Јас и Али

11.02.2017 13:32
Јас и Али

Во Советот за стратегиски истражувања на улицата „Илинденска“, седнавме на една маса јас, Ѓунер Исмаил, Сашо Орданоски , Бранко Героски, Ермира Мехмети, Агрон Буџаку и Ајник, амбасадорот на САД во Скопје во тоа време, летото 2001.

Темата на состанокот беше: можностите за трансформација на бунтовничките структури на УЧК/ОНА во политичкиот систем на Република Македонија и можностите за медиумска поддршка на една таква преобразба.

Јас бев викнат на таа средба затоа што уште пред тоа ги бев поддржал основните барања на бунтовниците, немав други објаснувања за таа чест. Се сеќавам дека ми се бендиса Ермира, капка девојче, кое во моите очи добиваше на естетиката и, да не речам, еротиката, во политичката димензија во која седеше до мене. Буџаку исто така ми остави силен впечаток со способноста да ги вообличува аргументите на својата страна на разумен, авторитативен и прифатлив начин.

Јас бев за тоа дека треба да се поддржи политичката трансформација на УЧК. Не би сакал да зборувам за поединечните ставови на другите учесници, но општиот став беше дека ќе биде добро ако работите во Македонија се одвиваат во таа насока.

Али Ахмети беше во Шипковица.

Уште пред тоа ние од „Утрински“ го бевме нашле да го прашаме за што се бори. Драган Николиќ го организираше тоа интервју, што го потпиша колешката Ѓорѓевиќ, а јас го пуштив ставајќи си ја главата под гилотината на македонските националисти и не само националисти, обични луѓе кои во тоа време мислеа така како што мислеа.

Во тоа време јас влегов во ризик во каков Али Ахмети денеска не би можел да влезе ако реши не да формира влада со СДСМ, туку да изгради во Шипковица сто и една црква.

„Лилјаковиот поглед на македонската политика“ од 2001 година е насловната статија на мојата прва книга од 2002.

Есејот предизвика големо внимание и мислам дека даде сериозен придонес во санацијата на ситуацијата и во унапредувањето на правата на Албанците и на политичките позиции на ДУИ и на Али Ахмети лично.

Потоа следеше расправата со Миловановиќ и со Груевски околу учеството на ДУИ во владиното мнозинство веќе од 2006 натаму.

Во меѓувреме, јас наебав.

Останав без фирмите, без функциите, без парите, без сè. Ми викаа: ти сакаш Алита да го направиш цар?!

Јас им викав: не, бе, обичен човек!

Ми ја ебаа мајката!

Јас ги немав овие пет-шест опции што денеска ги има Али.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња