„Десоросоизација“ – кој се бори за човековите права?

17.02.2017 01:17
„Десоросоизација“ – кој се бори за човековите права?

Заложбите за заштита на човечките права и демократските стандарди сѐ повеќе се актуелизираат и добиваат значење во глобални рамки. Загриженоста во тој контекст посебно доаѓа до израз имајќи предвид дека Доналд Трамп како во текот на претседателската кампања така и по преземањето на претседателската функција даде низа изјави кои укажуваат дека САД во помал обем ќе ја приоритира натамошната борба за заштита на човековите права. Таквите сигнали предизвикуваат загриженост кај многумина кои се борат против влади кои систематски ги кршат граѓанските права и слободи. Во исто време силите непријателски настроени кон човечките права насетуваат нови можности за уште поинтензивна акција.

Улогата на милијардерот и инвеститор Џорџ Сорос добива посебно место во таа приказна и се нијансира со заострување на реториката преку лансирање нови обвинувања. Неговата дејност се оцрнува дека не претставува ништо друго освен мешање во внатрешните работи на суверени демократски општества и обид да се поништи волјата на народите кои и покрај сите странски пропаганди и манипулации упорно си гласаат за партиите кои ги штитат националните интереси и граѓанското демократско општество. Процесот на „десоросоизација“, кој неодамна го најави ВМРО-ДПМНЕ, несомнено има таква заднина, со цел да претставува „чистилиште“ низ кое треба да се отстранат сите инфекции и зла кои доаѓаат од странски кујни и пропагандни машинерии и го нагризуваат здравото ткиво на македонското општество и неговата демократија. Но, „десоросоизацијата“, која сега зема сè поголем замав во Македонија, сепак не е некаков посебен и оригинален македонски партиско-политички проект кој би можел, онака како што сакаат да го прикажат неговите креатори, да ја легитимира самосвеста за заштита на сопствените национални интереси од заканите зад кои стојат милијардите и лошите намери на Сорос. Истот тој Сорос, кој според листата на американскиот магазин „Бизнис вик“ на богати личности кои донираат најмногу средства во добротворни цели, се наоѓа на трето место со своите 18 милијарди вложени долари – и тоа во добар дел во проекти за демократизација во бившите комунистички источно-европски земји кои добиваат поддршка преку неговата Фондација Отворено општество.

 

А во светлината на изјавите и пораките што во глобалниот простор ги испраќа Трамп, ова прашање добива посебни димнезии. Еден актуелен пример за тоа, кој неодмна доби поширок медиумски публицитет, е изјавата на потпретседателот на унгарската владејачка партија Фидеш, Шилар Немет, кој изјави дека по доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција Унгарија планира да ги забрани и со сите можни средства да ги потисне невладините организации поврзани со познатиот милијардер Сорос. Односно, да го забрза процесот на „десоросоизација“ кој во таа земја веќе подолго време зема сѐ поголем замав.

Во серија репортажи на шведското радио се пренесува вознемиреноста која во Унгарија се зголемува меѓу невладините организации по периодот на вербални напади од страна на државниот врв. Грст богати луѓе, олигарси, се богатат од буџетските средства, истакнуваат повеќемина интервјуирани личности во споменатите радио репортажи. Еден од тие кои посебно многу се богатат е зетот на премиерот Виктор Орбан, тврди Миклош Лигети од унгарското одделение на Транспаренси интеренешанал. Лигети го споменува и примерот на стариот школски другар на Орбан кој само за неколку години од обичен водинсталатер станал еден од најбогатите луѓе во Унгарија. Не случајно во последните години Унгарија падна повеќе места надолу на ранглистите на Транспаренси интернешанал и други меѓународни организации и институти кои ги следат состојбите околу корупцијата во светот. Македонија, патем речено, во однос на споменатите рангирања го следи истиот тренд.

Потпретседателката на унгарскиот Хелсиншки комитет, Марта Пардави, е загрижена поради реториката која доаѓа од круговите блиски до премиерот Орбан, кои во еден дел потсетуваат на ситуацијата во Русија каде што цела низа добро познати организации за заштита на човековите права и борци за демократија и слобода на говор се соочија со големи проблеми откако беа окарактеризирани како „странски агенти“. Но, за разлика од Русија, Унгарија е ЕУ-членка, потенцира Пардави. Што тогаш може да се класифицира како странско финансирање во Унгарија? Дали се тоа пари од различни ЕУ-фондови од кои и самата Влада на Орбан е мошне зависна, или, пак, пари од Обединетите нации? Но она што можеби најмногу ја вознемирува Пардави е дека владината реторика прави унгарските граѓани да не им веруваат на невладините орагнизации кои ги критикуваат состојбите поврзани со корупцијата и злоупотребите на власта во земјата и дека всушност им веруваат на обвиненијата од страна на Владата дека станува збор за невладини организации кои во конспирација со странски центри на моќ работат против интересите на Унгарија.

 

Организациите финансирани од Фондацијата Отворено општество не поминуваат добро и во низа други земји, на пример во Полска, во прибалтичките земји, или во Русија каде што лани во регионот Коми беа изгорени 53 учебници за кои се смета дека не одговарале на руските идеали. Издавач на учебниците беше Фондацијата Отворено општество, која, според рускиот државен обвинител, претставува „закана против основите на рускиот уставен систем и државната безбедност“.

Но околу Џорџ Сорос не е присутна опседнатост само во бившите комунистички земји, туку и во западните високоразвиени демократски општества, иако критиката во тие земји доаѓа од сосема други нивоа. Шведските екстремистички медиуми, на пример, го напаѓаат Сорос како носител на мрачните сили во светот, прикажувајќи го речиси како некој од злосторниците во филмовите со Џејмс Бонд кои се лигават од своите болни амбиции и желби додека стојат и го голтаат со очите глобусот на Земјата. Во споменатите медиуми се опишува планот на Сорос како финансирање на неконтролираниот прилив на имигранти кој треба да ги ослабне западните национални демократии по што ќе се отвори пат тие да бидат преземени од страна на Евреите. Но во истите текстови ништо не се вели за тоа какво задоволство би имал Сорос од опустошувањето на богатите индустриски земји и каде всушност тој потоа би ги вложувал своите пари во нив? Тоа, се чини, би требало да биде сфатено како помалку битно.

Но, сето тоа е и сè помалку наивно. Сега е вистинскиот миг, како што во својот дебатен напис истакнува претседателот на шведскиот Хелсиншки комитет, Роберт Хорд, да се истапи напред и да се преземе поголема одговорност за одбрана на човечките права во глобални рамки.

ЕУ би можела да го направи таквиот исчекор. На повеќе начини, меѓу другото така што силно ќе ги заостри барањата за подобрување на состојбите на подрачјето на човечките права и медиумските слободи во сите договори за соработка со недемократски земји и режими што манифестираат авторитарни тенденции.

Извор: Плусинфо
Слики: Ерик Фан