Заев со „План за Македонија“: Доста беше крпен живот во Македонија, време е за достоинствен живот

03.10.2016 18:40
Заев со „План за Македонија“: Доста беше крпен живот во Македонија, време е за достоинствен живот

За поинаков СДСМ:

„…ако сакаме поинаква Македонија, мора првото прашање што ќе си го поставиме сите и секој од нас поединечно да биде – што треба јас да променам кај себе за да можам да ја придонесам за промени во Македонија…“

„….Ги отворавме вратите, разговаравме со граѓаните. Од денеска секој еден штаб, секоја канцеларија, да ги остави вратите отворени! Од овој момент, засекогаш! Луѓето знаат каде можат да тропнат. Ќе ги слушате. И ќе ги решаваме нивните проблеми. Оние кои се плашат од каква било причина да дојдат кај нас, нема да ги заборавиме, ќе отидеме ние кај нив. Вака му доликува да работи на Социјалдемократскиот сојуз. И само така ќе работи.“

За „крпениот живот во Македонија“:

„…Освен за една фамилија и мала група околу нив, за огромното мнозинство граѓани на Македонија ова денес не е живот. Преживувањето не е живот. Крпен живот е еден од најубавите романи на македонски јазик, но за жал во нашето секојдневие тоа не е само наслов на книга, туку најпрецизен опис на животот на луѓето во Македонија. Доста беше веќе крпен живот во Македонија, време е за достоинствен живот.“

За зголемувањето на најниските плати:

„Ние имаме конкретен план, и краткорочен и среднорочен. Најниската плата прво ќе биде зголемена на 12.000 денари, а ако мандатот следната влада не го заврши со најниска плата 16.000 денари, тогаш ич нека не се појавува следен пат пред граѓаните.“

За грабежот и помагањето на домашните фирми:

„…300 до 400 милиони евра годишно оваа власт краде. Од 70.000 фирми во Македонија, најмалку 10.000 од нив ставија клуч на врата. Секоја трета е со блокирана сметка, поради казните од две, три, 5.000 евра. Празни го буџетот за фамилијарните тендери, полни го со скромната заработувачка од потта на дали и еден вработен во дуќанче. А државата одвојува мизерни 120 денари годишно по домашна фирма!

Не – ќе им помогнеме на домашните фирми. Тие ќе бидат столбот на економијата во нашата држава. Ако тие добро работат, ќе има и за пристојни плати и за достоинствен живот на вработените во нив.“

За потребите за вложување во инфраструктурата:

„На оваа земја ѝ треба и инфраструктура, и водоводи, патишта, школи, болници, градинки, зaшто е буквално опустошена од оваа неодговорна власт во секој поглед, но какви и да имаме успеси на овој план – џабе ни се, ако имаме граѓани кои живеат во тешка сиромаштија. За кого ќе се училиштата што ќе ги реновирами или изградиме, ако имаме во нив ученици чии родители немаат пари да им купат тетратки? Или да ги пуштат на училиште?“

За намалување на трошоците и за поквалитетен живот:

„На граѓаните кои имаат вкупен месечен личен доход до нивото на законски определената минималната плата, ќе им биде вратен износот што како персонален данок на доход претходно бил уплатен од страна на нивните работодавачи. Ќе создадеме систем за Повеќе пари кај граѓаните. На секој граѓанин ќе му се вратат 15% од платениот ДДВ од потрошувачките сметки. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување.

Ова е само еден од начините како да ги намалиме животните трошоци. Ќе ја вратиме ефтината тарифа на струјата. Ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе ги ограничиме извршителските трошоци што сега се огромни.“

За патриотизмот:

„…Вака се сака Република Македонија. Нема поголем патриотизам од тоа да им овозможите спокоен и пристоен живот на луѓето во нашата земја. Се изнагледавме изминативе десет години разни квазипатриоти за кои патриотизам е полнење на личните џебови и џебовите на партијата со над 60 милиони евра имот. Тоа е алчност, не патриотизам. Патриотизам е кога твојот основен двигател на сè што работиш во животот е тоа што го рече и првиот претседател по независноста на нашата татковина Киро Глигоров – Македонија е сè што имаме.

А Македонија, тоа е Кирил, тоа е Тодорче, тоа е Зорица, тоа е Ениса, Саша, тоа е Катерина, тоа е Адем, тоа се овие луѓе, тоа си ти, тоа е секој од нас.

За сите нас ја бараме и ќе ја оправдаме довербата.

Очекувам успешен Конгрес од којшто ќе излеземе уште поцврсти, уште пообединети, и уште поопределени,

За Македонија!

За животот во Македонија!

За Македонија во којашто ќе останат нашите деца!“

Извор: Слободна Македонија

ОкоБоли главаВицФото