Арамиите бараат разбирање – да не се „политизира“ поплавата?

15.08.2016 11:07
Арамиите бараат разбирање – да не се „политизира“ поплавата?

Веднаш по големата поплава на делови од Скопје и Скопско, првото барање на Првиот Апаш во државата и на неговите помагачи-соучесници (пренесено преку конзорциумот медиуми под управа на ДПМНЕ-овското министерство на вистината) беше несреќата да се третира исклучиво како природна појава. Второто барање од истиот Бандит стигна вчера, преку неговиот помошник - го нарекуваат Гебелс: бара да не се „политизира“ претстојната расправа во Парламентот посветена на поплавата и последиците од неа. Не требало да се стекнуваат „политички поени“ врз несреќата на луѓето. Не било време за тоа! Требало да се остават прашањата на евентуалната вина и виновниците и за оваа несреќа за некое „друго време“. На пример, по изборите - на ист начин, како што потписниците на последната верзија од Договорот од Пржино се спогодиле: системските проблеми во новинарството, формирањето на специјално судско одделение (како мала дополнителна надеж за отпочнување поефективно гонење и санкционирање на криминалот и корупцијата) како и повеќето други прашања кои претставуваат огромни авении за киднапирање на државата од страна на првиот бандит, да станат предмет на нови морски маневри по добивањето на победникот од претстојните декемвриски избори. Тоа го бараат арамииве кои дваесет и четири часа не се симнуваат од екраните на криминализираните медиуми, сакајќи да капитализираат политичка полза и од ова зло, а за чии димензии имаат директна вина.

Имено, фер-плеј бара Боксерот кој без престанок ги удира политичките неистомисленици по судиското „стоп“ и по удирањето на гонгот за пауза пред секоја нова рунда; Боксерот кој удира под појас; кој влегува во рингот со булук криминалци да тепа поединци кои наивно влегле меѓу четирите јажиња и поверувале дека условите за натпревар се исти за двајцата натпреварувачи.

Оваа несреќа, всушност, е првата со големи и најдиректно видливи болни последици од политиката на Арамијата, дури и за оние со потпросечен ум и комплетна необразованост, како и за оние кои (како што самите велат) „не ги интересира политиката“, а секој ден се предмет на политичка манипулација од Суштеството кое бара „да не се политизира несреќата“.

Оваа несреќа, за жал, е најуверливиот пример за последиците од една политика која ќе биде запаметена со метафората на „Свесниот Изманик“, абдицираниот Ставревски: „немаме за леб, а трошиме на чоколадо!“; или, што би рекле Американците, на политиката која прво почнува со облекување на кондурите, а потоа на чорапите врз нив. Реакцијата на апашите е инстинктивно животинска.

Инстинктивно знаат дека од ваква несреќа и најглупавите можат да ја видат трулоста на државата како продукт на неодговорност, алчност, десетгодишни измами, паради за впечаток, експропријација на слободата и парите на народот; да ја видат одговорноста и фијаското на најновите крвопијци и секако на нашето вкупно морално пропаѓање. Двоножниве раководители знаат дека е голем бројот на жители во државата кои не знаат: колкав треба да биде јавниот долг; во која мера се неточни податоците за задолженоста; од чии пари се направени оние шарени слики, кукли и куклички, прскалки, споменици на џелати и народни трибуни во главниот град; колку точно пораснало индустриското производство и БДП и што фајде имаат тие од тоа; колку новороденчиња умреле во првата година, колку не се родиле живи а требало, колку родилки засекогаш станале стерилни или починале поради грешки на лекарите, поради присуството на лебарките и бактериите во операционите сали; колку навистина заостанува нашето образование зад истото во пристојните држави; како се „намалува“ невработеноста; од каде се зголемуваат пензиите.

Да, Апашот знае дека е голем бројот на луѓе што немаат доволно познавање за сето ова и затоа, преку камерите на телевизиите задолжени за дезинформирање на граѓаните, некои од нив сугестивно се наведуваат да кажат колку е убаво најновово и истовремено најстаро Скопје (демек тие се јавното мислење) без, сиромашките, да помислат на тоа колку токму таквото Скопје ја зголемува смртноста во Градот - бедата во неговата периферија, а поради апсорпцијата на огромниот износ на пари фрлени во ветер и смртноста и бедата во цела Македонија. Но, истовремено, Апашот знае дека токму ваквите несреќи им ги отвораат очите на граѓаните, на големиот број којшто до нивното случување не можеле при очи да прогледаат и да ги разберат вистинските причини за нивната небиднина. Апашот знае дека токму таквиот, систематски ослепуван граѓанин од бескрупулозната пропаганда, наеднаш може да види дека немал држава, или имал имитација од неа односно, дека: Хидрометеоролшкиот завод бил за никаде - со години лажел (ете, без намера) дури и колку дожд паѓало на квадратен метар; дека имало вработени со нивен директор, но сме немале Државна дирекција за спасување и заштита од елементарни непогоди, чиј директор со возило на Дирекцијата што ја раководи не можел да стигне до загрозените подрачја; дека некој сечел лента за пуштање автопат, а тоа да ти бил гробар; дека пустошењето на шумите од крадците со спонзорство и покровителство на државата претставувало извор за богатење и живот на поедници, но смртна закана за жителите под планините; дека плаќањето комуналии на една апашка власт не обезбедува комунални услуги кои попречуваат поплави на живеалиштата и влегување на фекалии во нивните живеалишта; дека деградирањето на земјоделското земјиште не се спречува со коруптивни субвенции; дека огромен дел од даноците што ги плаќаат граѓаните исчезнувале во непознат правец, итн.

Ете затоа, Апашот и неговите соучесници се исплашени од оваа трагедија и тргнаа во кампања да ги убедуваат сите дека тоа е природна појава, дека Господ така сакал, па човекот е беспомошен во такви случаи, а како дополнување на тоа е: „да!“ прифаќаме седница на Парламентот, но безобразната опозиција „да не ја политизира“ седницата; да не си прави политички маркетинг, зашто е тоа „нечесно за загинатите и оштетените“. Каква демонстрација на совесност и сочувствителност од страна на Апашиве?

И, што да видиме? И СДСМ мисли дека оваа тема сега не треба да се „политизира“?! (Колку ми пречи овој збор, „политизира“!) И некои новинари, кои ни случајно не треба да се така нежни кон Злосторникот станаа воздржани, па и тие предлагаат „да не се политизира несреќата“! Па, Господо, кога да се „политизира“ темата? По изборите? Наводно, требало „да бидеме единствени“ - сега во злото ( Заедно со Злосторникот?); со апашите да ги споиме лицата и да бидеме едно лице, една душа, за единствената и најмила (нивна) Македонија? Да бидеме конструктивни и да предлагаме мерки; тие (арамиите) со задоволство ќе ги реализирале! Ако се политизирала темата, тоа можело штетно да влијае на хуманитарната помош! На добрината на луѓето! Што ли уште нема да се изнаслушаме, само и само арамиите и сејачите на злото да се провлечат неказнети. Во меѓувреме, се разбира, ќе продолжат со беспоштедното самофалбаџиство; со прикривањето на криминалот, на злоупотребите, на вината за мртвите, за обездомените и за новите преселби на младите во „душманските“ земји кон Македонија. Патем ќе удираат и по некој бокс, ако нешто им се дофрли, ако помислат дека дофрленото ги навредува нивните „чисти души“. Ако мислите така, нека ви (ни) е со среќа! Арамијата и натаму ќе „политизира“, и ќе чека да зграпчи уште една прилика да го доврши чинот на злосторството. Затоа „Опозицијо“, нема ништо да изгубиш ако „политизираш“! Никој во оваа држава не ја злоупотребил политиката повеќе отколку оние што ве советуваат „да не политизирате“! Нужноста фактите да пливаат во секоја прилика наместо мртвите тела и фекалиите не е политизација на несреќата.

Извор: Плусинфо
Фотографии: Драган Перковски