Тензично и претесно на презентацијата на ДУП-от во Аеродром, одземен телефонот на Радио МОФ

22.11.2016 14:11
Тензично и претесно на презентацијата на ДУП-от во Аеродром, одземен телефонот на Радио МОФ

Во мала просторија на Урбаната заедница Острово во ТЦ „Скопјанка“, претесна за настан од јавен карактер, вчера од 13 часот се одржуваше презентација на Деталниот урбанистички план за Острово (четврт И 10). На презентацијата граѓани бараа одговори од општинската службеничка, но преовладуваа и тензични моменти – „искри“ и расправии меѓу самите жители. При расправата беше одземен и телефонот на Радио МОФ, со кој во живо го стримавме целиот настан.

Имено, настанот го следевме легитимирани, но не успеавме да го доснимиме целиот собир и бевме спречени во работата. Телефонот беше одземен од присутен граѓанин, иако снимавме настан на јавна локација, од интерес на локалното население, и целокупната јавност воопшто. Телефонот потоа беше вратен од човекот, кој побара да не го снимаме додека трае расправата. Притоа, не успеавме во намерите да добиеме видео изјава од службениците од Аеродром за целиот собир и измените во ДУП-от.

Меѓу самите жители имаше и надвикување. Дел граѓани кои живеат во Острово тврдеа дека со ДУП-от ќе им се реши проблемот со домовите. Односно, сега живеат во стари куќи покрај Вардар, па сметаат живеачката значително би им се променила кога би се преселиле во станови, доколку би се подигнале згради на парцелите со постоечки куќи.

Истовремено, други граѓани бараа подетална, сеопфатна анализа и поконкретни одговори за локациите со маркичките во ДУП-от. Сакаа да знаат за колку точно згради се работи, што е доработено во однос на минатиот план, дали се испочитувани правилници и стандарди, како градбите би влијаеле на околината и загадувањето, на квалитетот на живот… Дополнително се поставуваа и прашања дали и каде ќе се уништува зелен појас, дали ќе има обезбедено соодветен паркинг-простор… Во некои случаи следеше одговор: „Пишете забелешки. Ќе бидат разгледани“.

Општинарите претходно до Радио МОФ потенцираа дека измените се однесуваат на четврт И 10, за кој беше прекината постапката пред неколку месеци.

„При изработката на планот беа земени предвид забелешките на граѓаните во поглед на пристапните улици што поминуваат на зелена површина, како и подземното паркиралиште во близина на Мајчин дом“, одговорија од Аеродром.

Од иницијативата „Сакамe Аеродром да дише“ овој ДУП долго време го карактеризира како скандалозен со кој би се задушил Аеродром, а реагираа и за процедурата за негово потенцијално донесување. Меѓу другото, критики на адреса на општинарите упатија и во однос на премалиот одбран простор и тајмингот за оваа презентација, од причина што ова е засега единствена планирана јавна расправа за ДУП-от до 1 декември. До тогаш аеродромци единствено ќе можат да се праќаат писмени забелешки во ТЦ „Скопјанка“.

„Контактираме со многу наши сограѓани и соседи. Имаме информации буквално од секое ќоше од населбата, ни пристигнуваат пораки со соседи кои се жалат со одделни урбанистички проблеми. Ќе ги собереме сите проблеми на граѓаните, и ќе се обидеме да дигнеме галама во јавноста. Штом успеавме да го вратиме на доработка ДУП-от во март, општинарите и сега ќе го вратат на доработка, сè додека во планот не бидат имплементирани сите забелешки на граѓаните“, рече за Радио МОФ активистката Искра Манојлоска од „Сакаме Аеродром да дише“.

Инаку, Аеродром целата постапка за ДУП-от ја почна некаде на почетокот на март, кога се појавија недоумици за тоа дали 20, 30 или 40 нови згради ќе се подигнат низ општината. Најавите за нови градби предизвикаа низа јавни реакции, пред сè револт се прошири меѓу локалното население, кое се противеше на уништување на какво било зеленило. Бараа и образложение и подетална анализа како (со измените на ДУП-от) предвидените згради би влијаеле врз загадувањето, дали се работи за одговорно и хумано планирање, дали би се создал дополнителен сообраќаен хаос…

Се работи за повеќе потенцијални зафати (10-ина во делот на Острово и Мајчин дом), но она што предизвикуваше незадоволство, се чини, досега беше кај кулата 8, односно „Владимир Комаров“ бр. 23. Иницијативата „Сакам Аеродром да дише“ алармираа дека со ново решение, оваа кула ќе стане „остров“, заобиколена со асфалт од сите страни. Нема засега официјален став од Аеродром дали и на кој начин е решен овој дел.

Исто така, револтот беше насочен и кон најголемата локација за потенцијална градба – зелениот дел покрај булеварот „Јане Сандански“, паралелно со Мајчин дом до Три бисери. Таму планот овозможува подигнување зграда од 10-ина катови, заедно со околна подземна гаража, која, пак, сега Аеродром тврди е отстранета од ДУП-от, a маркичката за објектот постои повеќе од 10 години. Според Катастарот, „Масив констракшн“ е сопственик на тоа неизградено земјиште со површина од 3.538 метри квадратни. За „Масив контракшн“ беше објавено дека е подружница на „Камчев консалтинг ДООЕЛ Скопје“.

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото