Звучно поместување на границите на перцепцијата

01.10.2016 12:06
Звучно поместување на границите на перцепцијата

Димитар Додовски е продуцент од Битола, кој зад себе има квалитетен музички опус препознат и потпишан од издавачи концентрирани на амбиенталната и експериментална музика од повеќе земји низ светот, како Германија, Британија, Холандија и Јапонија. Покрај неговите пет студиски албуми, учествувал и во колаборативни проекти, како Post Global Trio заедно со Тони Димитров и Мартин Георгиевски и дуото со Ли Антони Норис, именувано како Moss Garden, од кое произлегоа два навистина одлични албуми: „Understanding holy ghosts“ и „In the silence of the Subconcious“. Освен тоа, Димитар Додовски има издадено и повеќе синглови, а неговите траки се исто така дел од бројни компилации на амбиентална и експериментална музика. Она „Светско - а наше“, некако природно се наметнува како атрибут на неговите дела, колку и да бегаме од клишеа.

По „Fiction makes sence“, „Nature“, „Rivers“ и „Potential Worlds“, неговиот најнов албум, „Dérive“, кој на почетокот на септември го издаде Shimmering Moods Records, е веројатно неговиот најзрел самостоен музички албум до сега. Сите седум траки поместени на Dérive пленат со своето конзистентно течение и мајсторски компонирана слоевитост на звукот. Од самиот старт на албумот ќе се најдете понесени на синестетско патување низ убаво дозираната комбинација од природни и неовоземни предели.

Dérive звучи како да сте тргнале на прошетка во природа, но овој пат вооружени со истенчени сетила и способност микроскопски да ја перцепирате околината со сите процеси, превирања и животворни импулси кои се одвиваат под површините на навидум мирниот пејзаж.

Првата трака динамично го отвора претстојното патување, како некој извор, кој постепено се претвора во поток кој ја пробива својата траекторија со ѕвонливо итање. Следните траки имаат доста помирно темпо, а за сите е карактеристична основата од шум на рапава и грануларна текстура, помалку или повеќе прекриена од долги, смирувачки звучни линии и флуидно распоредени ѕвонливи звуци кои интерферираат како водени бранови. Убавината на албумот, на некој начин кулуминира после четвртата трака, а особено во V-та и VI-та, кои имаат некоја поизедначена глазура. Преференцијата на поединечни траки е сепак прашање на вкус, а она што е значајно е дека албумот како целина е вистинска ризница на импресии.

Додовски вели дека креирањето музика за него е спонтана импровизација или игра, неоптоварена од антиципирањето на конечниот производ. Што се однесува пак до начинот на соработка во глобалниот музички еснаф, тој смета дека економијата и политиката би можеле многу да научат од начинот на кој се градат заедниците кои ги обединува уметноста, каде што владее чувство на припадност неограничена од стегите на националноста.

Повеќе околу иднината на музиката, креативниот процес на создавање, како и состојбите на локалната версус глобалната сцена на авангардните музички жанрови, читајте во продолжение во интервјуто со продуцентот Димитар Додовски.


-Што значи Dérive?

Dérive или Drift е психогеографски концепт на експериментално „однесување“, т.е непланирано патување низ урбани и природни предели во кое учесникот се ослободува од стегите на секојдневните обврски, навики и релации и се препушта на сензациите, контурите и енергиите на непосредната околина, така што станува некој вид „сензор“ за она што во вообичаени услови останува незабележано.

-Дали со тој концепт (Dérive) на ум започна да го креираш албумот од самиот почеток, или на крај тоа име на финалниот продукт само се наметна како логично решение?


Албумот е работен сосем спонтано во период од околу една година, во кој ми се случуваа безбројни „дрифтови“ од ваков вид. За време на последните подготовки пред да испратам демо пакет до неколку издавачки куќи, ми стана јасно дека сите траки коинцидираат со тие патувања, така што името се наметна покасно и без многу размислување.

-Сите траки се означени со бројки, освен четвртата (Soul) и последната (Silent moon). Зошто ги издвои токму овие две?

Во текот на продукцијата траките имаа некои свои работни наслови, но на крај одлучив да не го насочувам слушателот во поглед на тоа како ќе ја доживува и визуелизира музиката, туку преку бајпас на рационалниот ум (кој оперира со имиња и конкретни значења), да се проектира себе во звуците, како некој вид аудитивен роршах тест и медитација. Останатите две траки задржаа нешто од работните наслови, како потсетник дека албумот сепак „истражува“ во контакт зоната на познатото и непознатото.

-Што е најчесто првичниот „градбен материјал“ кој го преведуваш во музика? Музиката како и поезијата на некој начин оперира со чувства и расположенија, но твоите траки е лесно е да се визуелизираат како природни пејзажи. Со оглед на тоа, дали токму визуелните доживувања се твојата инспирација и стартната точка на креативниот процес?


Тој „градбен материјал“ најчесто е внатрешен порив или енергија акумулирана после вакви дрифтови насочена кон спонтана импровизација, игра која е цел сама по себе, неоптоварена од финалниот продукт и антиципативно опипување на потенцијалните можности...Во моментот кога ќе почне „нешто“ возбудливо да се случува и да поприма јасни контури, градам и проширувам врз таа основа. Визуелните доживувања тука ги сметам за секундарни.

-Амбиенталната/експериментална музика е специфичен жанр, во кој ти веќе си на некој начин етаблиран, во глобалната струја на артисти. Според твоето искуство и видување, каков е приемот на ваквите експериментални жанрови во Македонија - како во поглед на слушателска публика, така и од аспект на функционирањето на некаква сцена, колаборативни проекти и настапи во живо?

Амбиенталната музика во принцип не е прифатена заради нејзината аморфност која остава простор за предрасуди и негативно доживување, но радува фактот што последниве 5-6 години има зрела публика која храбро открива нови музички хоризонти. Како и со сите авангардни жанрови досега, (кои се соочувале со скептичен прием во своите зачетоци) наскоро очекувам оваа музика постепено да биде апсорбирана од локалниот мејнстрим, а настапите, соработките и комуникацијата да станат најнормална појава на сцената.

-Веќе долго време зад твојата музика стојат издавачки куќи од повеќе земји во светот, а ако го погледнеме дијапазонот на музичари кои тие ги издаваат, се добива впечаток дека ограничувањата на некаква локална сцена за овие специфични музички жанрови веќе не постојат. Вмрежувањето во виртуелниот свет практично ги брише границите меѓу државите во овој „бизнис“, а и самата слушателска публика е повеќе глобална категорија. Колку успешно функционира овој анархичен модел и дали со ова се сосем надминати ограничувањата на локалната средина?

Да, добро е кога можеш да видиш луѓе од целиот свет, слушатели или продуценти, како се поддржуваат едни со други, соработуваат на албумски изданија, градат заедници... Така се добива едно специфично еснафско чувство на припадност која не е ограничена од националноста или некакви други убедувања кои се дел од минатото и дава надеж во кој правец би можела да функционира не само уметноста, туку и политиката и економијата во иднина.

-Музиката на иднината е...

Во блиска иднина очекувам revival на New age музиката, без оној „cheesy“ призвук кој го имала во 80-тите и 90-тите, значи пречистена и доконкретизирана онака како што се случувало досега со повеќето revival-и.

-Омилен саундтрак на филм?

Vangelis – Blade Runner.

-Музиката е лек за...

Убеден сум дека музиката, кога е базирана на духовни принципи, може да лекува многу конкретно, физички органи, психолошки проблеми, да иницира личен развој итн. Бидејќи таа од аспект на нотација, текстура и структура е медијатор со духовните светови, секој музичар свесно или не, тоа го прави. Во моментов постои многу разорна музика на суптилни нивоа која е продукт на уметнички трендови и социолошки фидбек, а ние слушателите немаме поим како делува во вистинска смисла. Мислам дека во иднина лековитиот аспект на музиката ќе биде посериозно третиран без да се остави тоа на случајноста.

-Кои музички артисти или продуценти би ги издвоил како твоја главна инспирација, или најквалитетен супстрат од последнава деценија?

Последниве години го истражував опусот на Brian Eno, Harold Budd, Laraaji и многу други од 70-тите, 80-тите, но секако, во мојата музика интерферираат влијанија од dub techno и експерименталната електронска сцена од 90-тите и 2000-те, дискографијата на лејблови како Chain Reaction, Raster Noton, 12К, Bureau B, FAX… Во последно време има експлозија на нови и возбудливи лејблови кои издаваат во мали тиражи и нестандардни пакувања, така што не би можел да издвојам некој посебно.

-Дали постои опасност музичките инструменти со тек на време да станат сосема заменливи од синтетичкиот звук?

Ако добро го сфатив прашањето, мислам дека музичките инструменти можат комплетно да се заменат со виртуелни, базирани на physical modelling, кој во принцип е математичка симулација на жичени и дувачки инструменти. Но во последно време постои обратен тренд на враќање кон аналогното, па дури и кон живи инструменти во продукцијата и настапите. Со тоа се активира малку повеќе аспектот на телесноста, грешките, играта и импровизацијата наспроти кликањето на апстрактни икони и перфекционистичко редење патерни во компјутерот, што нормално, станува заморно после одредено време. Така што одговорот е дека нема опасности, сè е до изборот на продуцентот и нивото на зрелост кое го постигнал.

-Што е следната работа која се крчка на музички план кај тебе?

Очекувам во најскоро време да се издаде мојот прв колаборативен 12” техно сингл, заедно со 3 ремикси кои се готови и мастерирани, потоа нов соло амбиентален материјал кој веројатно ќе биде готов идната година, а исто така имам отворена можност за соработка со еден ирански продуцент кој последниве години „растура“ на амбиенталната сцена и лесно може да се спореди со Harold Budd... Можностите кога се комуницира со еснафот во кој припаѓаш се ограничени само од имагинацијата!

(Албумот Dérive можете бесплатно да го слушате на овој линк.)