Пофалба на мрзливоста

22.07.2016 15:04
Пофалба на мрзливоста

Како уметник учев и од Истокот (социјализмот) и од Западот (капитализмот). Секако, сега кога гранциите и политичките системи се променија, таквото искуство повеќе нема да биде можно. Но она што го научив од тој дијалог ми останува. Гледањето и познавањето на уметноста на Западот ме наведе деновиве на мислата дека на Запад не може да има уметност. Не тврдам дека ја нема. Зошто не може да има уметност на Запад? Одговорот е многу едноставен. Уметниците од Запад не се мрзливи. Уметниците од Исток се мрзливи, а дали тие сега, кога веќе не се уметници на Истокот, ќе останат мрзливи, ќе видиме.

Мрзливоста е отсуство на движења и мисли, само тапо време - целосна амнезија. Таа исто така е рамнодушност, зјапање во ништо, неактивност, немоќ. Таа е чиста глупост, време на болка, залудна концентрација. Сите тие доблести на мрзливоста се важни чинители на уметноста. Не е доволно да се знае за мрзливоста, таа мора да се практикува и усовршува.

Уметниците од Западот веќе не се мрзливи и затоа повеќе не се уметници, туку произведувачи на нешто. Целосната окупираност на уметникот од Запад со неважни нешта, како што се производството, промоцијата, системот на галерии, системот на музеи, системот на натпревар (кој е прв), заиграноста на објектите, сето тоа ги оддалечи од мрзата, од уметноста. Како што парите се хартија, така и галеријата е соба.

Уметниците од Исток беа мрзливи и сиромашни, затоа што „целиот систем на неважни чинители“ не постоеше. Затоа имаа време да се концентрираат и да се занимаваат со уметност и мрзливост. Но и кога произведуваа уметност, знаеја дека тоа е залудно, дека е ништо. Уметниците од Запад имаа од кого да ја научат поуката за мрзливоста, но не ја научија. Двајцата најважни уметници на XX век се занимаваа со прашањето на мрзливоста, практично и теориски: Дишан и Малевич.

Дишан никогаш не зборуваше за мрзливоста, туку за рамнодушноста и не-работата. На прашањето на Пјер Кабан - што му донело најмногу задоволство во животот, Дишан одговорил: „Како прво, имав среќа, зашто никогаш не морав да работам за да преживеам. Сметам дека работењето за живот е по малку имбецилно од економска гледна точка. Се надевам дека еден ден ќе можеме да живееме без обврска да работиме. Благодарение на мојата среќа, можев да се провлечам низ животот без работа.“

Малевич напишал текст под наслов „Мрзливост - права вистина на човештвото“ (1921). Во текстот тој го критикува капитализмот затоа што им овозможува мрзливост само на мал број капиталисти, но и социјализмот, затоа што целото свое движење го базирал на трудот. Цитирам: „Народите се плашат од мрзливоста и ги прогонуваат оние кои ја прифаќаат, сè се случува на тој начин, затоа што никој не ја сфатил како вистина, бидејќи ја жигосаа како 'мајка на сите пороци', а таа е мајка на животот. Социјализмот носи ослободување во несвесното, тој ја жигосува мрзливоста не знаејќи дека таа го родила и нејзиниот син во својата лудост ја жигосува како 'мајка на пороците', но тој сè уште не е син кој ќе го тргне жигот, и затоа во оваа кратка белешка, сакам да го тргнам жигот на срамот од нејзиното чело и да ја направам не мајка на сите пороци, туку мајка на совршенството.“

Да бидам мрзлив и да заклучам: нема уметност без мрзливост.

(1998)

Извор: www.stocitas.org

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Фотографија / Живот / Уметност
Свет / Уметност / Филм

ОкоБоли главаВицФото