1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Груевизмот ја здроби, како цунами, целокупната културна сцена во Македонија. Корупција е другото име за тоа цунами. Корупцијата и клиентелизмот беа нашите Сцила и Харибда кои ни го парчосаа бродот и нè оставија на даски и стиропор да плутаме меѓу отпадоците. Се разбира, груевизмот го здроби целото општество, сите институции. Културната сфера, нејзината кревка инфраструктура, дури е меѓу помалите жртви; но, индикативна е како пример како корупцијата разјадува, пострашно од какво било планирано уништување.
Прост пример од сферата која најдобро ја познавам, издаваштвото (овојпат нема да зборувам како власта конкретно се обиде да ги уништи највредните едиции на издавачката куќа Темплум, која ја водам; за тоа повеќе овде и овде): ретките добри, одржливи, критички издавачки проекти десет години систематски беа уништувани или игнорирани од власта. А беа поддржувани стотици и илјадници сосема безвредни книги на наполно ирелевантни автори и издавачи. Притоа, неспоредливо најголем дел од парите за издаваштво си ги присвои самата влада организирајќи криминални тендерски испумпувања на десетици милиони евра за сосема безвредни едиции. Резултатот е: сосема уништена издавачка сцена. Нема книжарници, нема пристојни библиотеки, нема вредносни критериуми, принципи, релевантни награди, критика, концепт... Има само најсоголена корупција во функција на апсолутен грабеж и бескрупулозно одржување на власт.
Да не се лажеме: политиката во голема мера токму работи на корупција и клиентелизам. И другите влади од осамостојувањето на државава (па и пред тоа) работеа на сличен принцип. Но, она што фрапира кај ВМРО е тоталноста на корупцијата! Груевистите решија дека веќе дури ни во симболичка смисла не треба да се даваат ни минимални средства на сите оние од кои партијата нема директна и брза полза. Веќе не се одлеваат 10, 20, 30 или 50% од буџетите за култура кон послушните и тие што вршат работа за власта, туку тенденцијата е целиот буџет да стане чекмеџе на Фамилијата, црна каса за подмирување на партиските и семејни клиенти.
Во таа смисла груевизмот е чиста деструкција (за што пишуваме со години). Во голема мера наликува на талибанизмот, но според деструктивните последици ги надминува дури и фундаменталистичките фанатици. Оти уништувањето на културното наследство ‒ еве уште еден пример ‒ не е ревизионизам, не е антикомунизам, не е дури ни национализам ‒ туку е соголен варваризам дабетер и од талибанскиот. Дури и во пошироки светски рамки многу се ретки ваквите примери за истовремено уништување ем на најважното културно наследство ем на најважните културни творци во сегашноста. Иако и антиквизацијата, сама за себе, исклучиво во својот градителско-фасадерски замав, е фарса незабележана во поновата европска историја, уништувањето на клучните дела на македонскиот модернизам, придружено со игноранција и отворено непријателство кон сите што не се согласуваат со партијата и Фамилијата, дефинитивно е пострашно од талибанизмот.
Има ли подобар пример за варварската природа на вмровската власт од уништувањето на едно од најиконичните дела во историјата на македонската архитектура, зградата на владата? Тој злостор ги надминува „талибанските“ варваризми зашто овде уништувањето перверзно се извршува преку камуфлирање и прерушавање (менување на рувото). Во персискиот јазик постои чудесен израз: war nam nihadan, што значи: да убиеш некого, да му го закопаш трупот, а потоа преку него да засадиш цвеќе за да се сокрие гробот. Целиот манијакален „проект“ СК014 е токму тоа: убивање и „асанација“ на теренот со најужасно вештачко цвеќе. Се разбира, кога им дозволивме да го уништуваат божем „комунистичкото културно наследство“, тргна уништувањето и занемарувањето на целокупното културно наследство во Македонија ‒ од Курбиново до музеите.
Не случајно ја споредувам вмровската (или груевистичката) психологија со онаа на талибанците. Токму нивната страсна жестина да го уништат она што не им се допаѓа всушност сведочи дека тие немаат никакви подлабоки убедувања, ни културни ни политички. Колку слаба треба да биде верата на некој муслиман ако се чувствува загрозена од тривијална карикатура? Колку слаба треба да биде верата на некој вмровец ако се чувствува загрозена од фасада на зграда? И каков е тој културен концепт кој ги игнорира најдобрите на сметка на најлошите? Како што вели Жижек, фундаменталистичкиот исламски терор не е втемелен во убедувањето на терористите за сопствената супериорност и во желбата да го сочува сопствениот културен и верски идентитет од нападите на глобалниот консумеризам. Проблемот со вмровците, исто така, не е во тоа што ние нив ги сметаме за инфериорни, туку во тоа што тие самите себе потајум се сметаат за инфериорни. Тој комплекс на пониска вредност просто боде очи кај овдешниот предводник на „преродбениците“, од првата секунда на неговото заземање на „тронот“. И согласно сопствениот комплекс на пониска вредност (па и реалната културна инфериорност застрашувачки еманирана во СК014) се опкружи со исти такви фрустрирани ама бескрајно жедни по власт незнајковци. Затоа, според Жижек, нашите снисходливи политички коректни убедувања дека не се сметаме за супериорни во однос на нив уште повеќе ги разбеснуваат и го хранат нивниот гнев. Проблемот не е во културната разлика, во нивниот напор да создадат некаков макар стиропорски идентитет, туку токму спротивното: тие, вмровците-груевисти, талибанците, заправо веќе ги интернализирале нашите (соросоидни“) ставови и се одредуваат во однос на нив! Парадоксално, она што на таквиот тип фундаменталисти вистински им недостасува токму е дозата на стварно убедување дека тие или нивниот културно-политички концепт се подобри.
А кои се „нашите ставови“ кои фундаменталистите ги „интернализираат“? Во овдешниот контекст, тоа е, од една страна, желбата да се приклучиме кон ЕУ и кон западните цивилизациски вредности; од друга страна е нашата почит кон македонскиот социјалистички модернизам. Токму обидувајќи се да го повторат (низ фарса и деструкција) преродбеничкиот елан на социјалистичките модернизатори, груевистите ја покажаа својата инфериорност, т. е. својата просторно-временска изгубеност. И сега, одново засилувајќи ги притисоците кон сите поинакумислечки, груевистите уште еднаш бедно го воздигнуваат комплексот на пониска вредност како единствено начело на себепрепознавањето (кое се обидуваат да ѝ го наметнат на целата нација ‒ Македонецот како комплекс на пониска вредност по себе).*
Од тие причини ‒ од пусти комплекси, од лудачката желба за апсолутно и сосема неконтролирано грабање и владеење ‒ земјава е разградена како низ неа да поминал тајфун проследен со цунами.
Но, мене тоа ми се чини како одлична шанса за нов почеток. Токму сега, кога целото ѓубре исплива на врвот, се пружа можност за темелно чистење.
Слики: Pawel KUCZYNSKI
*Во 1940 година во статијата објавена во Foreign Affairs, Дороти Томпсон ги разобличила уметничките и интелектуалните комплекси на инфериорност кај нацистичките водачи, а пред сè кај Хитлер: „Колку ли само има незадоволство кај тој човек, кога е толку осетлив и толку суров, толку слаб а толку агресивен. А сите тие ликови околу него - перверти и авантуристи, сите заедно фрустрирани интелектуалци, коишто ниту би можеле да најдат вработување во добри весници, ниту би можеле да постигнат нивните театарски драми да бидат изведени, а нивните книги печатени.“ Во Хитлер таа видела човек којшто после искуството на Првата светска војна, заедничко за огромен број луѓе, побегнал во светот на сништата: „тоа е човек којшто никој не го ’разбрал’, полн со завист, скриена омраза и закочена творечка сила“.