Полуобесената Мери

08.03.2017 17:28
Полуобесената Мери

(„Полуобесената Мери“ е Мери Вебстер, осомничена за вештерство во 1680-тите години во пуританскикот град Масачусец и обесена на дрво - каде, според едно од неколкуте постоечки сведоштва, била оставена да виси цела ноќ. Забележано е дека кога ја спуштиле таа била сè уште жива, за потоа да живее уште четиринаесет години.)

19. часот

Во воздухот се рашири глас,
барајќи некој врат да падне врз него.
Ја молзев кравата,
Шталската врата беше отворена кон залезот.

Не го сетив нацелениот збор
да влезе како мек куршум.
Не го сетив смачканото месо
да го прекрие како што вода
прекрива фрлен камен.

Ме обесија зашто живеев сама,
зашто имав сини очи и потемнета кожа,
парталави здолништа, неколку петлици,
запуштена градина на мое име,
и сигурен лек против чирови;

Ох, да, и гради,
и една слатка круша скриена во моето тело.
Секогаш кога се говори за демони
овие нешта добро се наоѓаат.

 

20. часот

Јажето им било сплетено набрзина.
Требало навреме да размислуваат за секира.

Ме кренаа како налет на ветер наопаку,
поцрнето јаболко вратено назад на дрво.

Рацете врзани, партал в уста,
се сторив барјак за поздрав на месечината,

стара ковчеста божица, древен оригинал,
што порано барал крв за храна.

Мажите од градот чекорат кон дома,
возбудени од нивниот приказ на омраза,

нивното зло како ракавица превртена наопаку,
што јас ја носам.

21. часот

Женските шапки дојдоа да зјапаат,
како и темните здолништа,
со нагоре извртени лица,
цврсто затворени усти, небаре без усни.
Озгора ги гледам нивните очи
и носници. Им го гледам стравот во нив.

Ти ми беше пријателка, и ти.
Ти го излекував бебето, г-ѓо,
го измолкнав и твоето од тебе,
немажена, живот ти спасив.

Ќе ми помогнете ли? Немате смелост.
Може да се строшам врз вас
како саѓе или лош збор. Птици
од сој поган, горат во ист оган,
иако по правило враните се сами.
На собири како овој
безбедна е само публиката,
преправајќи се дека не го знае танцот,
ќе покаже со прст и тоа е доста.
Разбирам, Не можете да ми пружите
ништо, ни рака, ни корка леб, ни шал
за студот,
ниту еден добар збор. Бог
знае дека немате многу
за раздавање. Сето тоа ви треба.

 

22. часот

Е па Боже, сега кога сум тука,
со време што треба да го минам
без секојдневна работа
и грижа, со раце и нозе, вредни
ко на кокошка,
сега може да го продолжиме спорот
со проблемот на слободната волја.

Дали јас самата избрав да висам
ко пердув од мисирка на ова
толку бездушно дрво?
Ако Природата е Твоја азбука
која буква е ова јаже?

Дали телово во грч молитва изговара?
Ме боли, затоа сум.
Верба, Милост и Надеж
се три мртви ангели
што паѓаат како метеори или
пламнати утки низ
длабокото празно небо на Твоето лице.

24 часот, полноќ

Грлово ми е стегнато со јаже
што ги задушува зборовите во воздух;
Ме сторија јазлест мускул.
Крвта ми брзга во черепот,
стиснатите заби ја држат внатре;
Очајот сал го гризам.

Смртта на рамено ми седи ко врана
што чека издишка на ритмот
од моето срце кога ќе пукне
за очите да може да ми ги колва

или ко судија
што мрмори за курви и казни
и усни си оближува

или ко црн ангел
што опак е во своето сјајно перје
ми шепти смирена да сум
во себеси. Да издишам конечно.
Верувај ми, ми вели,

и ме гали. Зошто се мачиш?

Искушение, да потонам
во вакви заклучоци.
Да станам обратен маченик,
можеби храна, или отпад.

Да се откажам од сè што сум рекла за себеси,
од одречувањата мои.
Знаењето свое да го одречам.
Болката да ја одречам.
Да се предадам.

 

2. часот

Од устата ми гргори, на мало
растојание од мене, тенок звук што глода,
може да се сфати ко молитва освен што
молитва сосила нема.

Или има, Боже?
Можеби пригушена треба да е,
како што порано си мислев. Можеби е
повтеж за воздух, молитва.
Дали луѓето на Богојавление
сакаат пламен да им избие од нивните чела?
Бараат ли да бидат на земја
ничкосани, разџагорени како жртвена живина,
очите ококорени?

Како моиве, како моиве.
Има само една молитва; не е тоа
коленичење во чиста ношница врз плетен ќилим,
Сакам ова, сакам она.
Или повеќе, ако може.
Наречи ја Те молам. Наречи ја Милост.
Наречи ја, Сè уште не, сè уште не,
додека Небесата се закануваат да пукнат
навнатре во оган и распрснато месо, а ангелите грачат.

3. часот

ветрот вие во околните крошни околу
мене дрвјата зрачат ноќ
птици ноќ птици крештат
во ушиве како прободени срца моево срце
пелтечи во развеаново платно
од тело се нишам со сила
што тече вон ветрот вие
телово кине парталави
зборови од мене стискам
тупаници стегам Не
ко амајлија или сребрен диск дробовите
трептат ко да се дават ве барам
за сведоци не сторив
злочин не ќе им кажам на лисјата и на ветрот
се крепам со нив
не се предавам.

 

6. часот

Сонцето изрева, огромно и продорно,
не е веќе еднакво со Бога.
Погрешна адреса. Сум била таму.

Времето е релативно, ви велам
дека проживеав цел милениум.

Би сакала да речам дека побелев
преку ноќ, но не е така.
Срцето ми побеле:
како месо отстојано во вода.

И сега сум десетина сантиметри повисока.
Тоа се случува кога лебдиш во простор
заслушан во евангелијата на свитите ѕвезди.
Забодени точки во бескрајот ми го мачат умот,
откровение на глувоста.

На крајот од моето јаже
сведочам во тишина.
Не велете дека не сум благодарна.

Повеќето имаат само една смрт.
Јас ќе имам две.

8. часот

Кога дојдоа да го ожнеат моето тело
(отвори ја устата, затвори ги очите)
да го пресечат лешот од јажето,
види чудо:
бев сè уште жива.

Немате среќа, народе,
го знам законот:
не може двапати да ме бесите
за исто нешто. Баш убаво.

Паднав врз детелината, ја вдишив,
и им покажав заби на сите
низ валкана насмевка.
Може да си замислите како тоа мина.

Сега треба само
да ги гледам со моиве небесни очи.
Во мене ја гледаат својата злобна желба
што им зјапнала в лице
и им свртела опаш.

Порано не бев вештерка.
Сега сум.

 

Подоцна

Телово од кожа станува восочно и бледо
околу моето вистинско тело,
памучен облак.
Серам по патиштата и полињата
и мрморам како луда,
со уста полна сочни придавки
и црвени бобинки.
Граѓаниве безглаво бегаат во грмушките
за да ми се тргнат од патот.

Првата смрт ми е ореол,
необичен нимбус,
медал за мојата мака.
Тој круг никој не го минува.

Обесена за нешто што
никогаш не сум го рекла,
сега можам да кажам сè што ќе ми текне.

Светост зрачи од моиве валкани прсти,
јадам цвеќиња и лепешки,
два облика од едно исто нешто, јадам глувци
и благодарна сум, богохулие
зрачи и пука како прекрасен меур
кога сум будна.
Зборувам на разни јазици,
публика ми се утките.

Публика ми е Господ,
оти кој ли друг, по ѓаволите, може да ме сфати?
Кој друг бил двапати мртов?

Зборовите зовриваат во мене,
вител по вител во кривулеста можност.
Космосот се одмотува од мојава уста,
сè е цело, сè е празно.



Превод: Зоран Анчевски
Слики: Aleksandra Waliszewska

ОкоБоли главаВицФото