ЕУ река (70): Збрка од минатото

05.05.2020 19:42
ЕУ река (70): Збрка од минатото

Понекогаш е тешко да сфатиме кои јазици ги зборувале „народите“ во доцната антика и на почетокот од средниот век: впрочем, приказните сугерираат дека често зборувале бројни јазици. Истовремено, хроничарите на стариот и средниот век укажуваат дека групите, идентификувани како различни народи, зборувале ист јазик. Јазикот не се совпаѓал нужно со другите културни традиции, како што се изгледот на облеката, накитот, грнчаријата или оружјето. Хипотетичките праисториски мапи на главните јазични групи - германските, словенските, келтските, балтичките, романските и другите - не одговараат на ниедна специфична разлика во материјалната култура која може да се идентификува археолошки. Се покажа дека поедноставените мапи на материјалните култури, направени од Косина и неговите следбеници, се митови: една по една „препознаена“ карактеристика на етничката материјална култура се покажувала или далеку повеќе или далеку помалку раширена од моделите кои ги сугерирал јазикот. Како што забележа британскиот историчар Криз Викам, „мажот или жената со брош во лангобардски стил не биле нужно и Лангобарди, како што ни семејството од Бредфорд што вози Тојота не е јапонско; артефактите не се сигурен водич за одредување на етницитетот“.

Очигледно, јазикот ниту ѝ одговарал ниту ја одредувал културата. Политичките елити низ историјата често зборувале јазици сосема различни од оние кои ги зборувале нивните поданици. И покрај тоа, дел од концептуалниот проблем во разбирањето на нациите во Европа во раниот среден век лежи токму во тоа што, следејќи го моделот на етничкиот национализам од 19 век, историчарите биле склони да размислуваат географски. Тие ги барале врските помеѓу териториите, регионите или кралствата и етничките групи кои ги населувале. Токму како што е случај во современите, сложени општества, границите кои ги делеле „нациите“ во раниот среден век вообичаено не биле географски туку политички, економски или општествени. Покрај тоа, таму каде и постоеле географски разлики, тие постоеле во, а не помеѓу подрачјата.

Жителите на градовите во Галија, Шпанија и на Балканот се разликувале од околното население. Жителите на градот биле воени старешини и владини чиновници од целото царство, трговци од Сирија и Мала Азија, Евреи кои со генерации живееле на овие истурени точки на медитеранското општество. На пример, во шестиот век Париз имал цела низа бискупи чии имиња упатувале на нивно потекло од источниот Медитеран и на заклучок дека власта над оваа централна верска институција можеби била во рацете на сириските или грчките заедници. Истовремено, во внатрешноста сѐ уште владеела староседелската аристократија. Доаѓањето на Готите, Бургундите и Франките не ја променило значајно ваквата ситуација. Археолошките наоди покажаа дека варварите, како и гувернерите и воените заповедници кои ги замениле, првенствено се сместиле во градовите, од каде можеле да одржуваат политичка контрола додека живееле од даноците собрани од имотите кои им биле доделени. Надвор од градовите, варварските формации ги ограничиле своите населби на стратешки важни воени положби.

Подоцнежните варварски населби покажуваат обратен модел. Градовите на Балканот - пред сѐ оние по должината на брегот, како Задар, Трогир, Сплит, Дубровник, Будва и Котор - останале истурени стражи на римската култура во кои се зборувал грчкиот јазик. Околното селско население било под доминација на степската конфедерација, позната како Авари, која подоцна се претопила со словенските општества. Германската експанзија во североисточна Европа на ист начин довела до создавање градови кои имале малку заеднички карактеристики - културно, политички или лингвистички - со околното подрачје над кое владееле.

Овие средновековни модели се одржале долго. Во 20 век, важните градови, како оние на Балтикот, и натаму културно, лингвистички и политички се разликуваат од својата околина, без тоа да создава „национални“ тензии. Од друга страна, јазикот кој на прв поглед можел да се смета за елемент на етничките разлики, често едноставно подразбирал постоење општествени или политички разлики. Во 19 век, кога естонските селани го користеле зборот „сакс“ (Саксонци, Саси) тој првенствено значел „господар“ или „газда“, а не „Герман“ во некаква етничка, лингвистичка, националистичка смисла. Долгорочно, народите едноставно не може да се прикажат во форма на географска мапа.

Дури ужасите во 20 век создадоа илузија дека јазикот и етницитетот можат или мора да се стават на мапа. Потиснувањето на културните различности во државите како што се Шпанија, Франција и Турција доведе до тоа Баскијците, Каталонците, Бритите, Ерменците, Курдите и другите малцинства да „исчезнат“ од нациите-држави. Холокаустот и „етничкото чистење“ во Источна Европа кои следеа по Втората светска војна, натераа на преселба илјадници жители од Источна Европа на Запад, чиј мајчин јазик бил германскиот и доведоа до тоа населението од градовите како што се Данциг, Кенигсберг, Рига и Вилнус, првпат во нивната историја веќе да не се разликува од околното селско население.

Меѓутоа, постојат знаци дека повторно се појавува оној стар модел на слоевита лингвистичка и културна различност. Ова особено се гледа во големите градови во Европа, каде лингвистичкото и културното раслојување повторно ги карактеризира двата краеви на популациониот спектар. На врвот, големите мултинационални корпорации и научните институции главно, или во целост, функционираат на англиски, не осврнувајќи се претерано на локалните јазични традиции. На долниот крај од општествената скала, овие градови доживеаја значителен пораст на популацијата која води потекло од Турција, северна Африка, индискиот подконтинент и други делови од Азија. Овие емигранти го живеат својот живот служејќи се со арапскиот, турскиот и други јазици, кои се далеку од јазикот на средната класа. Ваквиот развој, проследен со непријателство и страв, како што е вообичаено во соочувањето со нешто ново, впрочем е враќање кон многу постарите модели на етничка разновидност. Впрочем, Европа повторно почна да наликува на своето минато.

Така, речиси две столетија обиди етницитетот да се потврди лингвистички, археолошки и историско картографски, мора да заклучиме дека сите такви програми пропаднаа. Основна причина е што етницитетот постои пред сѐ во свеста на луѓето. Сепак, местото на етницитетот во човечката свест не го прави ефемерен; напротив, токму затоа тој е пореален и посилен. Човечката волја е имуна на простиот рационален противдоказ.

А сепак, да бидеме чесни кон научниците-националисти од 19 и 20 век, категориите на националноста кои ги развиле не се создале од ништо: тие биле засновани на многу постара традиција за идентификување на луѓето, традиција веќе развиена во историските извори кои историчарите и филозофите се обиделе да ги искористат за да ги пронајдат нациите во минатото. Во многу важни видови етнографијата од 19 век била само продолжение на етнографските традиции на класичната антика, но со многу порафинирани средства.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Александар Јосифовски
Цртежи: Marcel Dzama
Извор за текстот: Patrick J. Geary - Mit o nacijama, srednjovekovno poreklo Evrope (2007)

ЕУ река (69): Патрик Гири - Нормирањето на јазиците во Европа

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото