Изборен модел во кој големите риби ги јадат малите

26.10.2016 13:07
Изборен модел во кој големите риби ги јадат малите

Во нашиов изборен модел со 6 изборни единици, големите „риби“ ги јадат гласовите на помалите „риби“.

Таква беше судбината во 2011 година на гласовите за ВМРО-НП (над 28 илјади), Демократија е ре (нешто под 20 илјади), за Обединети за Македонија (над 17 илјади), ЛДП (16.5 илјади).

Иронија на судбината: сите овие „мали риби“ кои водеа кампања против „големите риби“ („змијата“ и „магарето“, „Курто“ и „Мурто“), ги фрлија своите гласови во челустите на големите риби. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ тогаш беа во сооднос отприлика 13 спрема 11 и си добија дополнителни пратеници од партиите кои водеа кампања против нив.

Системот не е ич фер. ВМРО-ДПМНЕ сака изборниов систем да си остане, а СДСМ вети промена со отворени листи и една изборна единица.

Ова го знаат сите мали партии. Знаат дека дури и со 45 илјади гласачи може да не освојат ниту еден пратеник ако се добро распоредени во сите 6 изборни единици и ако излезат повеќе гласачи. А со 55 илјади гласови можат да се освојат и 6 пратеника ако се добро распоредени, со помалку гласачи. ДПА во 2011 освои 66.315 гласови и 8 пратеници, а четирите погорепосмнати партии освоија над 80 илјади гласови и ниту еден пратеник. Таков е изборниот модел.

И покрај тоа што многу добро го знаат ова, некои мали „риби“ не влегуваат во коалиции, се одлучуваат да одат сами на избори и ги подаруваат нивните гласови на големите „риби“.

Помалите „риби“ кои се прагматични ќе влезат во поголемо коалициско јато кое обезбедува влез во парламентот. Помалите „риби“ кои нема да влезат во коалициско јато ќе бидат изедени од поголемите „риби“ и нема да бидат претставени во парламентот.

Секогаш кога размислувате да гласате за помала „риба“ имајте ја предвид оваа политичка реалност. Вашиот глас лесно може да биде изеден од поголемите риби, ако партијата за која што гласате нема барем 45 илјади гласачи.

Извор: Фејсбук профилот на авторот