ЕУ река (59): Раѓањето на нововековната наука во Европа

03.04.2020 09:20
ЕУ река (59): Раѓањето на нововековната наука во Европа

„Раѓањето на модерната наука во Европа“ од Паоло Роси (1923–2012), италијански историчар на филозофијата, науката и идеите, е книга за историјата на науката, отприлика од Леонардо до Њутон, времето во кое настанувала природната наука во денешната смисла на зборот. Книгата изворно е објавена во 1997 во едицијата „Создавањето на Европа“ која ја уредувал славниот историчар Жал Ла Гоф.

Ако сакаме да разбереме зошто нашите предци робувале на одредени предрасуди, зошто нештата ги сфаќале на овој или оној начин, зошто некои идеи кои денес ни се саморазбирливи во некое време биле револуционерни, значи, ако сакаме да сфатиме како се раѓала науката, тогаш мораме да знаеме како луѓетo некогаш мислеле. Мораме нештата да ги погледнеме од нивна перспектива. А таков приказ на историјата на науката, која не е „триумфалистичка приказна за весели откритија“, не може да даде ниту научен новинар ниту научен истражувач. Таков приказ може да даде само историчар.

Во говорот што го одржа во Берн во 2009-та по повод доделувањето на наградата „Балзан“ за постигнувања на полето на историската наука, Паоло Роси наведе неколку темелни уверувања од кои се водел во својата долга и посветена работа врз историјата: границите меѓу различните дисциплини не секогаш одговарале на денешните; она што во прирачниците на разните науки се изнесува како очигледна вистина секогаш е резултат на долги и сложени процеси кои се состојат од борба, спротивности, тешкотии, обиди да се препознаат кризните ситуации и да се научи од нив.


Повикувајќи се на делото на големиот историчар на медицината, Волтер Пагел, насловено „Одмаздата на ѓубрето“, Роси го истакнува клучниот факт:

„Кога пишуваме историја, не смееме да се бавиме со тоа како ние мислиме, туку пред сè како тие мислеле. Неретко тие го сметале за очигледно она што нам никако не ни е очигледно. За да ги разбереме, мораме да копаме до дискурсот кој нам денес ни се чини застарен, па дури и бесмислен. Мораме да се интересираме за она што е заборавено и за она што нашите предци и претходници успеале – со немал напор – да го избришат од светот. Баш како и сите други историчари, и историчарите на науката мораат внимателно да ги разгледуваат не само историјата на победниците туку и историјата на поразените. Во спротивно, упорно ќе пишуваат триумфалистички приказни за весели откритија на кои делумно нe’ навикнала позитивистичката култура.“

Четирите главни теми на истражувањето на Роси се:

• Односот меѓу магијата и науката во 16 и 17 век и пресудната улога на механичките вештини во научната револуција, на што се посветени две од неговите најпознати книги;

• Вештината на паметењето и неговите преобразби од крајот на 14 век до добата на Лајбниц;

• Таканареченото откритие, помеѓу 17 и 18 век, на „длабокото време“, односно јазот од милиони години кои претходат на појавата на човекот на Земјата;

• Философијата на Џамбатиста Вико.


Сите овие теми, заедно со многу други, се споиле во поглавјата на оваа книга, и значајно ја збогатиле сликата на епохата која се протега од Коперник до Њутон. Книгата не се бави само со големите научни откритија, направи или теориски модели кои ги следеле (новата астрономија, телескопот, микроскопот, циркулацијата на крвта, експериментите со вакуум итн.) туку и со она што Роси сакал да го нарекува (служејќи се со изразот скован од Алфред Н. Вајтхед) големи „авантури на идеите“, односно теми и расправи што заземале средишно место во времето на научната револуција. Меѓу нив вреди да се споменат отфрлањето на иницијациското или херметичко сфаќање на знаењето, ревалоризацијата на техниката, рушење на илјадогодишните слики на вселената, проблемот на класификацијата и појавата на историското разгледување во проучувањето на природата.

Книгата раскажува за раѓањето на научното знаење како тешко раѓање составено од спротивности, драма и противречности, а не како за прогресивна и триумфална афирмација на сплотениот разум. Нè потсетува дека во тој период истовремено се случуваат постапни афирмации на науката, јакнење на угледот на природната магија и спалувањето вештерки на клада. Ни помага да увидиме како она што денес е одделено во минатото неретко било испреплетено: Коперник се повикувал на Хермес Трисмегистос во одбрана на хелиоцентричниот состав, Кеплер верувал во небеска музика, Њутон многу повеќе страници посветил на алхемијата и апокалипсата отколку на „физиката“. Од друга страна, магот Џован Батиста дела Порта зазема важно место во историјата на оптиката, а историјата на медицината и хемијата се незамисливи без Парацелзус.


Паоло Роси дава голем придонес кон разјаснување на односот меѓу науката и магијата. Тој често полемизира со оние кои биле склони да ја идентификуваат науката со нејзините „матни“ корени и кои ја претставувале како продолжение на магијата со други средства. Таа теза, и денес е раширена, занемарува еден клучен факт, смета Роси: што во таа револуционерна доба се родил облик на знаење способен да расте и да се темели на јавноста и проверливоста на резултатите, а не на тајноста и личниот авторитет, како што е случајот со магијата. Во предговорот на третото издание на книгата „Френсис Бејкон“ во 2004 година Роси напишал:

„Имам впечаток дека на многу истражувачи на херметичката традиција им се случило она што им се случило на многу читатели на Фројд: откако откриле дека постои несвесното, дека нагоните и инстинктите ги условуваат свеста и разумот, откако станале свесни дека постојат елементи на агресивност кои делуваат под фасадата на цивилизираноста, заклучиле, за разилка од Фројд, дека веќе не постојат ниту разум, ниту наука, ниту цивилизираност, туку само агресивни инстинкти и нагонски желби.“


Роси добро знае дека, фројдовски речено, илузиите неретко имаат светла иднина и научната револуција никако не го избришала од историјата магискиот светоглед кој и натаму се појавува во најразлични облици во разни контексти, било да се работи за високата или ниската култура. Во светот на идеите, вели Роси, нема конечни победи. Таа склоност кон ирационалните верувања, за кои сметал дека е тешко искоренлива и многу внимавал лесно да не ја занемари, отсекогаш му била предмет на интерес.

Роси добар дел од животот жестоко полемизирал со цела низа појави, идеи и културни позиции во кои гледал нов процут на магиско-херметичкото мислење или враќање кон него: демонизирање на науката и техниките, примитивистичките носталгии, мистиката на харизматичните водачи, потценувањето на разумот и модерната историја, поистоветување на знаењето со просветлувањето наменето на малобројните избраници, намерната склоност кон нејасен јазик, пророштвата на интелектуалците, отфрлањето на западните вредности и демократијата, идејата за постапна декаденција на западната цивилизација и потребата од враќање на мудроста закопана во минатото, сликата на семоќниот научник. На она што го дефинира како „мешавина“ на реакционарниот антимодернизам и револуцеионерниот антимодернизам посветил страници со исклучително луцидни текстови кои, како што еднаш напишал, не му донеле многу пријатели.


Друг факт кој треба да се истакне се однесува на односот меѓу контекстите, идеите и научните теории. Паоло Роси се интересирал за начините како идеите „мигрираат“ од една мисловна традиција во друга, како се комбинираат, тонат, испливуваат на површина и се трансформираат со текот на времето. Тој смета дека културата и науката владеат (речиси секогаш непречено) со филозофските поставки и визиите на светот кои историчарот на идеи мора да ги препознае и да расправа за нив. Во исто време Роси ја отфрла идејата дека е можно сè да се сведе на производ на времето или на одраз на одредени општествено-историски околности. Смета дека идеите секогаш го обликуваат контекстот и околностите и дека задача на историчарот е тоа да го покаже, но смета исто така дека постои и она што настанало во еден контекст, но вреди во сите контексти, а тоа е клучно. Таков е случајот со научните теории. Трансисториските и транскултурните аспекти на научното знаење, неговата способност да го спознава светот и во него да интервенира и засекогаш да го менува, неговиот постојан раст, неговиот колективен карактер и фактот дека научното знаење е „исклучително моќна обединувачка сила во историјата на светот“ биле елементи кои не било можно да не се земат предвид во историската и теориската анализа:

„Проблемите“ – пишува Роси – „треба да се дефинираат исклучиво внатре во традицијата или контекстот на идеите кои го опфаќаат светот и можноста на човекот да го спознава светот и да делува на него. Поради тоа сликата на науката и сликата на природата каква што била својствена на Коперник, Галилеј, Њутон, Дарвин или Ајнштајн не е споредна или небитна во историјата на науката. Но, сакам јасно да го истакнам она што сметам дека е клучно: од традицијата, од контекстот на идеите, од сликите на природата и науката никако не може да се дедуцираат поединечни теории. Тоа едноставно значи дека помеѓу уверувањето дека ’Бог не си игра со коцки’ и теоријата на релативноста постојат разлики кои не смеат да се заборават.“

Избор, превод и уредување: Фросина Крушкаровска
Гифови: Scorpion Dagger

ЕУ река (58): Роберт МУзил - „Одеднаш во цела Европа се појави манија по брзината“
https://okno.mk/node/83760

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото