УНЕСКО го заштити „Диково оро“

16.12.2016 13:14
УНЕСКО го прогласи „Диково оро“ за нематеријално културно наследство

Скопје, 16 декември 2016

Орото што го играа симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната протестна веселба пред седиштето на Државната изборна комисија, УНЕСКО по брза постапка го впиша на листата на заштитено нематеријално културно наследство.

„Диково оро“ е автентичен танц, претежно машки, во кој освен традиционалните ритми на зурлата и тапанот, ненаметливо се инкорпорирани современите неонацистички мотиви, говорот на омраза, клетвите, заканите и дневната политика.

„Сметаме дека станува збор за навистина уникатна културна појава. Според нашите сознанија, ова е прв пример во светот на заштита на демократијата и изборната волја со оро, комбинирано со клетви, закани по живот и националистички и фашистички изјави“, велат од УНЕСКО.

Оттаму додаваат дека интересна специфика е и тоа што на орото задолжително мора да има неколку корумпирани политичари.

Инаку, ова е второ македонско оро кое е заштитено како светско културно наследство од УНЕСКО, по орото „Копачка“.

Ако во „Копачката“ се истакнуваа автентичните народни носии на играорците, заштитен знак на „Диково оро“ се бундите и сендвичите на оние што играат.

Карактеристично за овој традиционален танц е тоа што не може да започне спонтано, без наредба и дозвола од централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Слика: Били Даркарт

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото