Средновековното потекло на Европа

15.07.2016 11:01
Средновековното потекло на Европа

Наследството на националистичката филологија и археологијата продолжува тешко да ја притиска мапата на европските народи. Тие по „научен пат“ ги утврдија основните компоненти на националноста: јазик, територија и специфична култура во далечното минато. Многумина поверуваа дека со помош на новата историја и новата филологија може да се воспостави ново единство, да се оправдаат древните неправди и да се докажат древните права.

Но, и покрај емотивната привлечност на овие историски и лингвистички тврдења, во историските записи не постои ништо што би ги оправдало. Совпаѓањето на раните средновековни и современи „народи“ е мит. Лингвистичките и историските аргументи брзо паѓаат на испитот на современите прашања за етничките разлики, а уште се и помалку применливи во разликувањето на „народите“ од Европа во раниот среден век. Во Северна Ирска непријателските страни ги раздвојува верата, а не јазикот. Во поранешна Југославија, српскиот и хрватскиот се дијалекти на ист јазик, од кои едниот го зборува православната заедница, а другиот традиционално римокатоличката. Така, националистичките водачи во двете заедници, всушност, доаѓаат од редовите на скептичните или атеистичките политички опортунисти. И во големите хегемонистички држави и националистичките движења со големи аспирации, тврдењата дека „отсекогаш сме биле народ“, всушност се апел тоа да „станат“ – апели кои не се втемелени во историјата, туку повеќе се обиди за создавање историја. Минатото, како што се вели често, е непозната земја, и таму никогаш нема да се пронајдеме.

Жителите на градовите во Галија, Шпанија и на Балканот се разликувале од околното население. Жителите на градот биле воени старешини и владини чиновници од целото Царство, трговци од Сирија и Мала Азија, Евреи кои со генерации живееле на овие истурени точки од медитеранското општество. Археолошките наоди покажале дека варварите, како и гувернерите и воените заповедници кои ги замениле, првенствено се сместиле во градовите, од каде можеле да имаат политичка контрола додека живееле од данокот собран од имотите што им биле доделени. Надвор од градовите варварските формации ги ограничиле своите населби на стратешки важни воени положби.

Подоцнежните варварски населби покажуваат обратен модел. Градовите на Балканот – пред сè оние по должина на брегот, како Задар, Трогир, Сплит, Дубровник, Будва и Котор – останале стражарски римски култури во кои се зборувал грчкиот јазик. Околното селско население било под доминација на степската конфедерација, попозната како Авари, која подоцна се претопила со словенските општества. Германската експанзија во североисточна Европа на ист начин довела до создавање градови кои имале малку заеднички нешта – културно, политички или лингвистички – со околните области со кои владееле.

Овие средновековни модели се одржале долго. Во 20 век, важните градови, како оние на Балтикот, и понатаму културно, лингвистички и политички се разликувале од својата околина, но тоа не создавало „национални“ тензии. Од друга страна, јазикот кој на прв поглед можел да се смета за елемент на етнички разлики, често едноставно подразбирал постојани општествени или политички разлики. Во 19 век, кога естонските селани го користеле зборот „сакс“ (Саксонци, Саси), тој првенствено значел „господар“ или „газда“, а не „Герман“ во некаква етничка, лингвистичка, националистичка смисла. Долгорочно, народите едноставно не можат да се прикажуваат во форма на географски мапи.

Дури ужасите во 20 век создале илузија дека јазикот и етницитетот можат или мораат да се стават на мапа. Потиснувањето на културните различности во државите како што се Шпанија, Франција и Турција, довело до тоа Баските, Каталонците, Британците, Ерменците, Курдите и другите малцинства да „исчезнат“ од нациите-држави. Холокаустот и „етничкото чистење“ во Источна Европа кои следеа по Втората светска војна, натераа на преселба илјадници жители од Источна Европа кон Западот, чиј мајчин јазик е германскиот и доведоа до тоа населението од градовите како што се Данциг, Кенигсберг, Рига и Вилниус, првпат во својата историја да не се разликуваат од околното селско население. Меѓутоа, постојат знаци дека повторно се појавува стариот модел на слоевити лингвистички и културни различности. Ова особено се гледа во големите градови од Европа, каде лингвистичкото и културното раслојување повторно ги карактеризира двете страни од популацискиот спектар. На врвот, големите мултинационални корпорации и научните институции, во поголем дел или сосема, функционираат на англиски јазик, не грижејќи се претерано за локалните јазични традиции.

На долниот крај од општествената скала, во овие градови значителен е порастот на популацијата која води потекло од Турција, северна Африка, Индискиот подконтинент и други делови од Азија. Овие емигранти го живеат својот живот служејќи се со арапскиот, турскиот и други јазици, кои се далеку од јазикот на средната класа. Ваквиот развој, проследен со непријателство и страв, како што е вообичаено во соочувањето со нешто ново, всушност е враќање кон многу постарите модели на етничка разновидност. Всушност, Европа повторно почна да наликува на своето минато.

Така, по речиси два века обиди етницитетот лингвистички, археолошки и историски картографски да се потврди, мора да заклучиме дека сите такви програми пропаднаа. Основната причина е што етницитетот постои пред сè во свеста на луѓето. Сепак, местото на етницитетот во човечката свест не го прави ефемерен; напротив, токму затоа тој е пореален и посилен. Човечката волја е имуна на простиот рационален противдоказ.

А, сепак, да бидеме чесни кон научниците-националисти од 19 и 20 век, категориите на националноста кои ги развиле тие не се создадени од ништо: тие се засновале на далеку постарата традиција која веќе се развила во историските извори кои историчарите и филозофите се обиделе да ги искористат за да ги пронајдат нациите во минатото. Во многу важни облици, етнографијата од 19 век била само продолжение на етнографските традиции од класичната антика, но со далеку порафинирани средства.

Извор: Елементи, часопис за промоцију културе, бр. 1, лето 2015, Београд

ОкоБоли главаВицФото