ЕУ река (72): Жестока интелектуална дебата во добата на коронавирусот

20.05.2020 11:46
ЕУ река (72): Жестока интелектуална дебата во добата на коронавирусот

Полека се укинуваат забраните и ограничувањата воведени за да се запре пандемијата со короната, но нема сомнеж дека многу нешта се променија. Медицинската нужност длабоко продре во политиката, правосудството, животот на граѓаните - за економијата да не зборуваме. Ако сакаме да го дефинираме овој период, нема да стигнеме подалеку од она што го кажа Јирген Хабермас на почетокот на борбата против пандемијата: соочени сме со „знаењето за сопственото незнаење“ во размери кои не ги познаваме, но само заради опасноста за животите и здравјето требаше да се постават приоритети. Но, какви се последиците од приоритетите кои несомнено длабоко продреа во слободите на граѓаните? Дали по овие неколку месеци станавме попаметни? Како ќе изгледа и кој ќе ја диктира „новата нормалност“? Инфектолозите или политиката? Националните држави или Европската унија - која во пандемијата со апели и повици падна на ниво кое може да се спореди со Обединетите нации, додека насекаде се рушеше нејзиното основно начело на Европа без граници за граѓаните, стоката и услугите?

Впрочем, нашето незнаење и го поттикна Хабермас пандемијата да ја поврзе со својата книга Уште една историја на филозофијата зашто „ја осветлува позадината на филозофијата на моралот на актуелните стратегии“ во постапувањето пред предизвикот. И во пандемијата гледаме дека начелото на рамноправност „не е никаква тривијална тема“: „Во досегашниот тек на кризата во некои земји можеа да се видат политичари кои се колебаат дали да се ориентираат според начелото дека напорот на државите за спас на секој човек мора да има апсолутна предност пред утилитаристичката пресметка за економските трошоци кои може да ги предизвика тој приоритет. Кога државата би оставила епидемијата слободно да се развива за да може кај целото население да се постигне доволен имунитет, свесно би го прифатила ризикот за предвидлив колапс на здравствениот систем, кој може да се избегне, а со тоа и размерно високиот удел на мртвите“, рече Хабермас во разговор со новинарот Маркус Шверинг.

Ален Финкелкро за време на настанот „каков досега не познаваме и кој беше непредвидлив“ повторно ја читал Чума од Ками. На новинарот Јург Алтвег за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг му изјави: „Ками ја прикажува војната како епидемија, денес Макрон се бори против вирусот корона со идиоми на воена реторика“, заклучува Финкелкро. Тоа го смета за правилно и им се лути на Џорџо Агамбен и Петер Слотердијк, кои ги обвинува дека тврдат дека Макрон „го преувеличил значењето на обичниот грип на ниво на епидемија заради воведување тотален државен надзор“. Финкелкро „ужаснат“ го читал интервјуто кое го даде Слотердијк за весникот Ле Поинт. Во него германскиот филозоф советува да се заборави романот Чума и дека подобро е сега да се чита Декамерон од Бокачо. И на Макрон му советува „пацифистичка реторика“: „Понекогаш се води погрешна војна. Борбата против еден вирус нема никаква врска со воената мобилизација“, вели Слотердијк. Притоа, „дури ни чумата не го спречи подемот на Европа, па ни илјадапати побезопасниот вирус корона нема да го запре (подемот) на Кина“. За Слотердијк сево ова се претвора во нов облик на научност кој го нарекува „лавиринтологија“: медицината се претвора во соучесник на тоталитарната политика која се оправдува со модерната тенденција на тотална државна безбедност: „Духовите на повторно пронајдениот (државен) ред се враќаат“, што за Франција единствено може да значи Франција на Виши и Петен.

На размислувањата на Слотердијк, Финкелкро одговара: „Неговиот тон и содржината се одвратни, ароганцијата на Слотердијк е неподнослива“. Го сумира искуството од 20 век во поуката: „Тоа нѐ научи дека глупоста не е спротивност на интелигенцијата. Постои глупост на интелигенцијата и глупост на интелектуалците кои размислуваат во системи.“ Додава дека би било „ужас кога сезнајните интелектуалци би дошле на местото на владејачите: тогаш покрај ноќната мора од епидемијата би имале и вистински страв“.

Финкелкро не негира дека можеби имаше погрешни, можеби и претерани одлуки во борбата против пандемијата: „Но не смее да се заборави дека неизвесноста е дел од човечката егзистенција и трагичноста на животот. Токму тој заборав се манифестира во неправедни напади.“ Забраните и државните мерки пред сѐ имаат цел да заштитат секого, исто така и старите и немоќните. „Сѐ додека се држиме до тоа начело, современиот нихилизам не триумфира сосема, и ние остануваме цивилизација“.

Само неколку дена откако Франкфуртер Алгемајне Цајтунг го објави тоа, новинарот од весниот Ди Цајт имаше прилика да го праша Слотердијк дали го сменил мислењето после овие, за академските кругови навистина невообичаено остри зборови на Финкелкро, но и после многуте смртни случаи предизвикани од короната.

„Напротив. Знам дека многумина здивнаа зашто најпосле некој прозборе со поинаков тон. Дури и во доба на корона мора да смее да се дискутира за алтернативи. Во целиот свет зачудувачки се владите кои владејат со уредби (Verodnungsregierungen) но и бајковитата брзина во која се впуштија поголемите и помалите нации за да се најдат во состојба на вкочанетост од страв. Се покажува дека државата е нешто сосема друго од она што досега мислевме дека е. На сите ни е јасно дека веќе не можеме да бидеме жители на воените држави создадени во 19 век... дека државата на уредбите е некаков добронамерен Левијатан, тоа допрва треба да биде докажано. Сѐ што се одлучи вчера, на пример забраната за излегување од дома во Франција, завчера се сметаше за сосема невозможно“, рече Слотердијк за Ди Цајт.

Германскиот филозоф не се откажува ни од тврдењето дека нема простор за воената реторика на францускиот претседател, а добата на самоизолација ја парафразира со слоганот на мировните движења од шеесеттите: „замисли дека е војна и дека никој не оди“; сега официјална парола е „остануваме дома, зашто е војна“. Единствено што негира е тврдењето дека од пандемијата и нема премногу жртви, но „ние не сме во војна, туку во медицински-безбедносна вонредна состојба. Работниците прават сѐ што можат и без дневни заповеди и кревање знаме“, мисли Слотердијк. Додава: „Има држави кои делуваат помалку марцијално од другите. Германската постапка ми делува плауизибилно: остро, но без фантазии. Инаку, не верувам дека политичарите смеат да се кријат зад научните стручњаци. Токму во Франција недовербата кон политиката е традиционално висока, а денес не функционира. Тоа не е изненадување: веќе четвртина век во целиот западен свет доживуваме темите за безбедноста да ги потиснуваат темите за слободата. Кризата со короната дополнително ќе го означи засилувањето на тој тренд“, размислува Слотердијк.

Финкелкро не е единствениот кој се повикува на „цивилизацијата“ и во ера на закана за која не знаеме доволно. И Хабермас е подготвен на државата да ѝ го препушти „апсолутниот приоритет“ во мерките против пандемијата, но улогата ја презема само еден крак од поделбата на власта, извршниот дел и владините служби. Но, во расправата во Германија релативно рано се вмеша и вториот крак: правосудството.

Германската сојузна покраина Сарланд и нејзиниот претседател Тобиас Ханс (ЦДУ), сакаа, слично како во некои земји од Европа, да прогласат целосна забрана за излегување на граѓаните од дома без оправдана причина. Но, Уставниот суд во покраината Сарланд по брза постапка наложи поништување на таквата забрана: „Губењето на темелните права на поединецот, ограничувањето на слободата од ден во ден е неповратна штета. Времето поминато на тој начин не може да се надомести“, пишува во одлуката.

Судиите можеа да утврдат само „целосна нејаснотија и за виролошките стручњаци, како конкретно дејствува вирусот и кои мерки и во кои конкретни облици се навистина соодветни за да се забави неговото ширење или за да му се спротивставиме“. Таквата неизвесност е слаб темел за толку широко да се ограничи слободата на поединецот. А владата „не беше во состојба уверливо да докаже дека со забраната за излегување од дома се зголемува заштитата на здравјето.“

Можеби за францускиот мислител нашето незнаење е иманентно за човечкото битие, но судот предупредува: незнаењето не може да биде основа државата да ја ограничи слободата. Тоа никако не значи дека владата не може да направи ништо, дури и ако размерите на заканата се непознати, објаснува поранешниот судија од Сојузниот уставен суд, Удо Ди Фабио во списанието Ди Велт: „Тоа не се само слики преполни со одела за интензивна нега и телевизиски извештаи за голем број смртни случаи, туку имаше и научно основани поводи за претпоставка за тешко проценлива, светски опасна нова инфекција. Кај овие проценки на опасноста не станува збор за она што го знаеме денес и што ќе го знаеме утре, туку што навистина беше познато во втората половина на март 2020 година“, пишува поранешниот судија и професор по уставно право.

„Уставот (во Германија сѐ уште е Grundgesetz, Основен закон) не познава никаква вонредна состојба која би дозволила суспензија на основните права“, пишува Ди Фабио. „Но во случај на катастрофа, во опасност во која се закануваат едвај согледливи штети за вредностите заштитени со закон како што се животот и здравјето, може да се оправдаат цела низа значајни вмешувања на државата во мноштво основни права. Тоа изгледа како бланко чек, но не е. Зашто основните права бараат не само добри причини за да се задира во нив, туку секогаш и во вистинска мера. Станува збор за познатото начело на соодветност: во основните права смее да се задира само многу внимателно, ниедна повреда не смее да биде преголема, а важи и начелото на рамноправност“, пишува Ди Фабио во текстот насловен „Најголемата повреда во основните права во историјата на Сојузна Република Германија.“

Весникот Ди Цајт објави и разговор со актуелниот претседател на Сојузниот уставен суд, Андреас Воскул: иако не сака да разговара за сите аспекти на мерките против пандемијата зашто некои сѐ уште се предмет на разгледување во неговиот суд, тој е уверен: основните права не се трајно загрозени и сите права ќе им се вратат на граѓаните „без остаток“ - иако е тешко да се каже кога, зашто тука е и опасноста од „втор бран“ на пандемијата и таа опасност мора реално да се согледа. Но, кога станува збор за забраните и суспензијата на граѓанските права Воскул потсетува: „Правниците мора да го погледнат секој индивидуален случај, не може да проверуваат генерално дали мерките против короната се во согласност со уставот или не. Во борбата против пандемијата на одговорните сигурно им се провлекуваат и грешки, има и погрешни проценки. Тоа не може да се избегне во некоја криза. Но пред сѐ, не гледам што би можело да биде алтернатива. Можеше да се донесе одлука за сосема поинаква стратегија: тоа го пробаа Британците на почетокот, но очигледно со лоши резултати, исто како и САД“, вели претседателот на Сојузниот уставен суд.

Но и во тоа начело на судиите „добро да се извагаат сите елементи“ постои проблем: впрочем, тоа го прават сите; судиите, граѓаните и политичарите. А резултатот не е ист секогаш дури ниту меѓу политичарите со иста партиска книшка. Така германската канцеларка Ангела Меркел им верува на инфектолозите и нивните калкулации за можен „втор круг“ на пандемијата, па е наклонета што подолго да ги продолжи забраните и ограничувањата. Нејзиниот партиски колега и претседател на Бундестагот, Волфганг Шојбле, пак, вели: „Кога ќе слушнам дека ништо не е толку важно колку заштитата на човечките животи, тогаш можам да речам: тоа не е точно во таков апсолутен облик. Ако воопшто постои некоја апсолутна вредност во нашиот Устав, тогаш тоа е човечкото достоинство. Тоа е неповредливо. Тоа не го исклучува фактот дека мора да умреме“, вели Шојбле. „Државата мора да обезбеди најдобра можна здравствена грижа. Но луѓето и натаму ќе умираат од корона“, потсетува претседателот на Бундестагот.

