Циркус

25.02.2019 12:22
Циркус

И повторно: овој цуркус воден особено од сега новоосвестени „демократки“ кои врескаат за некакви критериуми и стандарди при распределбата на средствата во културата не може да штети, ама е, најблаго речено, смешен. Ама ако некој решил да се прави палјачо, тоа е негов проблем. Но не знам зошто треба и други да ја прифаќаат таа улога. Зарем не ни беше доволно што таквите, во времето на режимот, беа тотално глуви за сите демократски барања, за нив тогаш не требаа критериуми и стандарди туку доаѓаа во Министерството со вреќите, ги товареа на магаренцето и си одеа дома. А ние кои и тогаш баравме стандарди и критериуми за поправична распределба на културниот буџет бевме целосно игнорирани, како да не постоиме, како да немаме право на глас – а де факто и немавме – како да сме нивни измеќари должни само да си го платиме данокот за да за нив има повеќе. Не знам само како магаренцата не им цркнаа покрај толкав товар што го разнесуваа секоја божја година!? И сега, одеднаш, кога некој ќе се дрзне да не им даде толку колку што тие намислиле – а ним, да простите, никогаш не им е доста! – е тогаш настанува проблем во државава, демек отсуствуваат стандарди и критериуми, демек не чини дури ни важечкиот закон (ама им чинеше цели дваесетина година!), а богами не чини ни новиот што е во подготовка па тие се нудат да го средат. Абе што вие ќе средите, гревки, не можете себеси да се средите, не па закон да правите!

Не можам да разберам како, и зошто, се бавиме со секакви „мислења“ што не вредат „ни пишљива боба“. И како, одеднаш, тие и такви „мислења“ имаат влез секаде?! Па нели имавме две јавни расправи по новиот текст на законот за остварување на јавниот интерес во културата, нели речиси година дена текстот на тој закон е видливо „закачен“ на веб страницата на Министерството за култура, нели секој можеше, ако сакаше и умееше, да даде свој придонес преку забелешки, предлози, мислења … Што правеше „стручњачката“ тогаш, а и другите со неа?

Не веруваа дека некој може да ги избрише со гумичка како што тие ги бришеа другите во изминатата деценија? Но, добро, некој решил, заради навистина нејасни причини – ама такви во македонската култура секогаш има – да им посвети должно внимание и сега тие „оп“, а ние – скок? Па да организираме и една дебата апропо „критиките“ на шестокласнион актер, а сега наводно културен вмронски „шеф“ кому исто така нешто му пречи? И како тоа замислуваат луѓево баш сега да го менуваат постојниот закон кога претстојат избори за претседател на државава? Или за нив тоа нема значење, они едноставно – сакаат. Е па ајде да видиме како ли ќе им удоволат и на тој ќеф!? Ама мислам дека никој всушност не разбира што тие сакаат. Тие, имено, сакаат во стариот или новиот закон, сеедно, да стои нивното име и презиме, по можност и на нивните „фирми“, со клаузула дека тие мораат, во секаква политичка и/или финансиска констелација, да добиваат пари на годишниот конкурс. Ако пак ги има повеќе во текот на годината, тогаш на секој конкурс одделно. Тие секако – или барем се надевам!? – немаат против и некој друг да добие средства за некој, некаков проект, ама прво тие да си го добијат бараното, а потоа преостанатото нека се дели на другите! Зашто, ако сме циркус, а сме, заштитените бели мечки мора први да го добијат своето. За другите – ќе видиме!

И не е ова никаква пародија на неодамнешните егземпларни случувања во македонската култура околу резултатите на Годишниот кункурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2019 година. Ние, практично, тој циркус го гледаме секоја година, без исклучок. Ги гледаме и горе-долу истите актери односно бели мечки како алтернативно танцуваат на звуците на тешкото или интернационалата, сеедно, како не’ прават луди при здрава памет, како се расфрлаат со туѓи пари небаре ги донеле од дома. Народната вели: секое зло за добро! Да, и во ова зло наречено резултати по Годишниот кункурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2019 година – а ова зло веројатно е најголемото досега, речиси невидено и нечуено до вчера во македонската култура – практично го добивме огледалото на македонската култура денес.

И добро е што го добивме, дури и ако е искривено, дури и ако потсетува на оние циркуски огледала каде еднаш изгледаме дебели, па слаби, високи па ниски, смешни па трагични … Сето тоа сме ние, сето тоа е македонската култура денес, нејзиното олицетворение, и на оние кои ја водат! Циркузантската епизода, дури и со партиципацијата на поединци на кои едноставно не им личи да седат со секакви дилетанти, сепак останува само циркузантска точка во која што театарот се трансформира во уличарски циркус.

Но, време е македонската култура да се подготви на нови предизвици, предизвици кои од неа ќе бараат да си / им ја каже в лице вистината и себеси но и на оние бројни блефери, узурпатори, музатори, шалабајзери, профитери (партиски и „културни“), партиски и етнички клиенти и муватори. Ова веќе е време на признанија, пред себе и пред другите, инаку циркусот само ќе ескалира до невидени размери. А кога велам невидени – така и мислам, иако некои велат дека тие „височини“ веќе ги достигнавме, со тенденција да освојуваме нови! Ќе ескалира дотаму парите да се делат исклучиво по партиски и етнички клуч, а македонската култура да венее до целосна смрт. А таа смрт на културата ќе не’ чини, не скапо, туку – прескапо! Некој можеби е подготвен и тоа да го поднесе, и прифати, па дури и оправда. Можеби ние и треба да имаме само партиска и етничка култура, и онаа циркускана, се разбира, онаа на новопеченана демократка и сличните на неа чии профитерски апетити се бескрајни. И не мислете дека некој сериозно ве става на ум, дека некој навистина мисли на вас. Не, грешите, верувајте, осамени сте, зашто, впрочем, никој и не ве повика за да ги изнесете вашите забелешки или да ве праша за мислење. Ама циркузантиве веднаш влегоа кај министерот, нели?

Слики: Dexter Maurer

Извор: teodosievskiumetnost

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото