Громовнику Оливер, објективно си одговорен!

11.08.2016 11:46
Громовнику Оливер, објективно си одговорен!

Со реакција упатена до мене, громовникот Оливер Ромевски (кадар на ГРОМ), одговори на реакциите во јавноста, во кои од него се бара оставка од местото директор на Управата за хидрометеоролошки работи, поради непобитниот факт дека УХМР не го предвиде невремето и не ги предупреди граѓаните да се заштитат. Бидејќи Ромевски си ја зеде слободата да ми се обрати директно и на „ти“, што го чувствувам како знак на блискост, ќе му одговорам на истиот начин.

Значи, вака стојат работите, друже Оливер.

Во текстот на „Слободен печат“, твојата биографија беше прилично опширно и неутрално раскажана. Тоа што со потпис на Бранко Црвенковски било овозможено политиколог да стане директор на УХМР можеби за тебе значи многу, но за мојот светоглед не значи ама баш ништо. Не знам, но веројатно е дозволено лице со завршени политиколошки студии да биде директор на погребалното претпријатие „Бутел“. Можеби ти, како кадар на ГРОМ, би прифатил и таква функција и би спровел чудесни реформи, таму во Бутел. Јас сум малку поинаков човек - никогаш не би се нафатил на работа за која немам соодветна експертиза. Според моите сфаќања на нештата, ти не си метеоролог и твоето место не е во УХМР. И тука ставам точка.

Си се потрудил да нè импресионираш и мене, а и нашите читатели, со пописот на твоите „успеси“ за време на директорувањето со УХМР. Оливер, таа тирада си требало да ја сочуваш за некоја средба со Грујо, со Нино и со Шабан евентуално, пред телефончето на поранешниот премиер и пред камерите на вашите телевизиски куртони. Пред нив да си се фалите со „успесите“. Само, внимавај тоа да се случи во некоја средина во која ќе бидете опкружени со активисти на владејачката партија, задолжени за ракоплсекање, за да не те избркаат и тебе, како Груевски од Синѓелиќ.

Не ме интересира кој модел и кој протокол бил виновен што УХМР не го предвиде невремето, што не ги алармираше граѓаните и не издаде упатства до населението како да се заштити. За тоа располагате со слободни термини и простор на националната телевизија МТВ и во сите возможни македонски медиуми. Ако не го бивало моделот купен во времето на СДСМ, како директор на Управата, си можел да купиш нов и тоа да го приложиш кон списокот на твоите „реформи“.

Фактите се неумоливи, Оливер. Дождот што падна на 6 август не е илјадагодишна појава, како што соопшти твојата институција, туку дожд со среден интензитет. Поради неспособноста на институцијата со која раководиш да го предвиди невремето и да ја извести јавноста (дури и во миговите кога невремето во некои делови од Скопско веќе беше во полн ек неколку часа пред трагедијата), како и поради други причини за кои ти не се виновен, 22 лица ги изгубија своите животи, многумина се повредени и нанесени се огромни материјални штети.

Ти си еден од објективно одговорните за трагедијата, Оливер. Како политиколог, би требало да знаеш што е тоа објективна одговорност.

Ситните навреди во твојот ноќешен допис до мене не ги објавив и не ги коментирам, бидејќи разбирам дека не ти е лесно и дека си растргнат меѓу она што ти го налага совеста и желбата и натаму да раководиш со институцијата што ти е доверена на директорување. Не разбирам зошто толку многу ти значи да бидеш директор, но тоа веќе е мој проблем. Никогаш не сум можел да ја разберам опсесијата со власта и со моќта...

Извор: Плусинфо, 10.08.2016