ЕУ река (66):Нацијата (2)

25.04.2020 07:47
ЕУ река (66):Нацијата (2)

Значи, постојат две содржајни подлоги на европската (транснационална) демократија како политичка форма. Тоа се морално-етичката и етничко-националната подлога.

Затоа политичкиот филозоф и директор на Центарот за политичка теорија на Слободниот универзитет во Брисел, Жан-Марк Фери во текстот Политичката интеграција и европскиот идентитет, од една страна, поаѓа од двојната сувереност, од сувереноста на народот или демократијата и од сувереноста на државата или националната сувереност. Од друга страна, пак, поаѓа од мултинационалните економии и плуралитетот на националните култури. Посебно нагласува дека идејата на демократијата и идејата на нацијата не се исклучуваат. Напротив. Не постои демократија од онаа страна на нацијата! Според Фери, нацијата и демократијата си припаѓаат меѓусебно, се претпоставуваат меѓусебно. Демократијата како нешто универзално, вклучувајќи ги сите човекови права, фактички може да се реализира само во рамки на сингуларниот народ, во рамки на националните специфичности во однос на јазикот, културата и историјата. Значи, демократијата е национална демократија, се совпаѓа со републиканските нации. Затоа демократијата не е нешто а-национално или дури нешто против-национално. Напротив. Демократијата е единствена политичка форма кадарна да го сочува и зачува националниот идентитет. Аналогно важи и за повратниот однос меѓу нацијата и демократијата. Нацијата како таква не е однапред само антидемократска. Според Патрис Канивез, „нацијата во суштина не е ни демократска ни антидемократска“. И затоа во фактичкиот живот опстојуваат како демократски така и недемократски нации.

Разликата меѓу националната и европската структура Фери ја означува како разлика меѓу вертикалната и хоризонталната интеграција. Националната интеграција беше и делумно сѐ уште е вертикална, со акцент на школството (облигаторно), војската (регрутна) и даноците (пропишани). Европската интеграција, пак, мора и понатаму да се развива хоризонтално. Хоризонталната итеграција, поддржана од современата информатичка и комуникациска технологија, ја составуваат: соработката, хармонизацијата на правата, трансверзалните асоцијации, слободниот проток на идеи, капитал, стока, услуги, луѓе итн. И натаму на дело се категориите и методите што ги познаваме од националните држави, но на европско ниво тие постапки не би требало да се темелат на вертикална субординација, туку на хоризонтална координација. На тој начин може да се пријде до нова синтеза меѓу европската цивилизација и културата на европските народи кои се развиваат според две начела: според начелото за мултикултуралност, односно мултијазичност во рамки на одредена нација и според начелото на интеркултуралност помеѓу нациите, односно народите.

Затоа за Фери, идејата за „европска држава“ како унитарна, иако „мултукултурна европска република“, чиј заговорник е Ален Рено, е илузорна фикција. Националните држави не треба да сметаат на републиканската концепција за нацијата. Нема ниту една „чиста“, договорно волунтаристичка држава. Врз основа на уставен договор може да се заснова само сојуз на држави, во нашиот случај (кон)федеративна Европска унија, исходишен темел на идните Соединети Европски Држави, соединети европски национални држави, а не американски републикански анационални, односно хабермасовски постнационални држави. Доколку, пак, поимите федеративност или конфедеративност се оптоварени од старите модели (Кант, на пример, федерацијата ја одредува како сојуз на држави, а не како сојузна држава), веројатно ќе ни пронајдат нов модел кој нема да биде само мешавина од федеративност и конфедеративност, туку комбинација на еминентноста на Европската унија, комбинација на самоограничувачката сувереност на националните држави, кои во Европа се повеќе од триесет, и неблокираната автономност на народите, кои во Европа се околу педесет.

Во рамките на слободните интеграции и унификации на транснационална вода можат да се одржат само нациите, додека субнационалните групи и региони порано или подоцна се осудени на тонење. Оттука очајните напори на Баскијците да станат нација. Каталонците, пак, судејќи по сѐ, веќе потонаа - не од аспект на компонентите и чинителите, туку од аспект на самобитноста (археномичноста) и самостојноста. Станаа историски rejet, етнички реликт, фолклорна знаменитост без влијание на сопствената судбина.

Принципот на националните држави не е само модерен туку и постмодерен. Она што во постмодерното доба веќе не важи е ексклузивизмот на националната држава, поврзан со преживеаната автархична сувереност на државотворниот народ. Но сувереноста на народите како самонасочувачка и самоограничувачка сувереност живее и ќе живее и натаму, токму под небото на националната држава.

За среќа, проектантите на европскиот Уставен договор го респектираа тоа. Уште во првиот член од нацртот го нагласуваат „националниот идентитет на државите членки“. Генерално, како основачи имаа мирна, можеме да кажеме и цврста рака. Не попуштија пред тешките светогледни притисоци, особено од клерокатолицизмот, и во членот 2, кој зборува за темелните уверувања на кои би требало да почива европската уставна зграда, ги наведуваат само современите, цивилните, лаички темелни вредности: човечкото достоинство, слободата, демократијата, правната држава, човековите права. Соединетите европски држави би требало да се засноваат на трпеливост, праведност и солидарност. Станува збор за вредности заеднички за сите држави членки, дотолку, мораат да им бидат заеднички, бидејќи наведените вредности впрочем се вредности на современиот, нов хуманизам. Од таквиот нов хуманизам би можела да се роди и втората ренесанса на Европа. На нејзиниот извор се грчката филозофија, римското право, христијанството и просветителството. Сите наведени состојки треба да се земат предвид, а бидејќи во голем дел се и меѓусебно спротиставени, не е можно една од нив да се постави на привилегирано место. Покрај тоа, новата европска ренесанса од аспект на изворот содржи и неевропски компоненти, како будистичкото почитување на светоста (неприкосновеноста) на секој живот итн. Накратко, просторот на новата европска заедница, заедница на новиот хуманизам и новата ренесанса, се отвора како простор на слободата. А потеклото на секоја слобода е духовната слобода.

Значи, можеме да заклучиме дека конфузијата која пред сѐ ја предизвикаа новолевичарите, со тезата дека глобализацијата ги укинува националните држави, е зад нас. Марксистичката носталгија за обединетите пролетери во светот, ленинистички помешана со претставите за светска револуција, иако разредена во мултитудите (Антонио Негри) на глобалниот Империум, мошне брзо се покажа не само како сосема промашена, туку и како посредна и затоа прилично скриена но мошне ефикасна услуга за глобалниот „капитализам“ made in USA. Секако, капитализам во наводници, зашто сегашниот глобален политичко-економски систем веќе одамна не е капитализам фундиран на системот на трудот, туку од планетарната волја за моќ извирачкиот систем на техно-политиката кој Земјата како глобус ја менува во вселенски техно-полис, во сѐ поголема мера ре-флексиски управуван и надзиран од космосот.

ЕУ река (65): Марио Копиќ – Нација (1)


Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Александар Јосифовски
Слики: Zander Bice

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото