Промоција на романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова

12.12.2018 11:11
Промоција на романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова

На 12 декември во Галеријата при МКЦ, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова.

За книгата ќе зборува Душко Крстевски, а извадоци од романот ќе читаат Ненад Јолдески и авторката.

Од објавувањето, па досега се напишани неколку рецензии за книгата:

Некој бил тука е психолошки убедлив и вознемирувачки длабок роман; го лови моментот кога болката станува лудило и смрт. Обеспокојувачка драма раскажана на зачудувачки поетичен и смирен начин.“ – Никола Гелевски

Некој бил тука е тешка приказна за загубата, за болката, за распаѓањето на едно семејство.(...) Роман кој е толку добро напишан што не треба да се плашите од неговата страшна тема. Во него нема ни ронка сензационализам и маркетиншко калкулантство за освојување што поголем број читатели, нема пози и трендовско атакување на конкретна публика. (...) Некој бил тука е вистинска книжевност. Длабока и суштинска, исповрзана и заокружена на сите нивоа. Со видлива филмска монтажа.“ – Оливера Ќорверзироска

„Релативно едноставниот јазичен израз претставува само игра и привид за лесно влегување во неговиот лавиринт, иако романот и поради привидната леснотија и поради обемот може да се исчита за релативно кратко време. (...) А токму во тоа се крие и клучот на естетското уживање во овој роман: сложените работи да се спакуваат во едноставен дискурс, а реалниот хронотоп да иницира мистерија.“ – Маја Апостолоска

Извадок од романот можете да прочитате тука.