Живо(с)т или како понатаму со културата?

17.01.2019 02:16
Живо(с)т или како понатаму со културата?

Насловот слободно можеше да биде и: кому навистина му пречи македонската култура? Ама, ќе беше претенциозен, нели, а тоа сега не ни е потребно. А и одговорот е, мислам, познат. Нејсе.

Во контекстот на мојата подготвеност да му изразам благодарност на Министерството за култура и на министерот, не знам како подобро би го направил тоа освен со една серија текстови како потсетување на она „шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред“. Уште денес, утре е веќе доцна. А белки тоа ќе го прочитаат и оние „културни“ сиви еминенции од секаква (во случајов властодржечка!) провениенција кои се шлепаат на културата во секое време и/или невреме, оние кои добро беа ухлебени и во времето на злосторничконо здружение, а денес глумат реформатори и културна елита!

Нејсе, не знам каков општ впечаток имаат (условно) неутралните посматрачи, дури и „партиципиенти“ – овде главно мислам на т.н. публика – за „живоста“ на македонската култура зашто тие, сепак, на извесен начин, би биле / се еден прилично меродавен „судија“ во проценките од ваков тип. Иако не се најважниот, се разбира, но и тука има различни (стручни) мислења. Но, овде, под „живост“ не мислам само на присутноста односно на зачестеноста на културните настани во средината, туку и на нивниот квалитет, современост, опфат, достапност / инклузивност, јавност итн. Сите овие поединечни аспекти, и уште многу други, би го сочинувале квалификативот „живост“ на една култура односно она што јас (овде) го подразбирам под тој поим.

Се разбира, не е лесно сето тоа да се збие во неколку реда текст, а и немам таква намера. Но, првиот впечаток што го има поединец, не само јас, во Скопје, на пример, како центар на културниот „живот“ во државата, е прилично обесхрабрувачки, да не речам поразителен. Иако, не може да се одрече дека речиси секој ден има по некој „културен“ настан. Некогаш и повеќе од еден, ама постојано како нешто да недостасува. Како да недостасува некаква дополнителна енергија, некаква гласност, споделување … живост!

Ние, всушност, некако и свикнавме на сивилото – да, не се малку дванаесет години шундовизија! – дури и во културата, па можеби така ги гледаме и настаните кои што самите по себе не се такви односно заслужуваат поголемо внимание. Ама вистинската димензија за живоста на една култура се гледа не само во податокот дека нешто се случило / одржало, и тоа онака, колку да се помине редот, односно Министерството да прибележи дека парите дадени за некој „проект“ се наменски потрошени, туку и во квалитетот на проектот – изложба, претстава, книга, концерт итн. – па неговата посетеност, одзивите во јавноста (медиумите) и слично.

Ние, за жал, оперираме само со бројки: на пример, финансирани се толку и толку проекти во текот на годината, потрошени се толку и толку пари (овде, се разбира, импровизирам, зашто никој де факто не спомнува дека тоа се нечии односно наши пари, од даночните обврзници!), сосема ретко се нотира посетеноста на настанот (повторно: изложба, претстава, филм, концерт итн.), или бројот на купени книги и др. Тие и такви податоци за нас се небитни! Но, ајде, да речеме, дека се и навистина небитни, иако во суштина не е баш така, некогаш се и најбитни, но што навистина останува како податок за нивната битност, за нивната суштина, за нивниот квалитет? Ништо, бидејќи во Македонија одамна веќе не постои уметничка критика (театарска, ликовна, литературна, музичка, филмска тук-таму, што е за почит …), електронските медиуми наречени телевизија целосно ја игнорираат културата како и да не постои – а можеби и со право, уметниците (од сите профили) веќе одамна не одат на изложбите, претставите, концертите на нивните колеги.

Една општа темна страна на културата каква што одамна не сме виделе! Веќе е и заморно да ја гледаме културата како бројка, само како статистички показател (иако и тој најчесто погрешен!), како алиби за потрошените пари – за Министерството, за институциите, за државата! Спласна почетниот елан, возбудата дека нештата ќе се придвижат енергично, стручно, професионално – напред. Нè убива инерцијата, и тоа онаа најлошата, од вмронско-шарлатански тип, која како да ни се враќа како бумеранг. А зошто и да не, ако немаме подобра понуда? Ако пак имаме, треба да ја покажеме. Ова секако не е тоа! Се сеќавате на атмосферата, на „живоста“, на животноста пред само две години, на оние „перформанси“ контра режимот во Театарот „Комедија“, на „ајкулите“ во Вардар итн? Апропо, не мислам дека последново „бојадисување“ на Министерството е на нивото на оние што ги спомнувам. Повеќе личи на молерофарбарска задруга. А името „Млади Македонци“, нешто како оној конкурс ноншалантно наречен „Млади Европејци“? Ма дајте, ве молам.

Културната понуда во изминатата година како одвај да чекаше да се врати во повеќегодишното клише, во деценискиот стереотип наметнат од минатиот режим и по инерција се влече и понатаму. (Ха, да се врати, па тие и не сакаа да излезат од клишето, човек со клешти требаше да ги извлекува!). Клишето делумно е неизбежно во одделни сегменти на културата, особено во делот на „традиционалната култура“ наречен заштита на културното наследство (археологија, конзервација, музеи, библиотеки …) зашто тоа, условно речено, е и еден од темелите на нивната работа. Но матриците, особено лошите, се убиствени за оние таканаречени креативни дејности – театарот, визуелните уметности, музиката, литературата, филмот … итн.

Можеби е на место прашањето: заморена ли е македонската култура? И од што? Од старите навики и отсуството на нови импулси? Од незавршената смена на генерациите? Од лошите матрици и наметнатите стереотипи? Од разочарувањето во политикантските калкулации и во културата? Од незапочнатите реформи? Или се собрало од сè по малку, а нема иницијална сила што би нè придвижила напред, барем малку понапред од оние црни дванаесет години, па и оние пред нив? А Министерството, ќе го враќаме ли во 19-от век?

Толку ли бргу се заборавија предизборните ветувања? Толку ли брзаа сивите еминенции да седнат во фотелјите и да игнорираат што се очекуваше / бараше од нив? Кога би биле параноични би рекле дека некој смислил пеколен план контра македонската култура, ама сигурни ли сме дека навистина не знаеме кои се, и каде живуркаат тие некои?

Слики: Nate Kitch

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

ОкоБоли главаВицФото