Парадокс

31.08.2018 02:09
Парадокс

Најголемиот парадокс во негувањето на македонската култура на молкот е фактот дека наместо гласот / гласноста на оние кои денес го имаат апсолутното право на јавен говор, ама – за жал – одбрале да молчат, нивното место го заземаат оние кои по сите морални стандарди би морале да (за)молчат. Еднаш и засекогаш. Би морале да замолчат зашто токму нивниот говор и во блиското минато, а кај некои и особено нивното секојдневно чинење во спрега со и за сметка на злосторничкото здружение, но и своја лична, ја доведе македонската држава – особено македонската култура и уметност – на денешново рамниште на непрепознатлива збирштина на неуки, нестручни, непрофесионални и во крајна линија, криминални практики и „идеи“, на која што не може да ѝ помогне ни некој алхемиски камен на мудроста.

Некој ќе рече, и ќе биде во право, за жал, дека таквиот парадокс е не само наша сегашност туку и наше минато, нешто на што одамна сме свикнале. Не знам, можеби, но мислам дека порано, дури и во „проколнатиот“ социо-комунизам, правото на критички збор беше некаков достигнат апсолут во кој што дури и најдрските „комуњари“ веќе не смееа да чепнат. Не сакам да мешам други персони и ситуации, ама можам лично да сведочам дека во изминатите четириесетина години на континуирана активна работа на полето на критиката на уметноста и културата – некаде до 2006 година и доаѓањето на власт на криминалното здружение преоблечено во парталите на „најпатриотската“ политичка партија – речиси и да не паметам дека сум имал проблем со напишан и објавен збор во некој од македонските печатени и електронски медиуми.

Дури и во време кога сум бил званичен „функционер“ во Министерството за култура, на пример, но сум имал спротивно мислење од тогашниот министер (во случајот Унковски) апропо „вредностите“ на Законот за културата, и тоа мислење јавно и континуирано, со месеци и во продолженија, го искажував на страниците на тогашна „Нова Македонија“. И за тоа, секако, сум му благодарен и на Унко (впрочем, мислам дека тој монструм закон му беше комплетно наметнат од тогашни недоветни партиски структури) и на (тогашна) „Нова Македонија“ (Потенцирам: тогашна, зашто она што денес го читаме на нејзините страници е чист резил за традицијата и реномето на весникот, а за што ќе пишувам подолу!).

Но затоа, од 2006 година наваму, во неколку наврати ми беше отворено посочено во неколку весници и месечници – да не ги спомнувам електронските „медиуми“ – дека моите текстови / прилози се непожелни, дури и од (денес) многу „демократски“ настроени (тогашни) уредници а сегашни новинари, дури и во „гласила“ во сопственост на, демек, (повторно) демократски ориентирани сопственици. И на тие простаци им ја видовме демократичноста, соголена до коска. Но и простотијата, иако некои од нив, велат, ќе се кандидирале за претседател на државата (sic!).

Денес? Денес со медиумите – весници, портали, телевизии (чест на исклучоците) – владеат полуписмени профитери, шушумиги и шмизли кои не се способни ни чевлите да си ги врзат, ама затоа на екраните и страниците, и зад нив, се „неприкосновени“ во дилетантството, незнаењето, навредувањето, во водењето на некои нивни селски „политики“… а сето тоа под заштита на нивните по правило празноглави главни уредници, за кои ни Господ не знае за чии интереси работат.

Или, на пример, кој имаше полза, или интерес, особено од електронските медиуми, секојдневно да ни го сервира оној стуткан ко армоника ама арогантен дилетант Божиновски, за чија (политичка) припадност и послушност – а ние као не знаевме, нели? – деновиве разбравме од „бомбите“ во македонските судови? И сите паднавме во несвест, нели, па како је то могуќе? Или и зад таа игра имаше и други, подлабоки игрички, или игришта?

И уште, како е можно онаа „Нова Македонија“ и понатаму да објавува „длабоки мисли“ на библиотекарон-академик, оној истиот што нѐ „закрпи“ со толку милиони евра по подрумите на македонските културни институции, а сега нѐ плаши со не знам какви црнила што ќе се случувале со земјава само затоа што неговото злосторничко здружение не е повеќе на власт, а некои богами ќе мораат и да одлежат? Па како тоа никој во оваа држава и во таа „Нова Македонија“ да не се запраша каде беше тоа човече до вчера, каде кмишеше како безгласна буква и што правеше додека не се појавија ова криминалциве да го сместат во ману (малите букви се израз на моралноста и кредибилитетот на таа „институција“!)?

Па и други примероци во тоа дувло, меѓу кои и една некогашна претседателка на општинска конференција на социјалистичка младина (sic!), која исто така милува да морализира за денешните демократски вредности? А можеби таму ќе ја приберат – колку за да бидат покомплетни – и онаа „професоркана“, која пак многу милуваше да ни биде претседателка, а сега живи жаби блуе по сѐ и сешто што барем малку заличува на нормалност во оваа држава?

И не се само тие, за жал. Да беа, белки некако ќе се справевме со нив. Ама многу се, и веќе не знаеме во чија полза, а за чија штета работат. Односно – знаеме, само, демек, се правиме мутави. Ама тие не се. Мутави. Тие се безобразни, бесчувствителни, аморални човечиња кои точно ја прочитале климава на молк и ја користат до сто-и-едно, и назад. Ене, велат, и онаа бившана „министерка“ – не пуфлата, таа не знае главата кај ѝ е – онаа која со еден гнасен приватник од Белград трампеше бисери од збирката на Националната галерија за некакви крајно сомнителни „дела“ од Мартиноски и едикоиси, е и таа искажувала „мислење“ – види мајката! – за работната група која предложи целосна преработка на Музејот на хоророт. Пази богати, со што ли пак таа „мисли“, да ми е да знам?

Оттука и парадоксот: наместо македонското општество по победата на демократската идеја (и) медиумски да заздравува, ние и понатаму тонеме. Наместо на страниците на весниците и порталите (чест на исклучоците) и на „малите екрани“ да читаме и гледаме критичка мисла и јавно соголување на македонската катастрофа наназад една деценија, ние и понатаму ги гледаме, слушаме и читаме истите партиски паразити, истите секогаш гладни профитери и нивните мрачни сценарија.

Ама, велат, и тоа е закон на физиката: празниот простор некој/нешто ќе го пополни!

Извор:  teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

ОкоБоли главаВицФото