1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Загорка Голубовиќ е родена на 8 март 1930 година во Дебрц, општина Владимирци, кај Шабац во Србија. Дипломирала и докторирала на Филозофскиот факултет во Белград. Предавала социологија и антропологија на истиот факултет. Во 1975 година, како припадничка на белградското крило на групата Праксис, била отстранета од наставата заедно со уште седум лица од тој факултет, исто така припадници на групата Праксис (Инѓиќ, Марковиќ, Миќуновиќ, Попов, Стојановиќ, Тадиќ, Животиќ). Од 16 јули 1981 година е вработена во Центарот за филозофија и општествена теорија, најпрвин во состав на Институтот за општествени науки, со посреден пристап до Универзитетот. Работела и на Институтот за филозофија и општествена теорија. По враќањето на Филозофскиот факултет во Белград, повторно предавала социологија и антропологија, но и во многу други високообразовни установи во земјата и странство. Во пензија е од 2001 година, но и понатаму е мошне активна јавно. Се занимава со конкретни (и теренски) истражувања на транзициските последици во Србија, а политички е активна како независна интелектуалка и феминистка.
Професорке Голубовиќ, најпрвин едно филозофско прашање. Дали луѓето можат да живеат без утопии? И, во врска со тоа, дали навистина живееме во пост-идеолошко доба, како што тврдат некои пропагандисти на капитализмот?
Се поставува прашањето дали човечкото битие би можело да живее како машина, без никакви желби за некаква визија за иднината, а тоа е смислата на утопиите, иако многу луѓе живеат без никакви проекции за животот и тоа го заменуваат со „утопијата“ како верување дека ќе дојде нешто подобро самото од себе. Но, што се подразбира под утопија? Ако тоа е илузија или залажување, води кон промашен живот, зашто е бегство од решавање на проблемите во реалноста, апатија и разочарување, губење надеж. Но, ако утопијата се заснова на разбирање на новите можности за алтернативна реалност и барање начини тоа да се достигне во иднина, тогаш човекот го постигнува замислениот живот во остварувањето на своите (и универзалните) потреби: слободата, солидарноста со другите и основните човекови права. Без тоа човекот е растение, со кое управува околната природа, или роб на оние што имаат моќ да управуваат со неговиот живот и општеството.
Бидејќи во филозофијата утопијата не се сфаќа како еднаш достигната крајна цел (како „светла иднина“), туку постојано трагање по новосоздадени можности и во личниот и општествениот живот, таа не може да се дефинира со политичкиот систем на одредено општество, и се сфаќа како постојан тек на нови настани, откритија и можности кои им пружаат поцелосен живот на активниот субјект и општествените организации, како и на целото општество.
Меѓутоа, јас не мислам дека живееме во постидеолошко доба. Се чини дека нашиот живот денес е под поголема принуда на единствената глобализирачка идеологија, отколку во поранешна Југославија.
Колку утопијата и идеалот за човечката еманципација се значајни за практичното политичко дејствување и дали без нив е можно да се замисли една принципиелна реална политика? Да речеме, во вашата последна книга „Моите хоризонти: МИСЛАМ; ДЕЈСТВУВАМ, ПОСТОЈАМ“, зборувате и за мотивите за својот претходен политички ангажман. Значи, врз основа на вашето искуство се стекнува впечаток дека „луѓето во политиката“, во периодот на повоената обнова, не ја перципирале политичката дејност како повик/професија, потреба да се стане функционер, да се управува со луѓето или да се стекне некаков вид привилегија, туку, пред сè, под влијание на тогашниот дух на времето и хуманистичките убедувања, потенцијата да се учествува во менувањето на светот, во служењето за општо добро. Со оглед дека како политички и социјално свесно битие сте биле општествено ангажирани и во периодот на реалсоцијализмот, а секако и денес, ме интересира дали забележувате разлика во таа констелација утопија – еманципација – реалполитика помеѓу овие два различни општествено-историски контексти? И од каква природа е таа разлика?
Ако утопијата е отворен поглед кон иднината на остварливите идеали на човечката еманципација, таа е значително поширока од политичкото дејствување, зашто означува континуирана креација на човечноста – човечките услови за живот и дејствувањето во областа на културата како „втора природа на човекот“ е примарен услов за еманципација, што ја одредува природата на политичкото дејствување. А тоа значи дека политичкото дејствување не е цел самото по себе, па со самото тоа ни посебна сфера на активности на одредени актери како функционерите. Бидејќи политичкото дејствување е практично средство со цел принципиелно да се остваруваат основните човечки потреби, функционерскиот пристап спрема политиката е спротивен на човечката еманципација. Активноста на индивидуите и општествените заедници, чија цел/идеал е ослободување на човечките потенцијали за остварување хумана човечка заедница, не се сведува на посебна политичка активност, туку претставува животна активност која ги мотивира луѓето да се ангажираат за да создадат подобар свет, врз основа на еманципаторските идеали.
Мислам дека повоените генерации, особено младата популација, првенствено се активираа во таа смисла, имајќи надеж во можноста за изградба на општество без антагонизми и омраза, во духот на соработката и рамноправноста. Луѓето тогаш беа поттикнати на активност раководени од идеи кои водат кон постигнување општо добро, а не поединечен интерес, или тенденција за освојување привилегирани позиции и политичка моќ. Тогашниот мој ангажман не го доживував како политички, туку како неопходна општествена активност за изградба на една поправедна и помодерна земја. Денес тоа се третира како „идеализам“ зашто постоечките и новите идеологии, без разлика дали квази/комунизмот или новата владејачка неолиберална идеологија ги девастираа универзалните човечки идеали и вредности како недостижни утопии, воспоставувајќи или едностран колективизам или посесивен индивидуализам.
Денес сè уште е тешко да се ревалоризира вредноста на општочовечката активност каде се здружуваат индивидуалните и социјалните интереси со цел персонална и социјална еманципација. Реалполитиката ја исфрла утопијата како надминат концепт и ги брише сите вредности на таквите насоки, зашто современото потрошувачко општество е насочено кон утилитарни цели и овековечување на капиталистичкото општество по пат на трка за акумулирање што повеќе профит и затворање во рамки на технолошката цивилизација.
Професорот Лино Вељак од Загреб тврди дека несомнено сте водечка социјална научничка, не само во Србија туку и во целиот регион што ја опфаќа поранешна Југославија. Исто така, неспорен факт е дека бевте една од најистакнатите и најангажираните хуманистички интелектуалци во периодот на „златното доба“ на југословенските општествени науки од шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век. Својата храброст и отпорот кон етаблираниот догматски марксизам ги плативте со исфрлање од Филозофскиот факултет во Белград и одземање на пасошот по налог на врвот на тогашната власт. Сепак, и покрај сите ограничувања, тогашната генерација југословенски филозофи, социолози, психолози и антрополози создаваа трудови на кои и ширум светот им беше признаена теоретската вредност и го претставуваат врвот на европската наука. Списанието Праксис и „Корчуланската летна школа“ предизвикаа голем научен интерес за најеминентните интелектуалци од тоа време (Ернст Блох, Херберт Маркузе, Анри Лефевр, Ерих Фром, Јирген Хабермас, Лусиен Голдман, Лешек Колаковски, Карел Косик и други.), а нашите професори, вклучувајќи ве и вас, беа визитинг предавачи на најпрестижните европски и светски универзитети. Како го објаснувате овој факт? И дали можете да направите споредба со денешната состојба во општествените науки и релевантноста што социолозите и останатите научни дејци ја имаат во постјугословенскиот период и надвор од локалните рамки?
Релативно слободната научна и културна активност во поранешна Југославија беше важен елемент за разликата во однос на другите „реалсоцијалистички“ земји. Но, треба да се истакне дека таквите активности се спроведуваа преку културните и општествените организации, а не преку политичките и партиските активности, зашто имаа критички пристап спрема естаблишментот и со нив теоретските анализи се поврзуваа со отпорот кон структурите на моќта. На таквите собири често доаѓаа и извесни просветителски ориентирани интелектуалци од светот. А најширок контакт со нив се воспоставуваше на десетгодишните сесии на „Корчуланската летна школа“ и во списанието Праксис. Во тоа време југословенската филозофија и социологијата беа мошне познати и ценети на меѓународните трибини, а имавме и свои претставници во светските органи на тие дисциплини. Списанието Праксис беше мошне познато на Запад, а во земјите на реалсоцијализмот делуваше инспиративно, иако поседувањето на списанието во тие земји и се казнуваше. На пример, во Шведска и работниците го знаеја Праксис и кога престојував таму како визитинг професор, ме повикуваа на разговори за работата на списанието и интелектуалците околу него. Во поранешна Југославија групи интелектуалци, често заедно со работниците, не беа „послушна војска“ на политичките моќници и се бореа за автономија на своето дејствување и ја освојуваа слободата и по цена на ризик, не чекајќи некој да им ја одобри. Но, познати се и случаите на авторитарни забрани во областите на културата (како и дејствувањето на самоцензурата во медиумите и некои издавачки претпријатија), иако и под такви услови и „Корчуланската летна школа“ и списанието Праксис сепак опстанаа десет години, за пред светската јавност да се утврди мислата за десталинизација на Југославија. Меѓутоа, може да се каже дека државното комунистичко водство, со помош на одреден број интелектуалци, сепак не успеа да биде одлучувачки арбитар на полето на културното творештво. Денес ситуацијата е мошне изменета кога е во прашање улогата на интелектуалците, зашто повеќето се вклучени во структурите на власта и не ги интересираат слободарските организации и организациите на отпорот реформиран од авторитарниот режим, под влијание на владејачката неолиберална идеологија.
Во книгата „Мислењето како диверзија“, која неодамна излезе од печат во Белград, вашиот колега Божидар Јаксиќ мошне документирано докажува дека Праксис никогаш не претставувал некаква теоретски кохерентна целина, односно заедница на истомисленици, па дека и ангажманот на највлијателните претставници на оваа група ни според интензитетот, ни според квалитетот, а особено не според ориентацијата не бил единствен. Меѓутоа, и покрај сите разлики, пројугословенскиот и антинационалистичкиот карактер на групата едноставно никој не можел, ниту може да го доведе во прашање. Дотолку е необјаснив фактот на подоцнежното вулгарно конвертитство на некои од најистакнатите претставници на таканаречената „пракис филозофија“. Михајло Марковиќ така стана идеолог на Социјалистичката партија на Србија (периодот на владеењето на оваа партија тој дури го нарекува „златен период на социјализмот во Србија“), а Љубомир Тадиќ и, подоцна, Светозар Стојановиќ, тенори на српскиот национализам. Да не ги споменуваме останатите. Во новиот Пламен бр. 16, во својот авторски текст, Предраг Матвеевиќ ве наведува како една од ретките светли точки од белградските групи, чесна и честита личност и најдоследен критичар на сталинизмот од секаков вид. Се разбира, вие велите дека саморефлексијата е еден од клучните принципи по кои сте се раководеле во животот. И вашето мислење за бројни прашања еволуирало во последниот половина век, па и по падот на социјализмот како реален општествен систем. Професорот од Филозофскиот факултет Владимир Илиќ, кој темелно го истражуваше феноменот на еволуцијата на односот кон социјализмот во книгата Формите на критиката на социјализмот, вели дека во вашиот случај не може да се зборува за „конвертитство“ туку за „промена на позицијата“ кон социјалдемократијата, зашто уште од 1982 година остро судевте за социјализмот како систем, но дека во своите ставови и понатаму инкорпорирате одредени марксистички позиции. Дали се сложувате со оваа оценка? Исто така, како го толкувате фактот што некои ваши колеги толку лесно се одрекоа од марксизмот, иако пред тоа напишаа томови и томови марксистичка литература? Еден од најголемите живи интелектуалци денес, Едгар Морин, во книгата на француски од 2010 година, Pour et contra Marx тврди дека не постои марксизам, туку марксизми. Колку е тој во право и дали марксизмот, или барем некои од марксизмите во клучот на Морин, и денес е актуелен и неизбежен за разбирање и објаснување на општествената реалност на споменатиот капитализам?
Секогаш зборував и пишував дека Праксис и „Корчуланската летна школа“ не беа заедници на истомисленици, туку средби на кои се поттикнуваше слободната размена на мислења и тоа беше драгоцено искуство и за Југославија и за Европа, како и драгоцен поттик и за попродуктивен пристап во однос на марксизмот. Затоа, на Корчуланската летна школа доаѓаа и Лефевр, Фром, Хабермас, Колаковски, Голдман, Косик, но и Акселос, Финк, Такер, и други филозофи од Западот, без разлика дали со марксистичка или друга филозофска ориентација. Тоа докажува дека школата беше отворена за различни филозофски пристапи и дека во таквите контакти секој учесник можеше да ги проширува своите видици, со задоволство очекувајќи го следното заседание. Денес во Србија сосема се потценети филозофијата, социологијата и социокултурната антропологија и останаа само мал број ентузијасти интелектуалци кои настојуваат да го реафирмираат значењето на овие дисциплини за модерниот демократски развој, спротивно на владејачката неолиберална идеологија. Таканаречената „група осум професори“ од Филозофскиот факултет во Белград не беше исфрлена првенствено заради разобличување на догматскиот марксизам, туку затоа што ја осовременуваше наставата воведувајќи ги таканаречените „западни науки“: социологијата, социокултурната антропологија (додека на другите факултети се проучуваше марксизмот како предмет) и изучувањето релевантна „западна литература“, на тој начин поттикнувајќи го критичкиот начин на размислување кај студентите (што беше оценето како „расипување на лојалната младина“). А определбата за отпор кон авторитарниот режим, кој се нарекуваше „комунистички“ сигурно беше основниот фитил што ја запали кампањата против интелектуалците и професорите со таква ориентација. Додека насилното прекинување на студентското движење од 1968 година ја откриваше суштината на тој режим. Меѓутоа, денес повеќето интелектуалци станаа дел од естаблишментот, или се претворија во успешни бизнисмени, гласно пропагирајќи ги идеите на неолибералната идеологија, одобрувајќи го уништувањето на работништвото и сè поголемиот приватносопственички егоизам како „насоки за просперитет“. Не знам дали „конвертитството“ е вистинскиот израз за денешното однесување на некои од моите колеги (од „групата 8“) и другите довчерашни „отпораши“. Или, пред сè, се работи за некои случаи на враќање на старата идеолошка концепција (што според моето мислење е случај со Михаил Марковиќ, кој беше и остана „ортодоксен марксист“), или под влијание на приватните интереси за прифаќање извесни идеи на денешната нова владејачка идеологија. Но, неговиот случај не е идентичен со „пресвртите“ на Љуба Тадиќ и Свето Стојановиќ, каде одредени лични причини имале поголемо влијание, иако Тадиќ напиша значајни студии за критиката на современото општество, вклучувајќи го и „реалсоцијализмот“ (од кои не се одрече и неговиот „национализам“ повеќе беше краткотрајно интимно определување). А, повеќето интелектуалци, кои беа „комунисти“ служејќи му на тогашниот господар, природно се определија за новите господари, исто така од интерес и заземање високи позиции (на пример, Вук Драшковиќ). Ако се истакнуваат поединците од групата „Праксис“ кои останаа доследни, тука од Белград секако спаѓа Небојша Попов, кој и денес е најактивниот борец против неправдата во име на афирмацијата на слободата за сите граѓани и за социјална еднаквост, особено активно помагајќи во борбата на работниците за одбрана на нивните права. Јас и денес го преиспитувам сопственото гледиште, но не во смисла на „менување на позицијата“, зашто моето определување и понатаму е социјалистичко-хуманистичко, но дополнето со многу идеи од Маркузе, Фром, Блох, Хабермас, а особено од Корнелиус Касториадис, но и со значајните идеи на раниот либерализам. Но, не би се нарекла следбеник на социјалдемократијата, која повеќе или помалку е недоследно демократска и хуманистичка, но исто така поттикнува на размислување и преиспитување. Не се одреков од марксизмот, но темелно го преиспитував, особено во поглед на местото кое му дава значење на личноста (што вообичаено потполно се занемарува) во процесот на хуманизација на светот и критиката на идејата за комунизмот како завршеток на историјата (што може да се најде барем во обележјата на Grundrisse на Маркс). Но, покрај модерните либерали (како Исаија Берлин, но и Роулс), а исто така и персоналистите (особено Е. Муние) ја зацврстија мојата хуманистичка позиција (за тоа опширно пишував во својата книга „Моите хоризонти“).
Борбата за заедничка држава на сите независни балкански народи е една од историските константи во дејствувањето на прогресивната интелигенција и левичарските движења во овој дел од светот. Многумина ги дадоа и животите за да ја операционализираат оваа повеќевековна идеја. Дали по крвавиот распад на СФР Југославија концептот за заедничка држава на Словените дефинитивно го доживеа својот историски колапс и неславен крај, како што тврдат некои, и каков е, земајќи го предвид вашето животно искуство, но и богатата истражувачка работа, вашиот однос спрема поранешната држава? Дали од една страна тоа беше одржлива идеја (денес преовладува стравот дека Југославија беше вештачка творба, а меѓуетничкиот склад само привид) и кои според вашето мислење, од друга страна, би биле најпожелните конкретни облици за обединување на граѓанките и граѓаните, односно постјугословенските држави во времето пред нас, па и во контекст на интегрирањето во Европската Унија? Имено, неодамна социологот Растко Мочник во Белград изјави дека, на пример, сите релевантни податоци покажуваат дека Словенија полека станува „внатрешна колонија“ на ЕУ, пред сè на Германија, а терминот „југосфера“, кој Тим Џуда, новинарот на британскиот Економист, го скова пред четири години, станува сè поприфатлив, па и во нашите „антијугословенски кругови. Значи, нештата се поместуваат, дури и во споредба со периодот од пред само неколку години.
Не знам дали е остварлива нова заедница како балканска држава, но ни еднострана држава по етничка линија, па ни како словенска заедничка држава. Мислам дека би било пожелно здружување на државите на граѓанска основа, држави кои се сродни на овие простори според прифатените етички принципи и заедничките цели одредени според нив, со структура која претпоставува модерно демократско општество. На таа основа пошироките здружени заедници би можеле полесно да му се спротивстават на неоколонијализмот и повторното будење на авторитаризмот во големите држави, кои и понатаму ја наметнуваат својата моќ над малите држави, особено ако не се обединети со заеднички принципи и цели. Ја поддржувам Европската Унија само во оваа смисла. Кога станува збор за поранешна Југославија, многу жалам што се распадна, зашто мислам дека тогаш имавме поголеми потенцијали во движењето кон демократската транзиција, отколку денес, и покрај таканаречениот „умерен авторитаризам“, кој сега е посоголен. Во својата книга „Моите хоризонти“ пишувам дека тоа беше контроверзно општество, но дека токму тие контроверзи пружаа можност да се дише послободно и општеството имаше волја и храброст и да ја земе слободата. Тоа го докажуваат резултатите кои во тогашно време се изразуваа и во добрата литература и во другите области од културата, во општествените науки, како и во поголемото почитување на етичките принципи во општествените заедници. А, тоа го потврдува угледот што Југославија тогаш го имаше во светот.
(продолжува)
Извор: www.noviplamen.org