Ванковска и приватноста на вмровските политичари

18.11.2016 03:05
Ванковска и приватноста на вмровските политичари

Слушам Ванковска била исклучително загрижена за светата сексуална приватност на вмровските политичари. Пренесете ѝ, ве молам, нека не се грижи толку за приватноста и сексуалноста на хомосексуалците. Аутирањето на хомофобични политичари кои со своите политики најдиректно ги загрозуваат сексуалните малцинства, ја репродуцираат хетеронормативната култура и го поттикнуваат говорот и насилството од омраза, не е стратегија на хомофоби и хетеросексуалци, туку на квир активисти ширум светот. Најпарадигматични се примерите во САД во 80-тите и 90-тите кога политичари хомосексуалци поддржуваа хомо/еротофобични политики кои водеа директно кон геноцид за време на AIDS кризата. Ако Ванковска едно време глумеше лудило на божем левичарка, нека држи барем малку до себе, наместо да вергла празни и редукционистички либералистички мантри. Ваквото држење за светата приватност е гола и политички потентна стратегија за прикривање на операциите на моќ. Не само како политиката го конструира, регулира и управува приватното (за тоа феминистките нè научија одамна), туку и како контектстот и различните позиции во пирамидата на моќ прават голема разлика кога зборуваме за приватноста. Не е исто да се стави на јавна критика и иронија, како и морална проценка, врвен политичар од демон-христијанската, конзервативна, мизогина, наци и хомофобична партија која веќе деценија шири омраза, поддржува насилство и молчи пред крв од напади врз хомосексуалците, и да се проценува, објавува и коментира сексуалноста на обичен граѓанин, без разлика дали тој/таа живее прикриен сексуален живот или е отворен/а за својата сексуалност. Не е овде прашањето на морализација на отвореноста/лицемерието ан женерал! Тоа ни мртов не би го правел, баш поради тоа што така единствено го оправдуваме хетеронормативниот политички систем и го репродуцираме кругот на виктимизација на тие што веќе се борат и преживуваат во таков систем. Односно, така ја приватизираме одговорноста без да имаме трошка однос кон проживеаното искуство на тие коишто живеат двоен, прикриен или каков и да е живот. Или пак едноставно не сакаат да живеат сексуално субкултурен живот, или не сакаат да се идентификуваат со таа позција или таа социјалност. Не е ова ниту прашање на еротофобија. Еротофобијата е само класичен пример за малограѓанскиот морализаторски дух кој во политиката гледа сфера трансцендирана од телесниот живот во која владее разумот и делиберацијата, како и личниот морал како врвна доблест на политичарот (што не е ништо друго освен очекување за репродукција на доминантните општествени норми). Но еротофобијата е и стратегија за пренасочување на вниманието и сведување на клучните политички антагонизми на ниво на чист сензационализам. Конечно, еротофобијата ја деполитизира сексуалноста, и ја одзема моќта да биде оска околу која се градат социјални и културни светови, и оневозможува да гледаме на сексуалноста на афирмативен начин. Затоа и сметам дека еротофобијата е подеднакво дегутантна стратегија.

Овде станува збор единствено за демистификација, соголување, иронизирање и разоткривање на една насилна идеологија чиишто главни постулатии, насилни се разбира, се превртени на глава. И покажани во сета своја лицемерност и неодржливост. Погледнете ја партиската доктрина на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ви биде јасно.

 

П.С. Не ви пречи кога премиерот со својата жена од приватниот дом и спална се појавува секаде. Тоа тогаш е политички или дипломатски протокол. Тогаш не е пречекорување на границата на политичко/приватното. Не ви пречи кога собрание гласа закони за семејство, за абортус, за брак, дефинира што е, а што не интимна врска и вонбрачна врска. Тоа не е упад на државата и партијата која ги предлага дефинициите и законите во приватноста. Тоа било процедурална и делиберативна демократија. Не ви пречи кога објавуваат слики од своите свадби, сопруги, невести и бебиња на социјални мрежи и медиуми, тоа не е нарушување на приватноста. Ама кога ќе се преврти идеолошкиот плакар и разобличи насилната идеологија и ќе се отворат симптомите на нејзината пропаст, е тогаш одеднаш сме во паника. Хммм...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото