Шивачка Пет Проби

13.07.2016 14:01
Шивачка Пет Проби

Ќе го пресошијам светот околу мене со различни басма, текстилни материјали од секаде и од секогаш. Најдобрите допири ќе ги наменам за нештата од порано, ќе ги прекројам и подновам првин излитените и износени сеќавања, потоа со издашно одвиткување на новите негибнати траби со скапоцени платна ќе распослам бои и шари одовде до бескрајот и со дрвено, дуќанџиско метро ќе бележам со креда, а сетне со гломазни, метални шивачки ножици ќе сечам парчиња во форми на ногавици, ридови, ракави, јаки, детелини, вратоврски... чкрапји и бетонски огради, во форми на слога и на кавга, на тишина и неподнослива врева во неподнослива пладневна жега околу работничката зграда зариена сред ситниот, закржлавен расад на полуселските куќички и едната единствена покондирена палата во предградието... ќе накројам работа за илјадници идни фабрики и дни, фустани со фалти и набори, поли за кошули со и без брусни за градите, преслеки за столчиња и отоманчиња, калафи за ѕидови и за цели куќи и предели, ќе изнатрупам наметки за сегде и за секого, за невидливост и за незаборавност, за впечатливост и за незабележливост... пижами и пижами во сите можни големини ќе подготвам за шиење за во тапо, сонливо квечерно време и сложени невестински кројки ќе мерам и премерувам, за атер на муслините и маркизетите, за туловите и чипките повредни од умот и од мислите на младенците, ќе распослам евтини порхетчиња на цветчиња, жоржетчиња на туфнички и пепито-тревирчиња за девојчиња, за момичките – пуплинчиња, тергалчиња, вискозички и свилички, зенана со крупни, грди ѓулови за средовечните тетки со ретки, гргурави и свежо бојадисани коси во најнеприродни бои - крволочни непријатели на нивните тенови, очи и подочници... нивните скришни модринки по снагите ќе ги обложам со машински преден и најфино чешлан памук кој никој нема да го види, сал тие ќе си го чувствуваат на запоставената кожа како мелем и како тајна истовремено, како плотна рака од див љубовник од омилената серија, како контраст на рапавиот шајак во погледите на нивните совршено погрешни мажи.

Ќе го пресошијам светот околу мене и на рака и на машина, ќе ги извадам и иглите и топуските и машината и сè ќе распослам на масата како залудно совршена ливада за која никој не знае, ќе кројам сутесни навлаки за надежта, убаво да се распне полнетицата однатре да не остане ништо празно, перницата да не прави „уши“; првин од бледорозов американ без копчиња или патент, ќе му натрупам трајна руба на невидливото, потем совршено прецизно ќе насечам менлива руба на видливото, за секој ден по една неприродна лика од полиестер и полиамид што лади на студено и топли на врело време, та и онака видливото го трпиме не од што сакаме, туку од што мораме.

- Добар ден.
- Добар ден, повелете.
- Заинтересирана сум за курс за шиење.
- Курс за што?
- За шиење.
- Жалам, поради недостиг на интерес, од поодамна не организираме курсеви за шиење...

Ќе го пресошијам светот околу мене по мера и мерка на странски списанија и димензии, ќе заборавам на сѐ наше, на погрешни петки и непотребни тетки наседнати пред туѓи куќи, на големи успеси и мали резултати, на неправди завиткани во светкави хартии со допадливи панделки, толку што дури раката сама да ти посегне, а умот миг пред тоа да бира и пребира низ лажното. Ќе го пресошијам светот околу мене од почеток: на првото утро од сопствениот живот ќе му сошијам памучно ќебенце со кариран свиленкав паспул и кученце во аголот или, можеби, јаготка... Белки не ќе биде пак ноември како кога првпат се родив. Всушност, сеедно е. И пак да биде ноември, јаготката ќе можам да ја сошијам и отпосле, кога ќе биде мај, а јас веќе ќе имам научено да седам без да се напрчувам на кревет, или претходно, кога ќе биде мај, а јас ќе сум груменче во стомакот на мајка ми. Ќе го прекројам и нашиот двор. И овие грди вреќи во кои девет години спиеле коренчињата на најубавите цвеќиња на мајка ми ќе ги шијам и парам, шијам и парам, шијам и парам.. додека не станат најшарените и најмирисливите ленени приказни на светот. Сетне ќе ѝ направам џубе со долги ракави на болката, да се вотне во него, и пред да ја измолкне дланката од кај манжетната, набрзина ќе го исечам ракавот и џубето ќе биде кафтан со груба врвца. Еднаш и јас ќе ја заебам болката! Ќе ѝ вратам, да ѝ ја ебам мајката, да ѝ ја ебам!

- Добар ден.
- Добар ден, повелете.
- Заинтересирана сум за курс за шиење.
- Курс за шиење, рековте?
- Да. За курс за шиење.
- Теоретски, ние организираме такви курсеви што може да се види и на нашата веб-страница... Дали ја имате видено?
- Не. А практично?
- Штета, скоро ја подготвивме со сите подробности за нас...
- Заинтересирана сум за курс за шиење. Практично, не теоретски...
- Да, да, госпоѓо, сфатив. За жал, нема доволно интерес и не можеме да оформиме група...
- Колкумина се неопходни?
- Петмина најмалку.
- Ако јас се запишам петпати, дали ќе се одржи курсот?
- Ќе морам да прашам кај одговорните.Оставете ни ваши податоци, ќе ве побараме...


Додека чекам да заѕвони телефонот, еве веќе години и години, ја наполнив целата спална соба на моите родители со секакви басма. Нема материјал што го немам, цели траби велур, кепер, тревира, рипс, вискоза, полиестер, полиамид, жоржет, малон, американ (бледорозов, но и бледосин), диолен, тергал, леакрил, панама, порхет, пуплин, батист... Кога ќе заѕвони телефонот, ќе тргнам на курс и ќе научам да шијам. А потоа, потоа - ќе го пресошијам светот околу мене практично, не теоретски. За атер на муслините и маркизетите, за туловите и чипките повредни од умот и од мислите на младенците, ќе сошијам и венчаници за сите умрени и невенчани и воали за слепите и проколнатите. Рапавиот шајак во погледите на сите совршено погрешни мажи внимателно ќе го заменам со најтенка коприна.

Ќе шијам со пет проби. Да ми биде подруг и понов светот, да бидам сигурна дека ми се допаѓа и дека добро ми стои.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото