Активисти бараат казни за оние кои малтретираат и трујат животни

11.04.2017 09:14
Активисти бараат казни за оние кои малтретираат и трујат животни

Голем број граѓани во неделата се собраа на плоштадот во Скопје за да го изразат својот револт од труењето кучиња.

Извикуваа „Правда за животните“, „Убијци“, „Затвор за трујачите“. Побараа масовна стерилизација на животните, полиција за животни која би спречила насилство над животните, забрана на слободната продажба на отрови кои се опасност за здравјето и животот на сите животни, но и на луѓето, и воведување на казна затвор за насилниците кои малтретираат животни.

„Сакаме да апелираме до институциите да си ги вршат своите надлежности и да ги фатат и санкционираат трујачите и насилниците. Постојат закони за ова, а институциите не реагираат. Ние бараме животните масовно да се стерилизираат, да има стационари во сите општини, а не вака со логорот Вардариште каде што ги убиваат животните“, велат активистите.

Движејќи се зад транспарентот „Глас за безгласните, правда за животните“, тие се упатија кон Собранието на Република Македонија. Таму симболично истурија сода бикарбона асоцирајќи на истурањето отров од кој повеќе домашни и улични животни се затруени.

На протестот имаше фотографии од отруените животни, кучињата убиени во стационарот Вардариште и апели до институциите да почнат да си ја вршат работата.

Точниот број на отруени животни не се знае, но активистите тврдат дека најголем број на отруени животни има во Скопје.

Претходно имаше случаи каде кучиња нападнаа луѓе, а фатален беше случајот во кичевско Бачишта каде дете почина откако го искасаа повеќе кучиња. По ова, невладините алармираа дека има и труење на кучиња низ Македонија.

Извор: Фактор

ОкоБоли главаВицФото