1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Камелеоните комуницираат менувајќи ја бојата, ловат со помош на јазикот брз како молња и живеат во некои од најзагрозените живеалишта на Земјата.
„Каде има светлина, камелеоните се менуваат“, напиша Перси Шели. Поетот бил во право: кај пантерските камелеони токму кристалите во клетките на кожата кои ја рефлектираат светлината им ги даваат нивните разновидни бои.
Колку подобро младиот пантерски камелеон се стопува со својата околина, толку е посигурен од грабливците. Пантерските камелеони живеат на Мадагаскар и на африканскиот континент.
Двајца мажјаци на пантерските камелеони се соочуваат, ишарани со бои што треба да го застрашат противникот. Доколку ниеден не се повлече, судирот може да ескалира во шиштење, судирање и гризење.
Веќе со своите чудесни анатомски одлики камелеоните речиси немаат конкуренција. Јазикот, кој им е значително подолг од телото, можат во дел од секундата да го исфрлат и да го зграпчат инсектот. Имаат телескопски вид, а очите, сместени во заоблени куполи, можат да се вртат во сите насоки независно едно од друго. Прстите на нозете им се споени како штипки, па изгледаат како да носат зимски ракавици. Зад веѓите и муцката им стрчат рогови. Носот им е украсен со зрнести израстоци, а наборите на кожата околу вратот потсетуваат на набраните тантелни околувратници какви што носеле благородниците во времето на елизабетинска Англија.
Но од сите нивни необични телесни особини што ги забележал уште Аристотел најпозната е способноста да ја менуваат бојата. Меѓу луѓето владее популарното верување дека камелеоните ја попримаат бојата на тоа што ќе го допрат. Но и покрај тоа што менувањето на бојата навистина им помага да се стопат со околината, станува збор за физиолошка реакција која пред сè им служи за меѓусебна комуникација. Камелеонот е едноставно гуштер кој го користи јазикот на боите за да го искаже моменталното чувство, без оглед дали станува збор за додворување, соперништво или стрес предизвикан од опкружувањето.
Барем сè уште е такво верувањето. Иако камелеоните веќе со векови привлекуваат внимание, тие сè уште се обвиени со превезот на мистеријата“, вели Кристофер Андерсон, постодокторант од универзитетот Браун и стручњак за камелеони. „Сè уште се обидуваме да одгатнеме како всушност функционираат нивните механизми“, од молсквичното исфрлање на јазикот до менувањето на бојата на кожата.
Неодамна научниците дојдоа до важни откритија за физиологијата на камелеоните додека ги набљудувале во услови на затвореништво. Сепак, нивната иднина во дивината е крајно неизвесна.
Минатиот ноември кога меѓународното здружение за заштита на природата (IUCN) ја објави новата проценка за Црвената листа на загрозени видови, речиси половина од видовите камелеони беа рангирани како загрозен или речиси загрозен вид. Андерсон е член на групата специјалисти за камелеони при IUCN, како и биологот Кристал Толи, стипендистка на Нешнл Џеографик која на експедициите по Јужноафриканската Република откри нови видови камелеони и направи попис на живеалиштата кои исчезнуваат.
Според зборовите на Толи, на јазикот африканс камелеоните имаат две имиња. Едното е verkleurmannetjies, што значи „обоени човечиња“, а второто trapsuutjies што значи „внимателно настапуваат“. Тоа се однесува на нивното бавно, необично движење, но може да биде разбрано и како апел за зачувување на овие необични суштества и нивните живеалишта.
Од повеќе од 200 познати видови камелеони, околу 40 проценти од нив живеат на островот Мадагаскар. Повеќето од останатите живеат на африканскиот континент. Благодарение на тестирањето на ДНК беше откриено дека некои камелеони кои речиси идентично изгледаат генетски се сосема различни. Повеќе од 20 проценти од познатите видови се откриени дури последниве петнаесет години.
Андерсон ја проучува исхраната на камелеоните до најситните детали. Користејќи ја камерата што фаќа 3000 кадри во една секунда, тој сцената во која камелеон јаде штурец, а која трае само 0,56 секунди, ја преобразил во едукативна видео-снимка која трае 28 секунди.
Во грлената ќеса на камелеонот се наоѓа јазична коска, опкружена со слоеви еластично колагено ткиво кои ја обложуваат внатрешноста на цевчестиот акцелераторен мускул. Кога камелеонот ќе забележи инсект, тој го исфрла јазикот од устата, а мускулот се згрчува и врши притисок на слоевите еластично ткиво кои се однесуваат како собрана пружина. Врвот на јазикот има таков облик што делува како влажна вакуумска цицалка што се залепува за пленот. Јазикот се повлекува и ручекот е сервиран.
Научниците мора уште многу да научат за исфрлувањето на јазикот, вели Андерсон. За разлика од мислењето во минатото, неговите истражувања покажуваат дека кај некои камелеони јазикот може да оди подалеку и побрзо.
Со време се сменило и гледиштето во врска со менувањето на бојата, а особено на почетокот на оваа година, кога е објавено истражувањето на Мајкл Милинковиќ. Долго време научниците сметале дека камелеоните ја менуваат бојата кога пигментите во кожата се шират преку продолжување на клетките слични на вени. Милинковиќ, еволуциски генетичар и биофизичар, вели дека таквата теорија не држи вода бидејќи постојат многу зелени камелеони кои воопшто немаат зелени пигменти во клетките на својата кожа.
Од тие причини, Милинковиќ и неговите колеги од Женевскиот универзитет почнале, како што самиот кажува, да ги „комбинираат физиката и биологијата“. Под слојот пигментни клетки откриле втор слој клетки на кожата со нанокристали наредени во облик на триаголни решетки.
Научниците откриле дека, кога примероците од кожата на камелеон се изложени на притисок или хемикалии, овие кристали може да се „подесуваат“ со менување на растојанието помеѓу нив. А тоа влијае на бојата на светлината што ја рефлектира кристалната решетка. Кога ќе се зголеми растојанието помеѓу решетките, палетата на бои се менува од сина кон зелена и од жолта кон портокалова и црвена. Ваквиот каледоископ на бои е вообичаен кај таканаречениот пантерски камелеон (Furcifer pardalis) додека го менува расположението од смирена и олабавена до вознемирена или сексуално возбудена состојба.
Ник Хен го добил својот прв камелеон веќе на седум години. Дваесет години подоцна овој одгледувач со специфично хоби има дури 200 камелеони во подрумот на својата одгледувачница во Рединг во Пенсилванија.
Низата жичени кафези е снабдена со растенија за качување и песок на дното каде женките може да ги положат своите јајца. А светлата и водните прскалки ги симулираат природните климатски услови во кои живеат камелеоните. Распоредот на кафезите е сличен на распоредот на завојуваните страни во собранието на Обединетите нации. За да ги спречи взаемните конфликти, Хен ги сместува женките во кафези каде не можат да ги видат мажјаците, а мажјаците се во кафези во кои не ги гледаат ниту женките ниту соперниците мажјаци.
Ембер, млад мажјак пантерски камелеон, припаѓа на вариететот со црвени риги, кој потекнува од областа Амбилоба на северот од Мадагаскар. Неговото торзо е зебресто ишарано со црвени и зелени риги, со тоа што на двете страни има по уште една светлосина линија. Додека Хен го отвора кафезот на Ембер и го тера да се качи на еден долг стап, тој „станува мрзоволен“. Хен го препознава тоа бидејќи црвените риги на камелеонот стануваат малку посветли.
Хен на стап го носи Ембер до кафезот зад аголот каде е Болт, возрасен мажјак што припаѓа на вариететот пантерски камелеон со сини риги и кој воедно е и најкрупниот примерок во колекцијата на Хен. Кога Хен ја отвора вратата и кога Болт го здогледува Ембер, реакцијата е моментна. Бидејќи Болт се приближува неколку сантиметри, неговите зелени риги стануваат нагласено жолти, а очните јаболкници, грлото и боцкавиот набор на грбот од зелена боја се менуваат во црвенопортокалова боја. И Ембер станува уште поцрвен, а Болт е многу поживо обоен. Покрај тоа, кога ќе доползи малку поблиску, Болт ширум ја отвора устата и ги покажува своите светложолти непца.
Хен се повлекува и го враќа Ембер во неговиот кафез. Доколку не го направи тоа, Болт веројатно би се обидел да го нападне и гризне Ембер чија кожа сосема сигурно би добила кафеава боја – боја на губитник. (Едно истражување од 2004 година потврди дека камелеоните ја развиле оваа способност на премин од живи во бледи бои за да ја покажат потчинетоста бидејќи „поради своето бавно движење не се во состојба брзо и безбедно да побегнат од доминантните соперници“.)
Иако сите камелеони ги менуваат боите, некои видови тоа не го прават толку драматично за да ги заплашат набљудувачите. Како и да е, речиси сите камелеони имаат дополнителна техника на физичко застрашување на противникот: може да направат да изгледаат поголеми. Тие се стиснуваат странично и ја зголемуваат висината така што ги шират своите ребра кои се инаку споени во облик на латиничната буква V, за да го подигнат рбетот. За да изгледаат покрупно, го виткаат опашот во спирала, а со помош на јазичкиот апарат може да го рашират грлениот набор. Кога во таква поза ќе се свртат кон непријателот, навистина делуваат значително покрупно.
Во кафезите во кои Хен ги чува женките камелеони една од нив по име Кејти Пери има розова боја бидејќи е подготвена за парење, додека женката од соседниот кафез, наречена Пинат, е исто така розова, но со темни риги бидејќи веќе е спарена и носи јајца. Ако некој мажјак пријде до Кејти и успее да ја засени со своите бои и со заводливите додоворувачки движења, таа веројатно ќе го пушти да се качи на неа. Но доколку истиот мажјак ѝ пријде на Пинат, одеднаш таа ќе добие упадливо потемна боја со светли точки и заканувачки ширум ќе ја отвори устата. А доколку тој и понатаму е упорен, таа ќе почнала да шишти и ќе се обиде да го гризне.
И мажјаците и женките на камелеоните се полигамни. Повеќето видови ги несат јајцата, но некои раѓаат живи младенчиња во проѕирни чаури слични на кокони. Камелеоните не се грижат за младенчињата, така што младите се препуштени на себе од мигот кога ќе се родат или изведат.
За да ги избегнат птиците и змиите кои ги ловат, во текот на еволуцијата камелеоните развиле необичен начин да се сокријат. Бидејќи поголемиот дел од видовите живеат на дрвја, тие го собираат своето тело и стануваат толку тенки што лесно може да се сокријат позади некое гранче. А кога камелеоните кои живеат на почвата ќе здогледаат грабливец, Толи кажува дека некои од нив „глумат лист“, то ест го свиваат своето тело така што наликуваат на стуткан, паднат лист на шумската почва.
Камелеоните се во состојба да се спасат од некои непријатели, но не и од примитивното земјоделство по принципот „расчисти и запали“ бидејќи тоа им ги уништува живеалиштата. IUCN означи девет видови како критично загрозени, 37 како загрозени, 20 како ранливи и 35 како речиси загрозени.
Толи и нејзината екипа од 2006 година наваму откриле 11 нови видови камелеони во Јужноафриканската Република, Мозамбик, Танзанија и Демократска Република Конго. Родена во Масачусетс, оваа професорка ги проучува гуштерите од 2001 година и работи за јужноафриканскиот Национален институт за биодиверзитет во Кејптаун. Кога по пат на генетско истражување ќе се утврди дека некој камелеон е нов вид, „тоа веќе не е како да пишувате некоја научна статија која никој нема да ја чита“ вели Толи. „Сте направиле нешто што ќе остане засекогаш“.
Таа веднаш додава дека покрај воодушевувањето поради откритието истовремено се чувствува многу тажно. „Постојано гледам како малите камелеони се качуваат по своите гранчиња додека шумата под нив исчезнува под ударите на секирите“.
Додека тоа го зборува, гласот ѝ трепери како да ќе заплаче. „Не можам а да не мислам на тоа, подобро никогаш и да не ги најдевме. Бидејќи, ако ова не запре, тие многу брзо ќе изумрат“.
Значење на боите
Камелеоните можат за миг да го сменат својот изглед во зависност од температурата, околината и расположението. Неодамна научниците го открија клучниот фактор за оваа нивна способност. Гуштерите можат да го „подесуваат“ растојанието помеѓу микроскопски малите кристали во кожата кои ја рефлектираат светлината и на тој начин создаваат спектар на бои.
Кога е подреден
Камелеонот добива потемна боја кога сака да покаже дека не претставува закана, како на пример кога ќе изгуби во двобој. Тоа го постигнува со вбризгување на меланин, темен пигмент во горните слоеви на својата кожа.
Кога е неутрален
Обично додека мирува, камелеонот има зелена или кафеава боја за да се вклопи во околината. Сините и зелени бранови должини се рефлектираат од цврстите збиени кристали, а црвените и жолтите минуваат низ нив па затоа не можат да се видат.
Кога е возбуден
Живите бои може да значат агресивност или желба за парење. Кристалите се шират и рефлектираат жолти, портокалови и црвени бранови должини.
Силата на кристалите
Проѕирните нанокристали, составени од гванин кој исто така влегува во составот на ДНК, формираат решетка. Нивната дебелина, растојание и рефрактивниот индекс одредуваат која боја ќе се создаде.
Извор: Nacional Geographic
Фотографии: Кристиан Зиглер
Кристиан Зиглер живее во Панама. Пред да стане фото-репортер, студирал тропска биологија. За своите фотографии на темите природа, наука и еколошка заштита ја добил наградата World Press Photo и разни други признанија.