Совршени раскази за ерата на Твитер

18.06.2016 14:42
Совршени раскази за ерата на Твитер

„Приказната и раскажувањето“ се целата човечка историја; животниот процес можеби е поважен - а секако потаинствен - отколку јадењето, пиењето и размножувањето.
Станко Церовиќ

Добрата приказна се раскажува за триесет секунди во лифт.
Бенедикт Бененати

 

 

Речиси сите теоретичари се согласни во оцената дека не е можно да се даде стандардизирана дефиниција на расказот, па со самото тоа ни на краткиот расказ. Тоа е жанр кој нема почеток, зашто потекнува од праисториските усни збиени форми, но нема ни крај, зашто се случил триумф на Приказната во историјата, и сè станало приказна, Приказна и „приказна“1.

Кога станува збор за расказот како жанр на кратката уметничка проза, тој може да има каков било облик: може да биде оглас, цитат, новинска вест, список на работи за купување, тест по интелигенција или рецепт за некое јадење, а кога станува збор за употреба на зборот приказна во секојдневниот говор, тогаш тој поприма многукратни облици, улоги, функции и значења и станува, да речеме, животна приказна, бескрајна приказна, сосема друга приказна, приказна за бренд, класична капиталистичка приказна, приказна за успехот, добра/лоша приказна, страшна/смешна приказна, моја/твоја/наша/нивна приказна, вистинита/лажна приказна, (не)убедлива приказна, политичка приказна, топла човечка приказна, променлива приказна, нераскажана приказна, приказна од наше време, основна приказна, приказна за општи места, ефикасна приказна, приказна која е корисна, приказна која не држи вода, добро скроена приказна, приказна која може да се раскаже додека се возите во лифт... И затоа во вака распространетата употреба на зборот приказна го ставаме под наводници и го пишуваме со голема буква. Кога сè е приказна, тешко е да се одредат нејзините граници и дистинктивни обележја.

Иако краток расказ може да биде сè, па и парабола, анегдота, песна во проза, фрагмент, афоризам или виц, сите тие, забележа своевремено Давид Албахари, нешто ги обединува: „Сето тоа се изрази на поетиката на концизност која, сосема сигурно, претставува една од главните одлики на книжевноста од втората половина на дваесеттиот век.“

Наративната пракса на голем број современи писатели ја промовираше токму поетиката на концизност во врвен книжевен принцип, кога станува збор за краткиот расказ и неговите деривати како флеш фикцијата, во која збиеноста како квалитет се гледа најдобро и најјасно.

Иштван Еркењ, унгарскиот писател кој принципот на концизност го доведе до совршеност, ја открива тајната на своите духовити, апсурдни и гротескни кратки прози: „Едноминутните новели настанаа на тој начин што едноставно бев мрзлив да пишувам подолги новели...“ Во Упатство за употреба на едноминутните новели, Еркењ дава попрецизно објаснување на своите „мини-митови, едноминутни или двоминутни фини дестилати“, како што ги нарече Тибор Тардош: „Наспроти тоа што се крати, приложените новели се полноважни текстови. [...] Можеме да ги читаме седејќи или стоејќи, на ветер или на дожд, дури и во преполн автобус. Во повеќето од нив можеме да уживаме во од!“ Може, според ова упатство на Еркењ, дури и да се патува околу светот за минута, колку што е потребно за да се прочита една лаконски срочена флеш фикција, како што ја опиша и Ѓерѓ Конрад, која ја одликуваат негувани реченици - еластични како тениски топчиња, и идеална форма - која бара висока концентрација на вниманието кај читателот.

Американската писателка Лидија Дејвис, позната по својот концизен стил на пишување, проза од реченица или две, која ја карактеризира исклучителна духовитост, апсурд, избрусен стил и поигрување со формата, напиша расказ кој почнува со зборовите: „Неодамна ми побегна наградата за пишување затоа што сум, како што велат, мрзлива...“ Објаснувајќи го мотивот за пишување на овој расказ, Дејвис вели: „Можеби несвесно верував дека нема да добијам книжевна награда, затоа што моите приказни се прекратки, зашто можеби сум премногу мрзлива за да напишам подолга приказна.“ Интересно е дека и кај Лидија Дејвис и кај Иштван Еркењ мрзата се појавува како мотивациски импулс за пишување (ултра)кратка проза. Краткиот расказ, според Лидија Дејвис, „треба да биде 'организиран' како тропска бура. Би требало да има многу добра структура. Треба да се обрне големо внимание на јазикот, така што секој збор да се најде таму каде што би требало да биде. Би требало да настане од добро, силно чувство; никогаш не би требало да биде произволен или безначаен.“

Флеш фикцијата е жанр на третиот милениум. Појавата на новите медиуми и развојот на комуникациските технологии влијаеја и на развојот, промената и настанокот на новите прозни жанрови. Така, со појавата на социјалните мрежи и развојот на веб платформите, се отвори широко поле за формирање нови прозни жанрови како што се Твитер расказите, СМС расказите, блог расказите, Фејсбук расказите и други жанровски подвидови условени од техничките ограничувања.

Твитер расказите спаѓаат меѓу најкратките и најконцизните прозни облици, зашто го ограничуваат изразот на 140 знаци: Освен што можат да се пишуваат во продолженија, постојат и Твитер раскази, наречени твистери, кои имаат само еден единствен твит. Исто така, се случува и канонските дела на книжевноста писателите на твитови да ги „скратуваат“ и да ги претставуваат во Твитер облик, и тоа во продолженија, како своевидни сижеа или избор од цитати. За популарноста на твитературата (Tvitterature) - книжевност која настанува со користење на микроблог сервисот Твитер, а во која се инкорпорирани различни книжевни жанрови: проза, поезија, хаику, афоризам... сведочи не само бројот на луѓе кои ја следат, туку и примерите на Твитер раскази кои ги објавуваат етаблираните автори.

Твитер расказот како ултракратка прозна форма е експериментален, но има свои претходници и несомнено може да образува своја поетика. Твитер расказот ги има своите корени во концизните раскази кои настануваат на маргините на жанровите. Исто така, Твитер расказот има корен во подолгите прозни целини и претставува иницијална каписла за создавање расказ, новела, па дури и роман. Квалитетот на Твитер расказот е во тоа што иницира самостојни читателски интерпретативни проширувања.

Говорејќи за односот на краткиот расказ и популарните социјални мрежи, Давид Албахари заклучи дека „концизните раскази секогаш биле интересни за писателите и читателите. Тие сега откриваат нови можности во електронските медиуми, но времето ќе покаже дека тоа е само една фаза во историјата на збиеното раскажување.“ Интересно, критичарите ја прогласија Лидија Дејвис за „совршена писателка за ерата на Твитер“.

Краткоста и концизноста како најважни квантитативни и квалитативни особини на флеш фикцијата го одредуваат мојот избор раскази како уредник или антологичар. Воедно, краткоста и концизноста на расказот претставуваат ограничување во изборот на раскази. Строгото правило, а воедно и единственото правило до кое се држам како уредник на антологијата, е дека одбраната флеш фикција не смее да биде подолга од 1.000 зборови.

_________________________________________________

[1] Во оригиналниот текст на српски јазик, зборот „прича“ означува и приказна и расказ. Во македонскиот превод, за да бидеме попрецизни, ги користиме и двата збора, зависно од контекстот (заб. прев.)



Превод: И.Ш.
Слики: Peechaya Burroughs

Срѓан Тешин (1971), српски писател. Студирал филозофија и комуникологија, а дипломирал на поетика на краткиот раказ. Автор е на десет книги и приредувач e на шест антологии на краток расказ. Поважни книги: Антологија на најважни наслови, Низ пустина и прашина, Клетвите на готвачот и други гадости, Под линијата и Приказни од Марс. Добитник е на наградата „Борислав Пекиќ“, Наградата на Друштвото на книжевници на Војводина за книга на годината и Медал за култура на мултикултуралност и интеркултуралност. Прозата му е преведена на дестина европски јазици. Застапен е во српски и странски антологии и избори од српската современа книжевност. Неговиот расказ Where Is Grandma, Where Do You Think She Hides? од збирката Приказни од Марс е вклучена во Антологијата на најдобри европски раскази на американско-англиско-ирскиот издавач Dalkey Archive Press. Член е на српскиот ПЕН центар.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото