Кон реартикулација на отпорот на економскиот либерализам

14.12.2016 04:02
Кон реартикулација на отпорот на економскиот либерализам

Во последно време во Европа дојде до пролиферација на владејачките поредоци кои вообичаено се нарекуваат „iliberal democracies“ (Унгарија, Полска, Хрватска во времето на Владата на Орешковиќ), односно „нелиберални демократии“. Во статијата што неодамна ја објавивте во Green European Journal со Мислав Житко аргументиравте против тој назив предложувајќи го „authoritarian capitalism“ како попрецизен. Дали можете накратко да го изнесете тој аргумент?

Со оглед на политичките трендови во Европа во последните години, првенствено подемот на екстремната десница, поимот „нелиберални демократии“ сè почесто се употребува и вообичаено се поврзува со поновите демократии од Источна Европа. Сметам дека тој поим е проблематчен од повеќе причини.

За почеток, со него се репродуцира еден вид поделба помеѓу јадрото и периферијата на Европа, односно еден вид ориентализам. Иако подемот на екстремната десница е подеднакво присутен и во земјите како Швајцарија, Данска или Австрија, со поимот „неолиберални демократии“ се етикетираат речиси исклучиво земјите од источна Европа, и со таа етикета се поврзуваат тезите дека тоа всушност се традиционални, можеби и заостанати општества, каде демократијата не ни фатила корен, и слично. Наспроти тоа, за исклучително важно го сметам тоа што современиот тренд за јакнење на екстремната десница се набљудува на европско ниво, занемарувајќи ги поделбите на исток и запад.

Второ, тој поим на вештачки начин ја раздвојува анализата на економската од политичката сфера. На прв поглед, со употребата на поимот „нелиберална демократија“, се стекнува впечаток како да зборуваме исклучиво за политички поредок. Меѓутоа, ако повнимателно го набљудуваме тој поим, ќе видиме дека во неговиот темел се наоѓа концептот на правната држава – она што на англиски го нарекуваме rule of law – што е поврзано со ограничување на деспотизмот од една страна, но исто така и со одбраната на приватната сопственост од друга, односно зачувување на класното општество. Според тоа, со сведување на проблемот исклучиво на политичката сфера теренот на дискусијата се поместува со разгледување на економските прашања, односно капитализмот останува настрана. Понатаму, ако изборот го сведеме на либерална или нелиберална демократија, тогаш сме во континуум во кој имаме или status quo или нешто полошо. Значи, се поставуваме во рамка во која нема подобри варијанти; може да биде само полошо од тоа што го имаме во моментот. Од прогресивна перспектива, тоа ми се чини како најголем проблем во врска со тој поим: заробени сме во политиката на стравот.

Наспроти тоа, во текстот што го споменувате колегата Мислав Житко и јас се послуживме со познатата „трилема“ на Родрик, која вели дека не можеме истовремено да имаме глобален капитализам, национални држави и демократија. Во тој модел националната држава одозгора ја „притискаат“ капиталот и меѓународните финансиски институции, а одоздола граѓаните кои бараат социјални и економски права. Во втората половина од 20 век, притисокот одоздола успешно го ограничуваше дофатот на економскиот либерализам, но во изминатите неколку децении сè појасниот тренд во кој националните држави ја прилагодуваат регулаторната рамка пред сè на барањето одозгора – значи, на авторитарен начин. Затоа ние се прашувавме дали не е посоодветно современите политички прилики во Европа да се окарактеризираат како авторитарен капитализам наместо како нелиберална демократија.

Тука е и третата димензија, подеднакво важна и поврзана со двете штотуку наведени: во поимот „нелиберални демократии“ се соединуваат два современи феномени: подемот на екстремната десница (со што мислиме на фашизмот, разните облици авторитаризам, ксенофобија и слично) и отфрлањето на економскиот либерализам. Во моментов двата феномени контингентно се совпаѓаат зашто така е обликувано политичкото поле, но според мене тоа е последица на неуспехот на современата левица. Веќе долго време сме сведоци дека левицата е неспособна да ги артикулира интересите на општествените групи кои се примарни губитници на политиките на економскиот либерализам и ги губи своите општествени упоришта. На неодамнешните избори во Австрија, иако главна тема беше бегалската криза, што би го окарактеризирале како идентитетско прашање, структурата на гласачката поткрепа оддаваше јасна класна динамика: урбаната, образована средна класа гласаше за зелената либерална опција, а она што би го нарекле работничка класа и депривилегирани општествени групи гласаа за Хофер.

Каков вид политички ентитет е Европската Унија и како се самолегитимира? Кои управувачки модели и практики се најизразени во нејзината политичка структура?

Сметам дека проектот на Европската унија од почетокот е доследен на себеси – тој се темели на идејата дека отворениот пазар донесува просперитет и благосостојба за сите. Меѓутоа, иако таа идеја се наоѓа во јадрото од самиот почеток на европскиот проект, освен тоа тој во поголемиот дел од втората половина на дваесеттиот век беше обележан и со она што тогаш се нарекувало европски социјален модел – нешто што експлицитно е формулирано како алтернатива на грубиот капитализам од американски тип. Притоа се тврдеше дека Европа и Европската заедница имаат иднина ако го развијат она што тогаш се нарекуваше закотвен либерализам или социјалдемократска држава – каде грубите последици од пазарните односи ќе се ублажат и обликуваат за да се обезбеди поддршка за граѓаните. Кон крајот на осумдесеттите се отстапи од тоа, со проектот за единствен пазар како една од главните институционални пресвртници во историјата на Европската унија.

Како што професорот Питер А. Хол од Харвард неодамна тврдеше на едно јавно излагање, преку проектот за единствен пазар идејата за Европската унија се промени од „просперитет за сите“ во „просперитет преку единствен пазар“. Станува збор за потполна вера во пазарниот механизам, додека социјалните политики се сведени на „палијативни мерки“, како што би рекол Фуко. Се работи за мошне значаен пресврт, кој дополнително е заострен од понатамошните институционални промени во ЕУ, меѓу другото секако и со Лисабонската агенда. Ако разгледаме подолг период, може да кажеме дека во шеесеттите и седумдесеттите, односно во раните децении на ЕУ, кога беа формирани различни модели на социјални држави, меѓу земјите членки наоѓаме социјалдемократски, конзервативни и либерални режими. Меѓутоа, европскиот проект од 2000-те години е сè поединствен во трендот што го наметнува. Со текот на времето Европската унија сè повеќе станува епитом за недемократски начин на управување и владеење кој се темели на експертен дискурс и еднонасочен диктат кон земјите членки. Притоа исклучително е важно да се нагласи дистинкцијата помеѓу ефектите кои ЕУ ги има на старите и на новите членки.

Дали можеме да зборуваме за еднаква примена на регулативите на Европската унија на сите земји членки, и општо, за еднаквоправност на сите членки? Како ја толкувате честата дистинкција на линијата нерамномерни односи и економска моќ помеѓу таканаречениот европски центар и периферијата и како тие се манифестираат при формирањето на регулативите и политиките на ЕУ?

Кога дискутираме за Европската унија и нејзините учиноци, постои разлика помеѓу следењето на развојот на јавните политики, законодавствата и правните аквизиции на ЕУ и следењето на практиките на земјите членки. Кога ќе се задлабочите во анализа на политиките во земјите членки, секогаш ќе најдете доволно разновидности за да може да тврдите дека на ниво на државите сè уште постои суверенитет и простор за обликување политики без оглед на препораките на институциите на ЕУ. На пример, земјите членки од почетокот на економската криза 2008 година различно реагираа на кризата. Од извештаите кои се однесуваат на заедничките стратегии за вработување (joint employment strategy), видливо е дека некои земји одлучија да вложуваат повеќе пари во образованието или во младите од периодот пред кризата, а некои ги намалија тие вложувања. Од тој пример гледаме дека и понатаму постои некаков вид разновидност, и покрај тоа што препораките на Европската унија се еднозначни.

Но, клучна е разликата помеѓу центарот и периферијата, односно дали земјата имала статус на пристапничка, како што е случај со земјите од Источна Европа. Тоа значи дека во голема мера биле под влијание на процесот на таканареченото политичко условување. Многумина политички аналитичари го опишаа тоа како чист download, при што како земја која сака да му пристапи на тој клуб впрочем немате речиси никаков простор за преговори; тоа се нарекува „преговори“, но тоа во голема мера не се преговори туку download-ирање, односно преземање на правните аквизиции, обврските и сите останати услови за станување членка на клубот.

Кога ќе ги разгледате исходите од некои јавни политики, да речеме во областа на оданочувањето, тоа ефективно значело дека земјите пристапнички во Источна Европа во многу поголема мера спровеле flat tax (рамен данок) како политика или намалување на оданочувањето на корпорациите отколку старите земји членки; затоа денес на географската карта на даночните политики во Европа повторно можете да ја согледате линијата на поделбата од времето на студената војна. Во текот на процесот на пристапување старите земји членки поселективно му пристапувале на спроведувањето на препораките на Европската комисија и другите тела на ЕУ, додека земјите пристапнички во текот на процесот на интеграција во голема мера го преземале целиот рецепт во пакет – дел што е задолжителен, како и дел што не е.

Од проектот за единствен пазар кон средината на осумдесеттите, преку Договорот од Мастрихт од 1992 година и Лисабонскиот договор од пред десет години, па до six-pack законите за економско управување од 2011 година – Европската унија ги постави правилата за економските политики кои оставаат сè помал маневарски простор за државите членки. Врвот на тоа веројатно беше игнорираниот грчки референдум против потпишувањето на третиот меморандум со меѓународните кредитори, а чија последица беше политичкиот банкрот на Владата на Ципрас и Сириза. Каква е улогата на гласачите во ЕУ и дали можеме, во рамки на ЕУ – во контекст на европските институции, но и државите членки – да зборуваме за политичката волја како фактор во политичките процеси?

Приказната за власта на Сириза во Грција е многу пластичен пример со помош на кој можеме полесно да го разбереме поимот постдемократија на Крауч, кој се користи често, а можеби не е секогаш лесно разбирлив. Ако постојат демократски институции како парламентите, ако имаме можност да избираме и да бидеме избирани – тогаш како е можно моќта да е на друго место? Кога им велам на студентите дека моќта се наоѓа во меѓународните финансиски институции, тоа звучи мошне апстрактно. Меѓутоа, од исходите од краткиот период од една и пол година на владата на Ципрас, можеше многу конкретно и јасно да се види што значи да се живее во време кога фундаменталните одлуки што ги одредуваат вашите животни шанси веќе навистина не се на дофат на гласачката кутија.

Од Роза Луксембург знаеме дека државата функционира како класна држава по тоа што во моментот кога демократијата навистина ќе се закани дека ќе го поништи општествениот договор и потполно ќе ги промени правилата на игра – врз вас ќе се сруши сета сила на политичкиот притисок и ќе го оневозможи тој исход. Варуфакис не го нарече тоа залудно waterboarding – вид мачење кое го популаризираше Гвантанамо. Исходите од тие процеси во Грција покажуваат колку малку можеме да постигнеме денес на ниво на националната држава.

Што е со европскиот идентитет? Претходно во разговорот споменувавме дека беше користен како интерпелативен мотив во процесите на транзиција во постсоцијалистичките земји, кога фунгирал како позитивна вредност опремена со романтичарско-просветителски набој на напредокот. Дали денес, по неколкуте години во кои Европа спроведува фискална дисциплина и ги затвора своите граници пред бегалците, постои некаков политички потенцијал на европскиот идентитет и дали може да кажеме дека тој банкротитал?

Никогаш не бев премногу возбудена во врска со тој поим. За „европскиот идентитет“ најмногу се зборуваше за време на златниот период, кога сите аналитичари и теоретичари набљудуваа како Европската унија се трансформира од меѓународен сојуз во супердржава, и разгледуваа што би можело и што би требало да направат интелектуалните елити од академското и културното поле за да го надоградат. Анкетите како оние на Евробарометар редовно покажуваат дека луѓето, во однос на очекувањата што ги имаат политичките и интелектуалните елити, премалку се чувствуваат како дел од Европа и ги преферираат регионалните и националните идентитети.

Постоеше период кога во некои делови од Европа се чинеше дека тие идентитети коегзистираат, дека можат меѓусебно да се информираат и дека идејата за повеќекратни идентитети донесува некакво ниво на припадност кон поширока заедница која, ако ништо друго, ја чувствуваме кога патуваме надвор од Европа – па на одредено културно ниво сме горди зашто тоа кон себе ја надоврзува богатата културна традиција и што уште не. Но, ми се чини дека тоа веќе подолго време е речиси иритатно; имам впечаток дека за голем број луѓе европскиот идентитет доби цинични конотации.

Со идејата за Европската унија, односно идејата за обединета Европа во уште поширока смисла, во одредени кругови се поврзува интернационалистичкиот потенцијал што отвора таков конгломерат, наспроти изолационистичките тенденции кои најјасно ги формулираат десните политички опции во одредени држави членки. Меѓутоа, како фигурира илустрирањето на идејата за обединета Европа преку моменталните практики на Европската унија во одредени земји членки во однос на светот надвор од Европа? Дали можеме да ги затвориме очите за колонијалното минато и постколонијалната сегашност на Европа и дали постојат ознаки за идната структура на Европа кои декларативниот интернационализам со конкретни политики би ги протегнал на остатокот од светот?

Со оглед дека моментално живееме во некаков вид политички гнилеж – интеррегнум во кој чекаме нештата да тргнат лево или десно, од сегашна перспектива сме склони да го набљудуваме периодот на втората половина од дваесеттиот век низ розови очила и да се повикуваме на развиените социјални држави. Кога во рамки на разгледувањето што треба да е повеќе застапено – државата или пазарот – ќе дојдеме до заклучок дека во моментов има премногу пазари и дека би требало да се засили државната регулација, социјалната држава се појавува како некаков облик на решение. Меѓутоа, социјалната држава каква што ја имавме и каква што ја изградија некои држави од Западна Европа е проблематична од многу причини – една од нив е фактот дека нивото на материјален просперитет што го постигнале тие земји е фундиран на еколошкиот впечаток на тие држави кој е неодржлив, а згора на тоа во голема мера и на работните и природните ресурси на земјите кои биле нивни поранешни колонии или во нивната сфера на влијание. Наведеното во голема мера ги отежнува денешните промислувања за изградба на општества кои ќе постигнат егалитарност и одржливост – очигледно тоа мора да го направиме на многу поинакви темели.

Понатаму, стариот диктум вели дека социјализмот не може да успее во една држава. Сириза претставува еден таков пример, но интересен историски пример е и Југославија, кој покажува неможност за трет пат – не можете да направите нешто помеѓу. Оној момент кога во доволна мера ќе се придружите на одреден вид економски текови, политиките кои би требало да бидат прогресивни веќе не донесуваат прогресивни резултати, што укажува дека борбата мора да биде меѓународна. Меѓусебната соработка на општествените движења и иницијативи кои се создаваат во моментов на левицата и зелената левица ми се чини како исклучително важна. Мислам дека можеме многу да научиме од експлицитната компарација на општествениот и политичкиот контекст на јужните и источните периферии на Европската унија. Искуствата на политичката борба на левите движења во Грција, Шпанија и Португалија можат релевантно да го ифнормираат нашето дејствување и заради тоа поврзувањето со тамошните прогресивни актери е подеднакво важно како и соработката помеѓу активистите во Србија, Хрватска, Словенија и пошироко во регионот.

Каква е врската помеѓу изградбата на меѓународната левица и Европската унија? Важно прашање е дали има смисла да се спасува и реформира, како што на пример заговараат членовите на иницијативата ДиЕМ 25, преку политичко дејствување кон седиштето на моќта на денешна Европа. Немам докрај дециден одговор, но сум песимитична. Европската унија ми наликува на структура која до таа мера е закоравена и поставена на спротивни принципи од оние што ни се потребни, што не сум сигурна дали треба да вложуваме енергија во обид за реформирање.

Како во однос на сите овие прашања го толкувате Брегзитот?

Брегзитот предизвика исклучително многу реакции, затоа што претставува траума во интелектуалните и политичките кругови, затоа што претставува многу гласно извикано „не“ за европскиот проект. Објаснувањата кон кои се посегна беа мошне предвидливи: доминираше идејата дека луѓето нешто погрешно сфатиле, односно дека се измамени за да гласаат против сопствениот интерес.

Ќе се послужам со помалку заморна метафора – Зигмунт Бауман изјави дека економската глобализација создава и туристи и скитници. На оние што имаат ресурси, знаење, пари и моќ, економската глобализација им отвора широко поле – можат да работат каде било, да се преселат, да студираат и генерално имаат повеќе опции, па размислуваат на следниот начин: „Зошто сите не можат да видат дека Европската унија ни носи просперитет и благосостојба?“ Меѓутоа, ако се наоѓате во групата на оние кои немаат ресурси, дипломи, корисно знаење, пари, моќ и сè останато – тогаш сте скитник, на располагање на капиталот. Целиот процес не ви носи подобри животни шанси, па и логично е на тоа да му кажете „не“. Тоа не значи дека избрале добро и дека во Обединетото Кралство сега ќе им биде подобро – тоа е некоја друга тема – но на овој проект гласно му порачаа „не“ и мене тоа ми се чини разумно.

Најпосле, се разбира дека сум ожалостена зашто сентиментот кој во основа е насочен против економскиот либерализам е артикулиран во авторитарен, ксенофобен, десничарски проект. Тоа е контингентно, не мораше да биде така – исходот од политичкиот натпревар можеше да биде поинаков. Меѓутоа, се работи за проблем што мораме да го решиме на левицата – како на квалитетен и позитивен начин да го обликуваме ресантиманот кон економскиот либерализам и да го поврземе со прогресивните вредности. Бесот заради последиците од економскиот либерализам во моментов се артикулира во идентитетските платформи на крајната десница: некаде во антиимигрантската политика, некаде во нападите на женските права и сексуалните малцинства, но динамиката е иста. Левицата во Европа мора да го пренасочи тој бес кон еманципациските цели, кон укинување на класните и статусните нееднаквости. Се работи за разбирање на егалитаризмот како тенденција за остварување максимална слобода и почитување на различностите и постигнување еднаквост на можностите за дејствување во заедницата, што е дијаметрално спротивно од либералната карикатура на егалитаризмот која го сведува на праведна распределба за да нè убеди дека за еднаквоста мораме да ја жртвуваме слободата.

Извор: http://slobodnifilozofski.com

ОкоБоли главаВицФото