26 жени што ја променија архитектурата (1)

08.03.2017 13:08
26 жени што ја променија архитектурата (1)

Амали Андраос

 

Во изјавата за „Њујорк тајмс“, архитектката Јен Ха откри една непријатна вистина за професијата: Жените во архитектурата сè уште се дискриминирани на работното место, секојдневно водат битка за почитување во студиото, на градилиштето и секаде каде што ги води работата.

„Апсолутно секојдневно се соочуваме со пепреки, вели Ха. „Архитектурата, во голема мера, е сè уште област во која доминираат белите мажи и не е честа појава да се види жена на градилиште или на големите состаноци со инвеститорите. Секој ден, мора да потсетувам некого дека всушност јас сум архитект и тоа не некој обичен архитект, туку одличен архитект.

Овие чувства ги делат и многу други жени архитекти интервјуирани од „Тајмс“. И самата Заха Хадид, која почина мнатата година, беше добро позната по тоа што постојано укажуваше на недостатокот на родова еднаквост во архитектурата, тврдејќи дека, и покрај кампањите против дискриминацијата на работното место, „архитектурата сè уште е машки свет“.

Списанието „Architizer“, по ненадејната смрт на Хадид, минатата година и за потребите на доделувањето на годишните награди за архитектрура „A+ “, направи список од 26 архитектки кои имале клучно влијание врз начинот на размислување за околината и современата архитектура во светот.

Амали Андраос (Amale Andraos)

Во текот на изминатите две децении, Амали Андраос стана позната и почитувана како архитект, педагог и теоретичар на урбанизмот. Таа е декан на Факултетот за архитектура на Универзитетот Колумбија, во Њујорк, а исто така партнер основач на „WORKac“, фирма посветена на „позиционирање на архитектурата помеѓу урбаното, руралното и природното“. Таа е автор на книгите „49 градови“ и „Above the Pavement—the Farm!“. И во двете, авторката бара начини за редефинирање на односот помеѓу градовите, фармите и природата.

Алисон Брукс (Alison Brooks)

Архитектка од Лондон со скулпторски приод кон формата и пропорцијата, Алисон Брукс е една од најоригиналните британски архитектки. Во 2013 година ја доби годишната награда „AJ Woman Architect of the Year“. Еден од членовите на комисијата, Пол Монаган, аплаудираше за изборот и објасни дека: „нејзината комбинација на скулптура, архитектура и детаљ е тоа што ја направи моќна фигура во британската архитектура.“

 

Татјана Билбао (Tatiana Bilbao)

Татјана Билбао е позната по дизајнот на елегантните, геометриски резиденции, но она што е веројатно најголемата заслуга на оваа архитектка од Мексико Сити се нејзините решенија за одрлжливи и евтини станови. Во 2015 година, во интервју за „Architizer“ таа објасни дека нејзиниот план е да се создаде серија на високо приспособливи модуларни куќи кои би можеле да се состават за малку пари, околу 8.000 долари. „Нашата идеја беше да се покаже дека постојат многу можности за оваа куќа, на која можете да ѝ додадете волумен и дека навистина можете да ја зголемувате и менувате куќата на повеќе различни начини“, рече Билбао за својот проект.


Лина Бо Барди (Lina Bo Bardi)

Лина Бо Барди (1914-1992), бразилска архитектка, родена во Италија, најпозната по нејзината експресивна употреба на материјали и нејзиниот животен проект на истражување на социјалните можности за дизајн. Нејзиниот уникатен сензибилитет, во потпоност го пронајде својот израз во нејзиното ремек-дело од 1982 година, „SESC Помпеја“, што е фабрика претворена во луксузна зграда со воздушни патеки и асиметрични прозорци, налик на авионски или бродски. Не постои друга слична зграда како оваа „фабрика претврена во центар за одмор“, која е доволна причина да се планира патување во Сао Паоло во зима.


Денис Скот Браун (Denise Scott Brown)

Иновативен архитект, извонреден теоретичар и сопруга на Роберт Вентури - со кого таа ја основала фирмата „Вентури, Скот Браун и соработници“. Денис Скот Браун е вистинска американска икона. Во 2015 година, Скот Браун и нејзиниот сопруг добија двојна награда за животно дело „A + “ што ја доделува „Architizer“. Соодветен избор со оглед на тоа што овој пар, повеќе од кој било друг креативен тим, влијаеше на обликувањето на она што го знаеме како „Постмодернизам“.

„Не постои безгрешно зачнување на идеи“, изјави Скот Браун во интервју по повод наградата. „Соработката е вистината на архитектурата“.


Беатрис Коломина (Beatriz Colomina)

Една од најистакнатите историчарки на архитектурата во светот, чии истражувања се фокусираат на односот меѓу архитектурата и медиумите. Нејзиниот интерес за поврзувањето на архитектура со другите дисциплини беше навистина трансформативен за Факултетот за архитектура, на Универзитетот Принстон, каде што таа ја основаше програмата „Медиумите и модерноста“. Таа пишува: „Модерната архитектура станува модерна само преку својот ангажман со медиумите.“ Нејзините дела се задолжителна литература за секој што е заинтересиран за релевантноста на архитектурата за пошироките прашања на модерноста.

Шерон Дејвис (Sharon Davis)

Архитектурата е втора кариера за Шерон Дејвис, на која се префрли по многу години работа во финансискиот сектор. Откако дипломираше, Дејвис не губеше време, туку тргна во градење на исклучителна кариера. Нејзиниот прв голем проект беше исклучително успешниот Центар за жените во Руанда. Како што напиша новинарката на списанието „Architizer“ Емили Нонко, „овој проект беше многу повеќе отколку само безбедно место за жените на Руанда, мораше да се создаде економска можност и солидна социјалната инфраструктура.“

Моделот што го разви Дејвис е функционален и удобен: кампусот вклучува пазар, градини, резиденции за гости и заеднички простор, сите наредени во кружна формација. Тој одговара на потребите, онака како што Дејвис ја опиша својата визија за трансформација. Таа тврди дека целта е да се „дизајнираат извонредени згради кои ја менуваат иднината на заедницата.“


Одил Дек (Odile Decq)

Одил Дек е архитект чие дело „зборува со имагинацијата. Нејзиниот „Фантом Ресторан“ во прославената „Опера Гарние“ во Париз е студија во која се судира темпоралноста, со црвени и бели биоморфични форми што го предизвикуваат засводенот плафон на оперската куќа. Но, како што знае секој добар обожавател на операта, конфликтот може да донесе хармоничност. Во „Фантом ресторанот“, старите и новите стилови се преплетуваат во еден вид танц кој ја зголемува драмата на секоја од нив. Всушност, храброста е основата на целокупното дело на Дек која остро ја критикува идејата дека единствена дефиниција на елеганцијата е воздржаноста.


Лиз Дилер (Liz Diller)

Како основачка на прочуената фирма „Diller Scofidio + Renfro“, името на Лиз Дилер е во врв на уметноста и дизајнот уште од крајот на 70-тите години. Со концептуалните проекти како „Блур зградата“ - вештачки облак кој беше швајцарски павилјон на ЕКСПО 2002 - и функционалните обележја како што е објектот на Институтот за совремна уметност во Бостон, дело на нејзината фирма, Дилер ја заработи репутацијата на иноваторка.

Дилер доаѓа од областа на уметноста и тоа е причината за нејзината способност да остане слободна од воспоставените архитектонски конвенции.

„Во раните години имав критички став да го предизвикам она што значи архитектура и како таа може да комуницира со другите културни дисциплини“, објаснува таа. „Не можев веднаш да почнам да градам згради“.

 

 


Џејн Дру (Jane Drew)

Џејн Дру (1911 - 1996) е британска архитектка која крена прашина не само со фактот што беше истакната жена архитект - што беше доволно значајно во средината на минатиот век во Британија – туку и како гласен поборник на модернизмот. Како архитектка со општествени и меѓународни интереси, извонредната кариера на Дру ѝ донесе големи проекти во западна Африка, Индија и Иран, како и во нејзината родна Англија. Според неа, таа дизајнирала „сè, од кујни, па натаму“ и секогаш со интерес за комбинирање на формата и функцијата.


Реј Имс (Ray Eames)

Заедно со нејзиниот сопруг Чарлс Имс (1907-1978), Реј Имс (1912-1988) е дефиниција за модернистичкиот „кул“ за цела една генерација Американци. Освен по иконичниот стол на Имс, дуото е познато и по куќата на Имсови во Лос Анџелес, целосно изградена од монтажни челични делови наменети за индустриски конструкции... Зградата која со децении ќе биде дом и студио на двојката, беше завршена во многу краток рок, отелотворувајќи ја долгогодишната идеја за ефикасност и квалитет.


Џин Ганг (Jeanne Gang)

Соработничка на Мекартур и основачка на „Студио Ганг“ во Чикаго, Џин Ганг е една од најпознатите архитекти во Америка. Нејзиниот обкагодер „82-приказни Аква“, вистински е дома во овој град на ветерот, метропола позната по своите иконични кули. Иако е таа визионер исто како секој друг архитект што оставил свој белег во Чикаго, филозофијата на креативноста на Ганг, го претпочита смирениот и отворен ум.

„Добрите идеи доаѓаат отсекаде“, изјави таа во една пригода. „Поважно е да се препознае добрата идеја, отколку да бидеш нејзин автор“, вели таа.


Петра Гип (Petra Gipp)

Шведска е студена земја, факт кој се рефлектира во литературата на нацијата, како и нејзината архитектура. Петра Гип, со своите чисти линии и давањето предност на сировите површини, несомнено е дел од оваа традиција. Нејзината работа ни покажува како, кога ќе добро ќе го употребиш, студенилото може да биде утешно.

(продолжува)

Извор: Architizer

Слични содржини

нема
Јавни Простори
Јавни Простори / Свет / Култура

ОкоБоли главаВицФото