Вечниот малограѓанин

29.12.2016 10:25
Вечниот малограѓанин

На Малиот новогодишен саем на книгата во ГЕМ Клуб вечерва (29 декември, среда) во 20 часот ќе одржи промоција на романот „Вечниот малограѓанин“ на Еден фон Хорват, во издание на Темплум.

За книгата ќе разговараат Владимир Милчин и Никола Гелевски, а разговорот ќе го води Александра Бубевска.

Во продолжение, пренесуваме извадок од книгата.

 

 

14.

Кога експресниот воз пристигна во Милано, беше десет минути по полноќ, иако тој според возниот ред требаше да пристигне во Милано дури тринаесет минути по полноќ. „Тоа ти е точност!“ викна Шмиц.

Го одведе Коблер во ресторанот на железничката станица каде сакаа да престојуваат до поаѓањето за Вентимиља (3:29 ч.). Шмиц добро ја познаваше железничката. „Го познавам Милано како Париз“, рече. „Најдобро е да останеме на железничката. Нема смисла да одиме во градот“, продолжи, „бидејќи како прво, надвор е црна темница и нема да видиме апсолутно ништо од Готската миланска катедрала, а, како второ, од архитектонски аспект тука нема ништо посебно, обичен модерен велеград. Ќе имате можност да видите доволно готика!“ – „Готиката не ми значи ништо посебно“, рече Коблер. „И јас повеќе го сакам барокот“, рече Шмиц. „Мене и барокот ништо не ми значи“, рече Коблер. „Да, во споредба со чудата од источна Азија, ние, Европејците, едноставно не можеме да се натпреваруваме!“ рече Шмиц. Коблер не кажа ништо повеќе. „А сега, конечно, затни ја муцката!“ си мислеше.

„Но, сега треба да се напиеме по еден Кјанти!“ викна Шмиц и блесна. „Тоа е виното што е замотано со слама. Или не пиете алкохол?“ – „Од каде Ви е таа идеја?“ одлучно се спротивстави Коблер. „Можам да пијам многу, па дури и да мешам!“ – „Пардон!“ се извини Шмиц и среќно се насмеа.

Шмиц, имено, многу го сакаше виното Кјанти, а и Коблер почувствува многу силна привлечност сега кога го запозна во ресторанот на железничката. Пријатно им се лизгаше низ утробите и набрзо второто шише стоеше пред нив. Притоа, разговараа за Светската војна и општо за војната. Почнаа уште во возот, бидејќи со оглед на тоа што и Шмиц не бил војник, Коблер немаше ништо против да помуабетат за идејата на војната.

Кјантито им ги одврза јазиците и Коблер раскажуваше дека политички отсекогаш бил десноориентиран, меѓутоа, до пучот на Хитлер. Во моментот се наоѓал прилично на средина, иако во суштина не можел да биде пацифист бидејќи неговиот единствен брат загинал на полето на честа.

„Како се викаше брат Ви?“ праша Шмиц.

„Алојз“, рече Коблер.

„Кутриот Алојз“, воздивна Шмиц.

„Да не Ви е лошо?“ праша Коблер.

„Мене секогаш ми е лошо, драг господине“.

Шмиц се насмевна меланхолично и ја испразни чашата. „Па, јас сум половина човек“, продолжи, и стануваше сè посентиментален. „Понекогаш се чувствувам како да ми фали нешто, родниот крај или жена. Медицинскиот советник мисли дека моите депресии се поврзани со лошото варење, но што знаат пак и тие лекарите!“

„Јас, лично, многу ја поддржувам идејата повеќе да нема војни“, одговори Коблер, „но, зарем верувате дека такво нешто може да се оствари?“

„Кутриот Алојз“, мрмореше Шмиц, и одеднаш воздухот стана многу тивок. На Коблер тоа му беше непријатно и се сети дека смртта на херојот своевремено сигурно многу ја погодила мајка му. Таа буквално не можела да поднесе дека сонцето и понатаму свети. „Само да можев да го сонувам“, велела постојано, „за да можам да го видам!“

Веќе го пиеја третото шише Кјанти, но се чинеше дека Шмиц сè уште мисли на депримирачки нешта, бидејќи беше како отсутен. Меѓутоа, одеднаш сe врати и ја прекина непријатната тишина: „Во последно време“, рече, „во нашата литература се занемарува мотивот на смртта, едноставно, сите сакаат да живеат“.

„Воопшто не треба да се занимаваш со такви нешта“, презриво го смири Коблер. Иако како дете со задоволство одеше на гробиштата да го посети татка си, баба му и дедо му или добрата тетка Мари, поради војната сè се промени. „Што било – поминало!“ си рече и се пресели во Минхен.

Во тоа време (1922) во Минхен сè беше наопаку и Коблер си пружи можност да ја искористи политичката ситуација. Немаше ни за јадење, а како дете од средната класа беше убеден симпатизер на десницата и не знаеше што сака левицата – иако длабоко во себе никогаш не стоеше толку десно како неговите нови познајници, бидејќи сепак имаше чувство за тоа што е можно. „На крајот на краиштата, сè е можно“, си велеше.

Еден од неговите нови познајници дури и припаѓаше на еден политички таен сојуз кого своевремено политичката полиција многу го поддржувала, бидејќи тајниот сојуз бил десноориентиран, уште порадикално и од самите нив. Се викаше Волфганг и се заљуби во Коблер, но тој не му дозволуваше да му се приближи. Сепак, Волфганг му нашол работа бидејќи тој не бил само страстен, туку и способен за пожртвувана љубов.

Така Коблер се најде во една националистичка банка, на работ на банкрот, и кога банкарот беше уапсен, Коблер се префрли на дејноста со велосипеди, но не издржа долго и стана патувачки продавач на витембершки крем за кожа и на артикли за шегување. Потоа стана и продавач на поштенски марки од врата на врата и конечно се најде во автомобилската бранша, со посредство на еден друг Волфганг.

Кога денеска се навраќа на тоа време, мора да се напрегне за да може да се сети од што, всушност, живеел. Најчесто едвај се протнуваше низ јамките што ни ги поставува животот. „Мора да имаш добар ангел-чувар“, му рече еднаш една проститутка.

Не сакаше да се присетува многу на минатото, а уште помалку да зборува за него. Имено, често имаше чувство дека мора нешто да прикрива, како да направил некој прекршок – а не направил никаков прекршок што не спаѓа во рамките на актуелниот општествен поредок.

Затоа и сега, пиејќи Кјанти, повеќе сакаше да зборува за иднината. „Светската војна на иднината ќе стане уште погрозоморна“, му објаснуваше на Шмиц, „меѓутоа, не треба да нè чуди што кај нас, во Германија, има луѓе кои повторно сакаат војна. Едноставно, не можат да прифатат дека сме ги загубиле колониите. Еден мој познајник, на пример, во неговиот албум со поштенски марки на некогашните германски колонии им ги исцрта границите со црно. Си ги гледа секој ден, а сите останати колонии, англиските, италијанските, португалските, ги расфрла и тоа за смешни пари. Што се однесува до француските колонии, мислам дека ги запали.“

Шмиц слушаше внимателно.

„Јас, Рудолф Шмиц“, нагласи, „убеден сум дека вие, Германците, ќе си ги добиете сите ваши изгубени области без ниту еден испукан куршум, а и ние, германските Австријци, ќе ви се приклучиме. Ќе кажам само едно: Лигата на народите е исто што и Светата алијанса, Сталин е ист Наполеон!“

„За тоа уште не сум сигурен“, одговори Коблер скептично, бидејќи не знаеше што значи Светата алијанса. „Кој е, пак, Сталин?“ праша.

„Тоа не може да се објасни тукутака“, образложи Шмиц воздржано. „Подобро да се вратиме на темата: јас, Рудолф Шмиц, убеден сум дека помеѓу европските буржоаски велесили нема повеќе да дојде до војна, бидејќи во денешно време е значително поевтино една нација да се експлоатира на мирен трговски начин.“ – „Па, тоа постојано го велам“, кимна Коблер со главата. „Ме радува што го слушам тоа“, весело рече Шмиц и повторно живна: „Помислете само на Америка!

Но, не заборавајте само дека Соединетите Држави на Северна Америка сакаат да ја деградираат Европа во мала колонија, и тоа и ќе им успее ако Европа не најде разбирање, бидејќи Европа веќе е мандатска област!“ – „Но, дали ќе се разбереме?“ праша Коблер и се почувствува надмено. „Е, па, мора да подвлечеме една дебела линија под нашето минато!“ остро одговори Шмиц. „Јас, лично, не би имал ништо против тоа“, го смири Коблер. „Ова царинско и пасошко шиканирање е чисто лудило!“ се жалеше Шмиц. „Гледано од поголема дистанца“, објасни Коблер опуштено, „многу сте во право, меѓутоа, сепак сметам дека ќе биде многу тешко да најдеме разбирање бидејќи никој не верува никому. Секој мисли дека другиот е поголем измамник. Тука особено мислам на Полска.“

„Сте биле во Полска?“

„Не сум бил никаде досега“.

„Но, јас сум бил во Полска и дури и се заљубив во една Полјачка. Знаете, секаде има пристојни луѓе, драг господине! Секој треба да почне енергично да се залага за идејата за разбирање!“ Енергично го испразни остатокот од четвртото шише Кјанти. „Ќе се напиеме уште едно“, реши Коблер, и додека Шмиц со драго срце нарачуваше, го фокусираше погледот на дамата на шанкот. „Значи, ова е Италија“, си помисли, и полека паѓаше во егзибиционистичко расположение. „Кога пијам, можам побистро да мислам“, рече. „Секако!“ си помисли Шмиц. „Кога не пијам ништо, често и мислењето ми задава болка, особено кога се работи за вакви светско-политички проблеми“, продолжи.

Келнерот го донесе петтото шише и Коблер стануваше сè пољубопитен. „Што всушност значи „Пан“? праша. „Во крајна линија, тоа е универзумот“, попуваше Шмиц. „А во случајот на „Паневропа“ тоа значи „Обединети држави на Европа“.“ – „Тоа го знам“, го прекина Коблер. Шмиц удри со тупаницата на масата. „Но, само без Велика Британија, ќе Ве молам!“ се развика и одеднаш мораше да се проѕевне. „Пардон!“ си дојде на себе. „Само што се проѕевнав, но воопшто не сум уморен, тоа се само желудочни гасови, кои кај мене стануваат особено силни кога сум малку пивнат. Апропо: сте слушнале за мојата Новела за војната? За жал, не беше некој паричен успех бидејќи грозоморната реалност на војната ја споив со мојата грозоморна фантазија. Некој вид воена верзија на Едгар Алан По. Дали имево Ви значи нешто?“

„Не“.

„Да, уметноста постепено се губи“, промрмори Шмиц, откачи громогласен прдеж и повторно стана сентиментален. Беше човек со променливо расположение.

„Па, повеќе сакам да читам вистински приказни, отколку измислени“, рече Коблер.

„Помеѓу нас има цела генерација разлика“, кимна Шмиц со главата и татковски се насмевна. „Некогаш воопшто не можам да ја разберам вашата генерација. Додека пак некогаш, вашите тези ми се чинат плитки, оскудни, адионистички во повисока смисла. Во младоста можев да ги изрецитирам напамет половина Фауст и целиот Рембо. Сте слушнале за Пијаниот брод? Извинете ме за момент! Морам малку до надвор!“

И Коблер гледаше како Шмиц, додека излегуваше, ги стега забите и грчевито ги собира тупаниците. Мораше толку да се воздржува за да не се преврти. „И јас сум толку полн?“ се праша загрижено. „Во секој случај е интересен човек.“

И кога интересниот човек повторно се дотетерави до масата, полека дојде времето да тргнат, бидејќи надвор, на пероните, веќе стоеја вагоните за Вентимиља. Двата господина позборуваа уште малку општо за политиката, за уметноста, а Шмиц се жалеше особено за европската расеаност. Но, повеќе не доаѓаше до вистински разговор, бидејќи и двајцата не можеа вистински да се сконцентрираат. Коблер набрзина напиша една картичка за Перцл: „Штотуку поминав покрај Вашата поранешна ветерница во Бреша. Поздрав, Коблер“. Под тоа Шмиц напиша: „Непознатиот, но многу понизен Рудолф Шмиц Ви ја бакнува раката“. Потоа двата господина платија. Беа измамени од келнерот, кој потоа ги поздрави со староримски поздрав.

Шмиц ја крена раката во фашистички поздрав; и Коблер го стори истото. А, исто и дамата од шанкот.

Извор: Еден фон Хорват, Вечниот малограѓанин, Темплум, Скопје, 2016. Слики: George Grosz

Првиот роман на Еден фон Хорват (1901-1938), „Вечниот малограѓанин“, настанал 1930 година. Со него писателот во лице му се насмеал на филистарското општество кое - како што наскоро ќе се покаже - ќе создаде дотогаш невидена и застрашувачка тоталитарна дехуманизираност и институционализиран злочин. „Населението на Германија, но и на сите други европски земи, деведесет процени се состои од веќе готови или од идни малограѓани...“, вели Хорват забележувајќи колку ги има оние кои од неговиот „поучен роман“ нема да научат ништо.

Некои од постојаните мотиви на Хорват се присутни и овде: критиката на малограѓанштината, испитувањето на односот помеѓу поединецот и толпата, реалноста и илузијата, фасцинираноста од филмот, јасниот антифашистички став, чувството на искоренетост и бестатковинство, сопственото тело како единствен дом...

Дел од неговите типични драматуршки елементи исто така се присутни во романов: духовитите јазички игри низ брзите и остри дијалози, апсурдот, повторувањето, тишината...

Во едицијата Магма на издавачката куќа Темплум ова е втор роман на Хорват. Првиот, „Младина без бог“, беше објавен 2003 година, меѓу првите книги во едицијата.