Животните се свесни и треба да се третираат како такви

10.10.2016 11:25
Животните се свесни и треба да се третираат како такви

Статијата се темели на освртот на Марк Бекоф за New Scientist. Бекоф е почесен професор по екологија и еволуциска биологија на Универзитетот во Колорадо, Болдер. Тој е автор на повеќе есеи и книги за емоционалниот живот на животните, животинската свест и заштита на животните.

 

„Дали животните се свесни суштества?“

Прашањево има долга и длабока историја. Чарлс Дарвин го поставил кога размислувал за еволуцијата на свеста. Неговите идеи за еволуцискиот континуитет уште тогаш сугерирале дека разликите помеѓу видовите се разлики во нијанси, а не во категории; неговиот заклучок бил дека ако ние поседуваме елементи на свест тогаш и „тие“ (другите животни) го поседуваат истото или сличното.

Во јули 2012 година детално беше анализирано прашањето на свеста од страна на група научници кои се состанаа на Кембриџ Универзитетот на првата годишна „Френсис Крик“ меморијална конференција. Крик, кој е ко-откривач на ДНК, поминал голем дел од неговата кариера проучувајќи ја свеста, а во 1994 година објави книга на таа тема - „Неверојатната хипотеза: научна потрага по душата.“

Како конечен резултат од средбата на научниците произлезе „Кембриџовата декларација за свеста“, јавно објавена од три еминентни невронаучници - Дејвид Еделман на Институтот за Невронауки во „La Jolla“, Калифорнија, Филип Лоу од Стенфорд Универзитетот и Кристофер Кох од Калифорнискиот Институт за Технологија.

Во декларацијата се заклучува дека „нечовечките животни имаат невроанатомски, неврохемиски и неврофизиолошки супстрати на свесни состојби заедно со способноста за намерно однесување. Тежината на доказите укажува дека луѓето не се единствените што поседуваат невролошки супстрати кои генерираат свест. Нечовечките животни, вклучувајќи ги сите цицачи и птици, и многу други суштества покрај овие, меѓу кои и октоподите, исто така ги поседуваат овие невролошки супстрати.“

Марк Бекоф тврди дека Декларацијата за свеста содржи и неколку пропусти. Сите, освен еден од потписниците, се лабораториски истражувачи; декларацијата би имала корист од перспективите на истражувачите кои направиле долгорочни истражувања на диви животни, вклучувајќи ги и нечовечките примати, социјалните месојади, китовите и делфините, глодарите и птиците.

Тој е мошне разочаран што декларацијата не ги споменува рибите, од причина што тешко продираат научните докази кои одат во насока на поддршка дека и тие поседуваат свест.

Декларацијата сепак не е наменета за научници, па затоа како нејзин автор, Лоу, пред прогласувањето истакна: „Дојдовме до консензус дека сега можеби е одлично време да се даде изјава за јавноста. На сите присутни во оваа просторија можеби им е очигледен фактот дека животните имаат свест, но тоа не му е очигледно на остатокот од светот.“

Сега се поставува најважното прашање: ќе направи ли оваа декларација некаква разлика? Што ќе преземат овие научници и другите луѓе, сега кога постои согласност дека свеста е широко распространета низ животинското царство?

Бекоф се надева дека оваа декларација ќе служи за заштита на животните кои се третираат насилно и нехумано. Премногу често цврстото научно знаење за когнитивниот капацитет на животните, нивните емоции и свеста не е препознаено, ниту признато во законите за благосостојба на животните. Знаеме, на пример, дека глувците, стаорците и кокошките покажуваат емпатија, но тоа знаење не е земено предвид ниту во Американскиот федерален закон за благосостојба на животните. Околу 25 милиони од овие животни, вклучувајќи ги и рибите, се користат во инвазивни тестирања секоја година. Тие сочинуваат повеќе од 95 проценти од животните што се користат во истражувањата во САД.

Во врска со оваа состојба, Марк Бекоф изразува чудење: како е возможно оние кои одлучуваат за регулативите за користење на животните да ги игнорираат овие факти?“

Но, не сите закони ја игнорираат науката. Лисабонскиот договорот на Европската Унија, кој стапи на сила на први екември 2009 година, признава дека животните се сетилни суштества, и ги повикува земјите-членки да „обрнат целосно внимание на барањата за благосостојба на животните“ во сточарството, рибарството, транспортот, истражувањето и развојот, како и при прописите за предвиден простор.

Сепак, уште постојат научни скептици во врска со нивото на животинската свест. Во својата книга Крик пишува: „сентиментално е да се идеализираат животните“, како и тоа дека за многу животни животот во заробеништво е подобар, подолг и помалку брутален отколку животот во дивина.

Слични ставови уште постојат во некои кругови. Во нејзината последна книга „Зошто животните се важни: животинската свест, благосостојбата на животните и човековата благосостојба“, Маријан Стамп Докинс од Универзитетот во Оксфорд тврди дека сè уште не знае дали другите животни се свесни и дека треба „и понатаму да останеме скептични и агностични, па дури и милитантно агностични ако е нужно.“

Докинс необјасниво ги игнорира податоците кои присутните научници на средбата во Кембриџ ги употребија за да ја формулираат својата декларација, и оди толку далеку што тврди дека е штетно за животните да ги базираме одлуките кои се однесуваат на нивната благосостојбата на фактот дека тие се свесни индивидуи.

Апропо овие ставови, Бекоф јасно става до знаење дека тоа го смета за неодговорно: „оние кои решаваат да им наштетат на животните можат лесно да ја искористат позицијата на Маријан Докинс за да ги оправдаат своите постапки. Можеби, земајќи ги предвид заклучоците од собирот во Кембриџ, она што јас го нарекувам опасната идеја на Докинс, конечно ќе биде изолирано и осамено. Јас не гледам како некој кој држи чекор со литературата и науката во врска со болката на животните, нивната сетилност и свест - и кој одблизу работел со различни животни - би можел и понатаму да остане скептичен и агностичен за тоа дали тие се свесни.“

Бекоф сепак оддава признание на Кембриџовата декларација за свеста, истакнувајќи дека „сите треба да продолжиме да работиме напорно за да им ја овозможиме на животните заштитата која ја заслужуваат. И да се надеваме дека декларацијата не е само голем гест, туку е нешто цврсто и издржано, нешто што води кон акција. Сите ние треба да ја искористиме оваа прилика за да ја спречиме злоупотребата на милијарди свесни животни за цели како што се науката, образованието, храната, облеката и забавата. Им должиме на животните да го употребиме во нивна полза она што го осознаваме за нив, а сочувството и емпатијата да ги земеме како клучни фактори во нашиот однос кон нив.“ 

Извор: New Scientist
Фотографии: Ник Бранд