниот мир – да не ги ни споменуваме другите достигнувања на државата која зема и дава. Притоа, факторот на корупцијата главно се држи во умерени граници, иако од Келн и Минхен пристигнуваат некакви сигнали кои најавуваат дека можеби и не е така. Кој сака правилно да ги оцени овдешните услови, треба само да се сети какви се односите во посткомунистичка Русија во која човек без никакво потекло, некој како Владимир Путин, за неколку години служба на врвот од државата може да собере богатство од повеќе од дваесет милијарди долари.

На либералните набљудувачи од ова наше денешно чудовиште, на чии плеќи јава системот за социјална заштита, треба да им се заблагодари што го насочија вниманието кон скриените опасности во таквата состојба на нештата – за можноста за претерана регулација која со претприемачки елан му поставува претесни граници, потоа за претераното оданочување кое го казнува успехот, и за претераното задолжување благодарение на кое сериозното домаќинство го замени со спекулативна лекомисленост, и во јавната и во приватната сфера. Авторите на либералните тенденции први посочија дека во денешните услови постои тенденција за обратно искористување: ако во претходните околности богатите, без никаков сомнеж живееле непосредно на сметка на сиромашните, во економската модерна може да дојде до тоа непродуктивните да живеат на сметка на продуктивните – и тоа на начин кој може да биде погрешно протолкуван, така што ќе го добиваат она што им е кажано и дури ќе веруваат дека им се нанесува неправда затоа што всушност им се должи уште повеќе. Денес, половината од сите жители на модерните држави навистина се луѓе без никакви приходи или со ниски заработки, значи оние кои се ослободени од какви било давачки и нивниот опстанок во голема мера зависи од работата на онаа половина која е даночно активна. Ако таквите согледувања се прошират и радикализираат, во 21 век би можело да дојде до десолидаризација во голем стил. Таа десолидаризација би била последица од тоа што речиси премногу плаузибилната либерална теза за искористувањето на продуктивните од страна на непродуктивните би ги спуштила на понизок ранг многу помалку плаузибилните леви тези за искористувањето на трудот од страна на капиталот. Тоа со себе би повлекло пост-демократски консеквенци кои засега би било подобро да не се обидеме да ги претставиме.

Во моментов, големата катастрофа за иднината на системот доаѓа од должничките политики на државите затруени со кејнзијанизмот. Таа должничка политика води, дискретно но неизбежно, до ситуација во која должникот уште еднаш ќе го ограби својот доверител – онака како што често се случувало во историјата на грабежот, од деновите на фараоните, па сè до валутните реформи во дваесеттиот век. Новоста на овој актуелен феномен најпрвин се однесува на пантагруелските димензии на јавниот долг. Без разлика дали тоа е отпис на долг, инсолвентност, валутна реформа или инфлација – на пат е следната голема конфискација. Уште сега е јасно како гласи работниот назив на сценариото за иднината: сегашноста која ја ограбува иднината. „Раката што зема“ посегнува дури и по животите на поколенијата што ќе дојдат – непочитувањето ги опфаќа дури и природните основи на нашиот живот, како и идните генерации.

Единствената моќ која би можела да му се спротивстави на ограбувањето на иднината мора да се темели на едно ново социјал-психолошко пронаоѓање на „општество“. Тоа изнаоѓање не би било помало од револуцијата на раката што дава. Тоа би водело кон укинување на задолжителното оданочување и негово претворање во подарок на заедницата (Allgemeinheit) – а, притоа јавниот простор заради тоа не би бил нужно осиромашен. Тој тимотички (за Слотердајк thymos е свест водена од гордоста дека човекот е способен да дарува нешто) пресврт би покажал дека во вечниот спор помеѓу лакомоста и гордоста, тука и таму, и ова второто може да победи.

Извор: Peter Sloterdijk, Die nehmende Hand und die gebende Seite: Beiträge zu einer Debatte über die demokratische Neubegründung von Steuern. Suhrkamp, Berlin 2010, p. 97-105.)

 

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото