Од сите празници, го најдовте Нова година за штедење?!

22.12.2016 01:00
Од сите празници, го најдовте Нова година за штедење?!

Каков грозен популизам е ова со новогодинешните прослави, какво мочуриште на фрази, „гилтирање“ и осуди...

Како прво, да пренаменуваш пари наменети за култура во социјала и здравство е неприфатливо без добра причина. Не е дека болните деца не се добра причина, туку дека нивното постоење го имало и ќе го има. Во моментов не сме погодени од некаква елементарна непогода или некоја епидемија, па да мораме парите од културата да ги пренаменуваме во здравство. Здравјето е секогаш поважно од културата, кого и да прашаш, па секоја година може со истите аргументи да се бара да не се прославува Нова година.

Како второ, ние како општество веќе сме ги платиле третманите на сите луѓе со тешки болести преку нашите плати, даноци и други давачки. Затоа ги плаќаме даноците - за да имаме пари примарно за здравство, но и за култура. За секој од нас да го добие најдобриот можен третман кај нас, а ако нема таков, да го добие во странство на заеднички трошок. Ако нема пари за некои деца да се лечат, треба да се посочи прстот кон министерството/фондот, а не да се бара некој друг (уметниците и публиката) да го надоместат она што некој го покрал.

Како трето, градските прослави на нова година не се панаѓури. Нашите градоначалници со нивниот „изострен“ вкус за музика ги претворија во вашари, но Нова година е еден од ретките празници што ги спојува луѓето од различни социјални групи. Празникот Нова година не е обременет со религија, со националност, идеологија и е веројатно единствениот во нашиот календар што го прославуваат СИТЕ. Од друга страна, има луѓе што сакаат да си го слават на улица, за мене сосема разбирливо, заради немање пари, пријатели, простор...

Четврто, ако веќе сакате да земате пари од културата и да ги пренаменувате во здравство, кажете му на Коце да престане да крева споменици, зашто немаат никаква културна вредност, а и никој не ги сака. Или кажете му на Жерновски да не дава 700.000 евра за боемизирање на Дебар Маало! И двата проекти се исклучиви. Спомениците на Коце се креваат за да ги сакаат вмровците, а боемската улица - за да се радуваат средовечните мажиња како Андреј Жерновски.

Петто, одете речете им на градоначалниците да ги изгасат сите светлечки крстови, да ги стопат нивните метални конструкции, да почнат да наплаќаат даноци од верските заедници, да не донираат бикови за велигден итн. Од сите празници, го најдовте Нова година за штедење!

Стварно не знам што ви е на сите. Како можете да паднете на ваков прост популизам кој им помага на вмровците да бидат изземени од одговорноста за уништеното здравство? Сега овој велешкиот градоначалник ќе добива аплаузи за неговиот хуманизам, а пред само една недела стоеше на бина заедно со одговорните за смртта на малата велешанка Тамара. Ќе му кажете „браво“ сега?

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња