EУ река (68): Групниот идентитет пред национализмот

30.04.2020 20:04
EУ река (68): Групниот идентитет пред национализмот

Кон средината на средниот век и на почетокот на ренесансата, „нацијата“ - заедно со верата, родот, властелинската власт и општествениот слој - обезбедувала еден во низата вообичаени начини на кој политички активните елити се идентификувале и организирале во заедничкото дејствување. Меѓутоа, чувството на припадност на една нација не било најважен елемент на овие сојузи, ниту заедничкиот национален идентитет ги обединувал оние горе и оние долу, господарите и селаните, во чувството дека сочинуваат единствена интересна заедница. Интелектуалците и општествените елити биле дури и помалку склони да ги бараат корените за сопствена идентификација со проектирање на своите национални идентитети во далечното минато од периодот на преселбите. Во оној степен во кој во далечното минато трагале по постоење заедники интерес, тие порадо свесно се идентификувале со римското општество и култура.

Меѓутоа, постепено, од ренесансата наваму, европските интелектуалци во Франција, Германија и источна Европа почнале да се идентификуваат со жртвите на римската империјалистичка експанзија, Галите, Германите или Словените. Оваа трансформација на идентитетот се одвивала во политичкиот контекст кој го одредувал правецот во кој ќе тргнат тие. Во ренесансна Франција, која имала исклучително долг континуитет на својата монархија, реалното постоење на државата никогаш не било доведено во прашање, но она што било доведено во прашање било постоењето еден единствен француски народ. Во Германија, од деветтиот век па натаму, писателите, одвреме навреме, зборувале за германски народ но со оглед дека не постоела единствена германска држава, идентификацијата со германските културни традиции не ја барала нужно во соодветната политичка традиција. Во другите подрачја, како што е Полска, „националната“ свест се сметала за исклучиво право на аристократијата која чувствувала мала солидарност, ако воопшто и чувствувала, со селаните кои ги обработувале нејзините имоти.

Француските тези кои се однесуваат на идентитетот на Французите, се развиле во контекст на кралскиот апсолутизам и аристократската или народната опозиција. Расправата за владејачкото право се одвивала помеѓу самиот крал и племството или првиот сталеж. И кралот и племството ги засновале своите права на тврдењето дека од времето на Јулие Цезар граѓанството или третиот сталеж на расата робови - односно, потомците на победените Гали кои ја изгубиле својата слобода - се понижена популација која нема право на политичко самоопределување. Ваквата карактеризација се засновала на уште постарата традиција која се развила во средниот век, а која го оправдувала ропството со низа интелектуални конструкции со кои селаните се сведувале на наследен и речиси нехуман статус. За разлика од нив аристократијата не била со галско потекло. Напротив, тие биле потомци на Франките, односно „слободните“ воини кои стигнале до Галија, победиле и од неа ги протерале римските господари и воспоставиле сопствена власт. Ваквите тврдења се засновале на замислата на римскиот историчар Корнелие Тацит од првиот век, кој ги славел и воздигнувал слободните Германи, споредувајќи ги со Римјаните од своето време. Ваквите тврдења исто така изискувале подетално читање на делата на Григориј Турски и други рани средновековни извори, за да се нагласи слободниот германски идентитет на француската нација, nation francaise.

Кој навистина имал право да владее - аристократијата како колективитет или кралот - била основна тема на спорот. Во 1588 година кралскиот пропагандист Ги де Коквил отишол толку далеку што тврдел дека Иго Капет, основачот на кралската лоза од која потекнувале сите француски кралови, по потекло бил Саксонец. Ова саксонско-германско потекло значело дека неговиот кралски потомок е вистински Французин, vrai Francais. Во 18 век, аристократите како Луи де Сен-Симон, Франсоа де Салињак де Фенелон и Анри де Буленвил, биле согласни дека популацијата Гали на крајот од стариот век во суштина била раса на робови. Во петтиот век, слободните воини Франки владееле со Галија врз основа на своите права како освојувачи. Само тие и нивните потомци - племството - биле вистински Французи. Значи, кралот морал да ја споделува власта со нив, како што било во времето на Карло Велики.

Аналогната традиција се развила во Полска, каде елитите се обиделе да го негираат своето словенско потекло. Дури кон средината на 16 век, полските хроничари тврделе дека полската елита мора да се идентификува со Сарматите, древно степско племе кое го споменуваат грчките и римските етнографи, а не со словенските селани. До 17 век, тезите за сарматското потекло станале средство кое на елитата szlacht ѝ послужило етнички да се одвои од пониските општествени класи.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Мирјана Лозановска
Слика (долу): Pierre Bonnard, Грабнувањето на Европа (1919)
Извор за текстот: Patrick J. Geary - Mit o nacijama, srednjovekovno poreklo Evrope (2007)

ЕУ река (67): Затруениот пејзаж: етничката припадност и национализмот во 19 век

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото