26 жени што ја променија архитектурата (2)

09.03.2017 12:09
26 жени што ја променија архитектурата (2)

Ајлин Греј

 

Инспирирани од изјавата на Заха Хадид, едно од напочитуваните и најпознатите имиња на современата архитектура, дека оваа професија е сè уште во рацете на мажите, списанието „Architizer“, направи список од 26 архитектки кои имале клучно влијание врз тоа што денес значи современата архитектура во светот.

 

 

Ajлин Греј (Eileen Gray)

Пионерка и во својот личен живот, а и во кариерата, Ајлин Греј (1878-1976) е една од најзначајните дизајнерки од Ирска. Таа беше позната по нејзиниот дизајн на мебел, но Греј беше, исто така, архитектка која со години живееше во вилата во јужна Франција, наречена „e.1027“. Дом што го дизајнираше за себе. Познато е дека имотот е вандализиран од страна на Ле Корбизје, но архитектонската икона на минатиот век, Греј и нејзиното креативено наследство – е живо. „За да се создаде, треба сè да се доведе во прашање“, има кажано Греј.


Момојо Каиџима (Momoyo Kaijima)

Основачка и партнерка на архитектонското студио „Atelier Bow-Wow“, Момојо Каиџима е една од малкутемина од елитата архитекти, кои се способни теоретичари дизајнери, како што е таа. Читателите заинтересирани да дознаат повеќе за сензибилитетот на нејзината фирма, треба да го погледнат прирачникот „Made in Tokyo“, за родниот град на Каиџма, кој се фокусира на, како што пишува на „Амазон“: „архитектурата што архитектите би сакале да ја заборават.“

Во овој и во други проекти, Каиџима и нејзиниот тим во „Atelier Bow-Wow“ се неуморни во обидот да разберат како просторите се утилизираат во секојдневниот живот. Всушност, емпириското поаѓалиште на фирмата може да се сумира со личното мото на Каиџима: „Страста без знаење е како коњ без контрола“.


Мерион Махони Грифин (Marion Mahony Griffin)

Постојат пионери и постои Мерион Махони Грифин (1871 – 1961). Таа е една од првите лиценцирани архитектки во светот. Како дел од групата основачи на архитектонскиот стил „Prairie school“, Махони Грифин работела со Френк Лојд Рајт и Волтер Барли Грифин, со кој подоцна се омажила. Заедно со Барли Грифин, таа беше автор на планот за Канбера, главниот град на Австралија. Нацртот за Канбера бил изработен според принципите на стилот „Prairie school“.

 

Џејн Џејкобс (Jane Jacobs)

Ако во некоја библиотека има само една книга за урбанистичко планирање, веројатно е тоа книгата на Џејн Џејкобс од 1961 година, која е класика - „Смртта и животот на големите американски градови“.

Џејкобс го спречи трендот на „урбана обнова“ и беше со став дека треба да се слави функционалноста на населбите на кои им беше дозволено спонтано да се развијат.

„Градовите имаат способност да обезбедат нешто за секого, само затоа што и самите се создавани од сите“, пишува таа. Џејн Џејкобс почина во 2006 година.


Шерон Џонстон (Sharon Johnston)

Најдоброто во читањето блогови за архитектура како овој е да се замислите себеси како живеете во фантастични, непрактични куќи. Шерон Џонстон и нејзината фирма, „Johnston Marklee“, се сосема свесни за овој однос меѓу архитектурата и фантазијата. Но, тие повторно создаваат структури како што е куќата со затворени арки во Oxnard, Калифорнија, згради што се разиграни, елегантни и изгледаат како повеќе да ѝ припаѓаат на иднината отколку на сегашноста.


Маја Лин (Maya Lin)

Маја Лин, архитектка, скулпторка и уметник, чија кариера е обележана со достигнувања во различни области. Сепак, таа е најпозната по проектот што го започна, додека уште беше студент – Меморијалниот споменик на ветераните од Виетнам во Вашингтон. Парцела врамена со ѕид на кој се впишани имињата на сите американски војници што загинале во војната.

Во тоа време, овој споменик предизвика контроверзи заради неговиот минимализам.

Денес, тој се смета за ремек-дело, несентиментален, исклучително јасен начин на оддавање почит на војната што на нацијата ѝ остави длабока и трајна лузна. „Дефиниција за модерен пристап кон војната е да се истакне индивидуално секој изгубен живот“, вели Лин.


Лили Рајх (Lilly Reich)

Лили Рајх (1885-1947) била германска модернистичка дизајнерка, најпозната по нејзината соработка со Мис ван дер Рое. Многу луѓе не знаат дека таа била вистински ко-креатор, а не само соработник во дизајнот на столот „Барселона“, парче мебел што останува симбол на елеганцијата и софистицираноста.

„Повеќе од случајност е дека вклученоста и успехот на изложбите на дизајн на Мис ван дер Рое, започна истовремено со неговиот личен однос со Рајх“, рече Алберт Фајфер, потпретседател на „Knoll“.


Казујо Сеџима (Kazuyo Sejima)

Казујо Сеџима од „SANAA“ е архитектка која разбира колку може да се направи со едноставни геометриски елементи. Пример за тоа е нејзиниот дизајн за „New Museum“ во Њујорк.

Додека нацртот е прилично минималистички - серија наредени коцки, тоа е надоместено со балансот на аранжманот, кој оваа зграда ја направи една од највпечатливите градби на Бовери, во Њујорк.


Анабел Селдорф (Annabelle Selldorf)

Кај Анабел Селдорф сè е во деталите. Пол Голдберг, поранешен критичар за ахитектра на „Њујоркер“, нејзиниот стил го опишува како „...Еден вид нежен модернизам на крајна прецизност, со совршени пропорции“.

Селдорф за својата пракса вели: „Барам одреден вид логика кој ви овозможува да се движите во просторот и да го доживувате како нешто убаво и рационално.“

 

Норма Мерик Скларек (Norma Merrick Sklarek)

Норма Мерик Скларек (1926-2012) беше првата голема афроамериканска архитектка, вистински пионер. Нејзините најпознати проекти ги вклучуваат Терминал еден на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес (LAX) и Центарот за дизајн на Пацификот. Тие откриваат идиосинкретичко чувство за линија и боја. Скларек ги откри предизвиците со кои се соочила влегувајќи во професијата: „Училиштата имаа квота и тоа беше очигледно, квота против жени и квота против црнци. „Во архитектурата, апсолутно не се угледувам на никого. Среќна сум што денес можам да бидам пример за другите.“

Алисон Вилијамс (Allison Williams)

Во текот на нејзината повеќедецениска кариера, Алисон Вилијамс има работено на многу големи проекти во некои од големите компании во светот, вклучувајќи ги и „Perkins+Will“од Сан Франциско и AECOM каде што во моментов работи како директор на дизајн.

Нејзините најпознати згради, вклучувајќи ја „Август Вилсон“ центарот за афроамериканската култура во Питсбург, кој ја покажува нејзината посветеност на максимизирање на потенцијалот на локацијата. Овој центар, на пример, е простран отворен и прозрачен и покрај тоа што се наоѓа на агол од тесна улица.


Заха Хадид (Zaha Hadid)

Кога Заха Хадид ненадејно почина, минатата година, беше од една од најпознатите и најпочитуваните светски архитектки. Нејзинита дела со смели линии и скулпторска експресивност, се доволно силни за да секого да претворите во обожавател на архитектурата. Уникатната визија на Хадид ѝ овозможи целосно да ги искористи дигиталните и визуелни технологии, создававајќи објекти кои можат да се опишат единствено како трансформативни.

„Мислам дека архитектурата не може да се научи, можете само да ги инспирирате луѓето“, изјави таа во една пригода.

(крај)

Кон првиот дел

Извор: Architizer

ОкоБоли главаВицФото