Мерките во сузбивањето на пандемијата без никаков сомнеж станаа и политички натпревар: претседателот на владата на покраината Баварија, Маркус Содер проценува дека граѓаните во време на криза сакаат „цврста рака“ и е понаклонет кон рестриктивни мерки (и има право: неговата популарност расте). Од друга страна, претседателот на владата на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет порадо ја презема улогата на „добар дедо“ кој е поподготвен на граѓаните да им ги врати одземените слободи (неговата популарност расте само во неговата покраина).

Во доба на постепено укинување на забраните, размислувањата за тоа што би требало да биде „вистинска мерка“ навистина се претвораат во какофонија - на сите нивоа. Нелогичности во одлуките секако имаше уште од почетокот: првата одлука дека во принцип смеат да работат само продавници со намирници, аптеки, дрогерии и киосци е кратка и јасна за секого. Дури и да не се обидуваме да ја разрешиме мистеријата зошто Лашет во Северна Рајна-Вестфалија дозволи да работат и продавниците за мебел, останува фактот дека можеше да се купи кармин за усни, но не и нови чорапи. Што е „основна потреба“?

Во либерализацијата веќе не се снаоѓаат ни судовите: Високиот управен суд во Минстер, значи токму судот во покраината Северна Рајна-Вестфалија одлучи дека одлуката на владата да дозволи да работат само продавниците до 800 метри квадратни е дозволива, истиот таков суд во градот-покраина Берлин тоа го прогласи за недозволено кршење на начелото за пазарна рамноправност. А сета таа различност не е ништо во споредба со тоа дека има различни мислења колку што има и граѓани.

Според најновото истражување на јавното мислење (7 мај) кое го спроведува Deutschlandtrend, впрочем мислењето не е многу променето од април: 20 проценти (-2%) од граѓаните се „многу“, 47 проценти (-3%) се само „задоволни“ од мерките на владата на канцеларката Меркел во сузбивањето на пандемијата, а 9 проценти (+1%) „воопшто не се задоволни“. Но и натаму 14 проценти (-1%) од анкетираните мислат дека „опасноста е многу голема“ дека граѓанските слободни ќе бидат трајно ограничени, а 25 проценти (-2%) мислат дека таа опасност е голема. Драстична е промената само во одговорите на прашањето, дали граѓаните стравуваат дека ќе бидат заразени: од тоа „многу“ се плашат уште само 7 проценти (-10%) од анкетираните, малку стравуваат 18 проценти (-16%) од анкетираните. Дека таа опасност сѐ уште е само „мала“ мислат речиси третина од анкетираните: 28 проценти (+14%).

Цело општество сѐ повеќе и емоционално се поларизира околу пандемијата. На слогата не ѝ помага ни веќе актуелниот спор на некои виролози и медицински експерти: дали е обврска да се носи маска во продавниците и при јавниот транспорт на добрата - или тоа е штетно за луѓето зашто им дава лажна сигурност? На 16 мај имаше повеќе од 175.000 регистрирани заразени, а повеќе од 150 000 оздравени. Колкава може да биде „темната“ бројка на оние кои веќе биле заразени а не се регистрирани? Кумулативната бројка го одредува леталитетот таму каде што е одлучувачки бројот на непознатите болни. Колкав примерок е потребен за да се извлече правилен заклучок? Целата нација станува експерт по статистика.

Осум илјади починати досега (16 мај) е ужасна вест. Но и тука некои медицинари татнеат од лутина: сега не епидемиолозите, туку интернистите, онколозите па и докторите од општа пракса. Велат дека веќе одамна не виделе толку запуштени случаи на инфекции, дури занемарени случаи на срцев удар и мозочен удар. Зашто луѓето се плашат да отидат кај лекар или да повикаат итна помош од страв дека би можеле да бидат заразени. Пациентите со карцином дома чекаат операција зашто креветите на одделот за интензивна нега се „резервирани“ за короната. А нив практично - ги нема, речиси една третина од 30.058 кревети во Германија се празни, иако има околу триста болни од други земји од ЕУ. Кој ќе ги брои починатите? Жална вистина е дека епидемии имало и ќе има: во особено тешката сезона на грип 2017/2018 од „обичен“ вирус во Германија умреа околу 25.100 луѓе.

Зошто само овој пат се случија тотален локдаун и навистина невидени мерки во многу земји? Социјалните мрежи можеби почнуваат со конкретно прашање, но понекогаш завршуваат со бизарни теории на заговор. Не е исклучок ни неодамнешното писмо на високиот претставник на Ватикан, надбискупот Карло Мариа Вигано од кое дури исплашено и остро се дистанцираше Германската бискупска конференција, кога тој почна да плете приказна за нова, тајна „светска влада“ која сака да ги уништи и семејството, ликот и учењето на Христос - сето тоа со помош на политичарите и медиумите. Бидејќи се забранети и Божјите служби.

Колкава и да беше лутината на граѓаните додека седеа дома, државата им наложи да замолчат: забраната за собирање значеше и забрана на сите протести - без разлика дали причината е оправдана или налудничава, но така е во демократијата. Тука повторно се враќаме на судската власт која мораше да интервенира и да дозволи протести, додуша со придржување до нужните мерки против ширење на вирусот.

Но многу, дури премногу прашања сѐ уште немаат одговор: почнувајќи од тоа како повторно да се „покрене погонот“ не само на економијата, туку и на целото општество? Кој и кога некој ќе се осмели да одлучи? Инфектологот ќе каже дека единствена гаранција е и натаму да се седи во дневната соба, по можност дезинфицирана. За несреќниот коронавирус навистина се знае многу малку, особено зашто има многу жртви во Италија или Шпанија, но не и во Германија или Хрватска.

За пензионираниот началник на одделот за општествени науки на Институтот Макс Планк во Келн, Волфганг Стрик, еден елемент од тој одговор се постојаните мерки за штедење и убедувањето на земјите членки од зоната на еврото да го намалуваат државниот долг. „Ирската економистка Ема Кленси последниве години изброја и пронајде 63 случаи во кои Европската унија официјално ги повикала членките да ги намалат издатоците за здравство. Слични повици за штедење и либерализација испраќа и кај поддршката на невработените и кај правата на вработените. Во Шпанија и Италија уделот на издатоци за јавно здравство во БДП денес е некаде околу 6,5 проценти, во Германија е повисок за 3 проценти. Три проценти од БДП во Германија е приближно два и пол пати повеќе отколку од буџетот на одбраната. Но и кај нас непосредно пред короната требаше да се затворат болници“, потсетува Стрик во весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

Дали само тоа е причината? Нема многу земји кои се толку десеткувани од мерките за штедење како Грција - во која впрочем има изненадувачки малку жртви во однос на многу други земји (2 800 заразени, 1 374 оздравени, 162 починати).

Економистите тврдат дека државата не е добар претприемач. Искрено, не изгледа дека е талентирана ни да биде лекар. Но барем Германците се изразити приврзаници на Уставот и се чувствителни на граѓанските слободи (претседателот на Сојузниот уставен суд Воскул мисли дека тоа е заради трауматското искуство од нацистичкиот период), па и дискусиите се многу интензивни. На оваа држава треба да ѝ се верува зашто барем се труди да биде лекар.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од филмот „1984“ (Мајкл Радфорд, 1984 г.)
Компилатор на текстот: Анѓелко Шубиќ / http://ideje.hr

ЕУ река (71): Зошто е важен 9 мај?

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Историја
Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото